Градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев, вели дека не е можно да се распише тендер за набавка на услуги за забава. Иронизира кога прашува, што би стоело во условите. Да знае изведувачот да пее на српски? Да биде симпатичен на публиката? Да знае да го расположи народот?
Долгогодишниот домашен музичар Петар Младеновски од „Суперхикс“, пак, смета дека постои естрадна мафија и кланови кај кои завршуваат најголем дел од парите кои општините ги трошат за забавни манифестации. Главен критериум, според него, е вкусот на тие што го прават изборот
Од Центарот за граѓански комуникации, организацијата која ја направи првата база на исплатени хонорари на пејачи и пејачки од општински пари, повикуваат на што поголема транспаретност на процесот. Предупредуваат дека постои тренд договорите да се склучуваат со агенции, па повеќе и не може да се дознае чиј настап колку чинел
Повеќе од еден милион евра годишно трошат општините на забавни манифестации и изведувачи… Најголем дел од парите одат кај пејачки и пејачи како Северина, Јелена Розга, Саша Ковачевиќ.
„Можеби досега имаше некаков мит, постоеше, дека станува збор за донации, дека плаќаат одредени фирми. Ова се еден милион евра пари од буџетите на општините, значи од граѓаните“,
изјави Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации.
Но, истражувањето на Центарот за граѓански комуникации покажува дека овие постапки не се транспаренти и дека вообичаено нема јавни огласи?
„Како би пуштиле нешто на тендер и на аукција кога станува збор за уметност и за изведувачи?“,
кажа Митко Јанчев.
Има ли начин, ако не да се троши помалку, тогаш барем да се троши потранспарентно на музичари и манифестации?
Центарот за граѓански комуникации е невладина организација која речиси две децении ги следи јавните набавки во земјава. Последнава година и половина работеа и на анализа за парите кои ги трошат општините на изведувачи најмени за различни пригоди – од прослави до културни манифестации.
За последната цела календарска година, 2023-та, во категоријата топ пет потрошувачи се: Струмица со исплати од 190 илјади евра, Кавадарци со 156 илјади, Град Скопје 110 илјади, Штип со 86 и Велес со 48 илјади евра.
Токму поради тоа што не станува збор за мали пари, загрижува ниската транспарентност при овие постапки, велат од Центарот за граѓански комуникации.
„Речиси сите некако го имаат избегнато спроведувањето на Законот за јавни набавки, односно сите имаат избегнато некаква конкурентна постапка. Законот дозволува за вакви манифестации до десет илјади евра да се спроведе т.н. постапка со посебни услуги односно да не се спроведе тендер. Понатаму, ако е над десет илјади евра, може да се спроведе еден вид на… да се објави оглас и да се спроведе постапка со преговарање или претходно известување. Така што, сето тоа се минимални, да кажам, процедури“,
рече Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации.
Тоа што општините не се обидуваат во конкурентна постапка да се изборат за пониски цени не е единствениот фактор што битно влијае на висината на трошоците. Од базата на податоци, јасно е дека далеку повеќе пари чинат настапите на странските отколку на домашните изведувачи.
За илустрација, најскапо платениот изведувач е Северина која добила хонорар од 25 илјади евра за настап во Крива Паланка. Следува Јелена Розга, која инкасирала нешто повеќе од 22 илјади евра за настап на Етно плоштад фестивал во Берово, а Хари Мата Хари наплатил 19 500 евра за настап на Неготинска вечер во Неготино.
„Немаат правила општините како ќе ги изберат и кој пејач ќе пее. Претпоставувам дека пак е прашање на некоја лична преференца или можеби се следи трендот што е популарен, не знам. Имајќи предвид дека 2023 и 2024, годините што ги анализиравме, некако слични пејачи се вртеа во информациите од општините. Некои и лани и годинава биле ангажирани. Така што, претпоставувам дека е некаков тренд“,
вели Герман Филков.
Кавадарци е општина која се наоѓа на самиот врв на листата потрошувачи за оваа намена. Низ текот на годините, на градскиот плоштад настапија бројни звучни имиња, пред се од поранешните југословенски простори.
„Многу е тешко тоа да се договори, мене ако ме прашате јас вака народно би кажал и свадба кога правев не ми значеше музиката која ќе биде и кој ќе свири и не викнав некое звучно име, туку сакав да биде традиционална музика, да си направам свадба и со моите родители со најблиските, да помине тоа како што треба. Ова го рачунам како еден вид свадба на градот и во тој дел која музика ќе настапи, кој уметник ќе настапи, една од точките од критериумите е тој уметник да може да привлече маса на луѓе“,
кажа Јанчев.
Во оваа општина наместо директна исплата на финансиски средства на артистите, секоја година се најмува маркетинг-агенција која ги организира манифестациите. Според истражувањето на Центарот за граѓански комуникации, тоа отвора можност за зголемување на трошоците, но е пречка да се открие – кој изведувач, колку пари добил за настапот.
