Во текот на ноќта пожарот се приближил до шумскиот пат од влезната капија на ловиштето, но благодарение на претходно расчистениот терен не било дозволено негово понатамошно ширење
И денеска продолжува борбата на надлежните за да го стават под контрола големиот шумски пожар во ловиштето „Јасен“ кој беснее веќе неколку денови. Во текот на ноќта, како што информираше директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов, огнот се приближил до шумскиот пат што води од влезната капија на ловиштето до ресторанот на брегот на вештачкото езеро Козјак, но благодарение на претходно исчистениот терен од вегетацијата било спречено негово понатамошно ширење.
Во акцијата биле вклучени припадници на Единицата за брзо распоредување со „пинцгауери“, вработени во ловиштето, како и пожарникари од Скопје и Македонски Брод, но и членови на Дирекцијата за заштита и спасување.
„Утрово започна и специфична и опасна операција за правење нов противпожарен појас на стрмниот гребен кој се спушта кон езерото, со цел огнот да биде целосно запрен. И покрај густиот чад, еден полициски и еден армиски хеликоптер веќе дејствуваат од рано утро, а се очекува приклучување и на ‘ер трактор’ од ДЗС штом се расчисти видливоста“,
кажа Ангелов.
Во моментов во државата се активни уште неколку пожари кои се безопасни бидејќи горат трева и грмушки.