Бугарските власти информираа дека во тек е истрага за падот на авионот во воздухопловната база „Граф Игнатиево“. Преземени се мерки за локализирање на пожарот што избувнал по падот на леталото и се утврдуваат причините за несреќата. Надлежните не соопштуваат официјална информација за повредени и жртви
Воен авион „Л–39 албатрос“ се урна во воздухопловната база „Граф Игнатиево“ во Областа Пловдив во Бугарија, јави БТВ.бг. Телевизијата објави засега непотврдени информации дека при падот загинале двајцата пилоти.
Несреќата се случила за време на подготовка за утрешниот аеромитинг во Третата воздушна база, настан кој сега е откажан од министерот за одбрана Атанас Запријанов, соопшти бугарското Министерството за одбрана.
„Се случи тешка авионска несреќа. Авион ‘Л-39 албатрос’ се урна за време на тренинг-лет. Нема официјална потврда за жртви“,
изјавија за БТВ од Министерството за одбрана.
Бугарските власти информираа дека во тек е истрага. Преземени се мерки за локализирање на пожарот што избувнал по падот на леталото и се утврдуваат причините за несреќата.
Советничката за медиуми на Министерството за одбрана Евелина Бранимирова изјави дека истрагата за инцидентот ја презела Воената полиција. Според неа, се работи за двоседен борбен авион за обука.
„Во оваа фаза не можеме да потврдиме дали има повредени или жртви. Очекуваме истражните органи да кажат што се случува. Надлежните органи од Воената полиција се на местото на настанот“,
вели Бранимирова.
Воздухопловниот експерт Димитар Ставрев ги коментира карактеристиките на ова летало.
„Урнатиот авион бил со две седишта, произведен во поранешна Чехословачка во 1986 година. Можеби имало инструктори во него. Вкупно 36 од овие авиони ни беа доставени во текот на годините. Во моментов на располагање се шест авиони, од кои најверојатно четири се во употреба, бидејќи повторно има проблем со финансирање на нивниот ремонт. Неодамна неколку авиони се вратија од Чешка каде што беа на ремонт. Не знам дали тој што паднал бил меѓу нив“,
вели Ставрев.
Претходно денеска бугарскиот претседател Румен Радев како копилот учествуваше во демонстративен лет на борбен авион Ф-16 во таа воздухопловна база.