Градоначалникот Јанчев вели – нема друг начин. Тој лично не може да дојде до ѕвездите, а не пак да преговара.
„Ниту како општина, ниту јас како Митко Јанчев, а верувам дека и вие лично не можете да се обратите до ниту еден уметник до тоа ниво. Сите си имаат свои менаџери, си имаат подменаџери и си имаат потпишано договори за во која земја со кој разговараш. И ние никогаш досега не сме разговарале директно со ниту еден изведувач. И македонските изведувачи од повисок ранг не разговараат директно со преговарачот туку си имаат свои менаџери“,
изјави Јанчев.
Покрај Кавадарци, свое место кај поголемите „трошаџии“ зазема и Општината Штип.
Па, до градоначалникот Иван Јорданов ги упативме истите прашања како до неговиот колега од Кавадарци – како општините одлучуваат кој музичар ќе биде ангажиран за одреден настан и дали недоволната транспарентност остава простор за сомнеж дека народните пари се трошат нерационално.
„Секогаш до нас како локална самоуправа стигнуваат одредени понуди од страна на музички имиња кои сакаат да учествуваат на овие организации… истите овие понуди се презентираат пред Советот, се усвојуваат со одлука и подоцна нивното ангажирање нормално се исплаќа“,
кажа градоначалникот на Штип.
Градоначалникот на Штип е свесен дека законот им нуди можност да ги протнат набавките на ваквите услуги речиси без никаква транспарентност, особено ако се во вредност до 10 000 евра. Но, препознава дека тоа треба да се смени.
„По однос на изборот, начинот и информацијата која се пласира во јавноста, секако е потребно да се движиме во правец да се направи одреден исчекор во подобрување на транспарентноста при изборот и нормално информирање на јавноста за висината на средствата со кои се ангажираат сите изведувачи“,
кажа Јорданов.
Кога се во прашање домашните изведувачи, истражувањето покажува дека општините потешко го одврзуваат ќесето.
Годинава, во десетте најплатени изведувачи имаше место само за две лица од Македонија – Бојана Скендеровски, која наплатила 13 000 евра за настап во Неготино, и Каролина Гочева чиј настап во Крива Паланка ја чинела општината нешто повеќе од 11 000 евра. Само уште еден македонски артист годинава добил повеќе од 10 000 евра за настап – Кирил Џајковски за ревијалната вечер на Фолк-фест Валандово.
Но други, релативно познати имиња од домашната сцена, настапувале за многу пониски хонорари. На пример:
Ламбе Алабаковски пеел и за 542 евра, на манифестацијата Илинден 2023 во Битола. ДНК добиле 3 000 евра од Општина Велес, за настап на Фестивал на пита и вино. Наум Петревски настапувал за 680 евра, на Фолклоријадата во Градско. Андријана Јаневска пеела за дочек на Нова Година во Кочани за 813 евра. Групата „Љубојна“ настапувала за 2138 евра на „Пастрмајлијада“ во Штип.
На што се должат овие разлики во сумите кај домашните и странските изведувачи?
„Јас сум длабоко убеден дека тие се естрадни мафии и кланови од соседството кои се врзани со дел тие луѓе и мислам дека постои преќутен бизнис зад сето тоа ангажирање бидејќи навистина сумите кои се исплаќаат под изговор дека народот тоа го бара, а народот го бара она што ќе му сервираш и што ќе го научиш и таа публика се обликува и се гради и вкусовите се градат, едноставно тие се едните исти лица од соседството“,
изјави Петар Младеновски од „Суперхикс“.
Младеновски вели дека земјава има што да понуди на музички план. Па, според него, несфатливо е кога веќе се одвојуваат средства од парите на граѓаните, да не се користат за промоција и развој на македонската музика и песна.
„Имаме и рок, поп, млада сцена кои работат но нивно ангажирање не се случува, тоа го знаат ваљда луѓето од општините и тие кои ги креираат тие политики, најчесто изговорот е дека публиката тоа го бара, а по мое убедување тоа не е така туку најчесто во тие кабинети седат луѓе кои имаат свој личен вкус или свои желби за ангажирање на одредени артисти“,
кажа Младеновски.
Па, има ли решенија? На декларативно ниво, градоначалниците се согласни дека треба да се направат чекори изборот на изведувачи да биде според јасни правила и да се знае кој колку е платен.
Но, како да се воспостават процедури? Првиот човек на Кавадарци има оригинален предлог – да се формира државно тело кое би било лиценцирано да преговара во име на која било општините.
„Како би пуштиле нeшто на тендер и на аукција кога станува збор за уметност и за изведувачи. Буквално ако сакаме да купиме автомобил можеме да кажеме 2 000 кубика да биде, класа 3, да е до 150 коњски сили, таква потрошувачка и ред други работи. Што би ставиле во тој тендер? Значи буквално не знам. Да знае да пее српски, да го располжи народот, да биде симпатичен на бината, нe гледам начин како ние тоа би го направиле“,
заклучи градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев.