„Ќе потсетам дека најпрво депонијата ‘Вардариште’, потоа депонијата ‘Дрисла’, вчера депонијата во Шутка, денес оваа фабрика зад мене. Значи се работи за намерно подметнат пожар, ние сме мета на хибриден напад, за мотивите може само да погодуваме“, изјави директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, во изјава снимена попладнево го нарече тежок пожарот што избувна во фирмата „Ф-Групација“ што се занимава со електорнски отпад.
Англов рече дека фирмата има два погони на местото каде што избил пожарот во скопско Трубарево што биле зафатени од огнот и дека на самото место имало поголема количина пластика поради што се создал густ и црн час за кој рече оти верува и дека е токсичен.
„Наша првенствена цел е да не дозволиме понатамошно ширење на пожарот. Од тие причини, сите ресурси што ги имавме на располагање во Градот Скопје итно ги насочивме кон овој голем пожар. Овде на лице место се наоѓаат наголемиот дел од противпожарните возила на скопската Противпожарна бригада. Исто така тука се наоѓаат и три Бе-Те-Ер возила и еден ‘Хермелин’, а цело време дејствуваат еден полициски хеликоптер, еден армиски хеликоптер и еден ‘Ер-Трактор’ на ДЗС“,
вели Ангелов.
Тој додаде дека во моментов нема информации за повредени луѓе, а за гаснење на огнот побарана е помош од соседните противпожарни единици.
Ангелов изјави дека, според неговата перцепција, се работи за намерно подметнат пожар.
„Повеќе од сигурно е намерно подметнат пожар бидејќи не е едноставно да се запали ваков објект. Според мене, ова е хибриден напад врз државата бидејќи да се случат олку тешки пожари што предизвикуваат големо загадување на воздухот во главниот град, ќе потсетам најпрво депонијата ‘Вардариште’, потоа депонијата ‘Дрисла’, вчера депонијата во Шутка, денес оваа фабрика зад мене. Значи се работи за намерно подметнат пожар, ние сме мета на хибриден напад, за мотивите може само да погодуваме“,
смета Ангелов.

Според Ангелов, Министерството за внатрешни работи (МВР) и останатите безбедносни служби работат на откривање на сторителите и спречување на намерно предизвикување пожари.
Тој апелираше до граѓаните да го пријават секое сомнително однесување.
„Лица што носат туби или шишиња со жолта течност која може да биде бензин или други лица што се однесуваат сомнително особено околу вакви објекти, веднаш да ги пријават во најблиската полициска станица, на бројот 112 или на друг начин“,
повика тој.
Претходно, директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Мухамед Али информираше дека во 13:38 часот, преку единствениот број за итни повици 112, бил пријавен пожар во, како што вели, штала наменета за складирање отпадни електрични материјали.
Али додаде дека пожарот за кратко време предизвикал густ и црн чад, а огнот се проширил на неколку околни објекти.