Во 2012 година биле реализирани 1,6 милиони рецепти за анксиолитици. Во 2024 г., последната година за која Фондот за здравствено осигурување има објавено податоци, биле реализирани 2,4 милиони рецепти за истата група на лекови
Зависност којашто не се детектира како зависност, ја опишува д-р Васка Митова навиката на употреба на анксиолитиците и по препорачаниот период на користење
Фондот за здравствено осигурување секоја година објавува детални извештаи за потрошувачката на лекови. Документите се јавни, бројките прецизни… но нивната суштина ретко излегува од табелите.
Додека Фондот брои рецепти на годишно ниво, државата ги брои своите граѓани еднаш во деценија, а во македонскиот пример – и во две. Ако во 2002 година биле попишани 2 022 547, во 2021 година, резидентното население изнесуваше 1 836 713. Тоа се 9,19 отсто помалку жители. Луѓе се помалку, а истовремено во 2012, според Фондот за здравствено осигурување, биле реализирани 17 485 146 рецепти, а во 2024, 25 013 389 рецепти. Тоа се 43,06 отсто повеќе.
Една од најголемите енигми во нашата анализа беше што постојано расте и бројот на реализирани рецепти под кодно име „анксиолитици“ – дијазепам, лексилиум и хелекс. Според граѓаните, како народ имаме навика да чуваме и резерви од лекови дома, за секој случај.
За илустрација, во 2012 се реализирани вкупно 1,6 милиони рецепти за анксиолитици, а во 2024 година, за Диазепам, Хелекс и Лексилиум, вкупно 2,4 милиони рецепти. Ако оваа бројка се спореди со официјалното резидентно население, излегува дека преклани, во просек, се издавале 1,3 рецепти за анксиолитици годишно по жител. Оваа бројка веројатно е поголема бидејќи јавно ги имаме податоците само за т.н. бели рецепти, а не и за т.н. розеви со кои лекот се купува на приватно и за лековите кои се „пуштаат“ под рака, без никаков рецепт.

Но, еден рецепт не значи еден пациент. Во пракса голем дел од лековите веројатно завршуваат кај хроничните пациенти, што го отвора прашањето за се пораширена долготрајна и повторувачка употреба на овие бензодијазепини.

„Многу често се случува злоупотреба и таканаречена една „сива зона“, зона на толеранција и многу често зависност којашто не се детектира како зависност, значи не е шифрирана односно дефинирана дијагностички како зависност, но е зависност. Бидејќи тие пациенти се функционални, значи работат, се движат, немаат никакви други потешкотии освен употребата секојдневна или злоупотреба, веќе можам да кажам, на одредени бензодијазепински агенси“,
изјави Митова.

Ги анализиравме сите јавно достапни извештаи, концентрирајќи се пред се на потрошувачката и побарувачката на анксиолитици во Македонија од 2012 до 2024 година.
Кај диазепамот, трендот започнува со 882 илјади рецепти во 2012 година. По благ пад во 2013, бројката во 2014 година изнесува 886 илјади, за веќе во 2015 да ја пробие границата од еден милион. Во 2018 година се искачува на 1 милион 148 илјади. За време на пандемијата во 2020-та достигнува 1 милион 311 илјади, а во 2021 го бележи максимумот од 1 милион 380 илјади рецепти. Во 2024 година, реализирани се 1 милион 357 илјади рецепти.

Кај алпразоламот, најпознат под името Хелекс, лек индициран за брзо прекинување панични напади, растот е константен. Стартува со 459 илјади во 2012 година. Во 2014 е на 480 илјади, а во 2015 се искачува на 514 илјади. Во 2018 изнесува 536 илјади. Во 2020 година прави нов скок на 605 илјади. Во 2021 расте на 650 илјади, за во 2024 година да го достигне историскиот максимум со над 670 илјади реализирани рецепти.

Бромазепамот, односно Лексилиум, во 2012 година бележи 326 илјади издадени рецепти. Расте на 382 илјади во 2015 година. Во 2018 изнесува 362 илјади. Пикот го достигнува во 2021 година со 395 илјади, додека податоците за 2024 година покажуваат реализација на 374 илјади рецепти.

Растот во континуитет, според психијатарката Митова, меѓу другото, се должи на стари навики и ниска свесност на поголемиот дел од граѓаните. Бројката на реализирани рецепти, вели, несомнено е поголема оти секој може да ги добие лековите со розев приватен рецепт во аптека, кој се уште не е доволно регулиран.

„Кога ќе се навикне еден организам, треба да се направи план на исклучување. Но, кај нас сè уште нема доволно свесност дека тоа нели може да штети на самиот организам, на самиот мозок, на самата индивидуа и дури нели да се влошува со тек на време, бидејќи пак ќе спомнам, културолошки е некако оправдано. Диазепам кога ќе спомнеме, многумина го користат и нели „го пие комшиката долго време, па и мене може да ми помага“, „пред спиење си земам“… не се смета дека е нешто што може вистински да наштети. Така што, имаме една веројатно послаба здравствена и психоедукација. И секако дека имаме употреба којашто не се користи само, морам тоа да напоменам, за психички нарушувања, бидејќи овие агенси имаат еден малку поширок спектар“,
кажа Митова.
Бензодијазепините се наменети за краткотрајна употреба, најчесто до четири недели. Нивната долготрајна употреба може да создаде зависност, толеранција и синдром на повлекување. Кај повозрасните пациенти, го зголемуваат ризикот од когнитивен пад, а прекумерната употреба предизвикува зголемена анксиозност, агресивност, депресивност, а во краен случај и смрт.

Прва линија на одбрана во здравствениот систем е примарното здравство – матичните лекари. И за нив, зголемувањето на употребата на анксиолитици е евидентно.
„Растот најчесто не доаѓа од нови пациенти, туку тоа е повеќе од пациенти коишто, како што спомнавте, се заглавени во тој круг на анксиолитици коишто ги земаат за различни индикации. Меѓу нашиот народ е позната фразата „земи дијазепам да се смириш“, па за било која потешкотија луѓето посегнуваат по тоа и без препорака на лекар“,
рече д-р. Симуновска.

Неретко се случува пациентите да посегнат по анксиолитици оти во нив гледаат брзо решение и своевиден „спас“, притоа занемарувајќи го фактот дека веќе стануваат зависни од нив.
„Системските услови се не помалку важен фактор за лековите да бидат прва линија на избор за терапија. Недоволно развиени психолошки услови, ограничен пристап до психотерапија и други алтернативи на нефармаколошки третман некогаш го тераат здравствениот систем лековите да бидат прв избор на терапија. Понатаму, недоволно стручни кадри, ограничено време на лекарот за работа со пациенти, недостаток на време на самите луѓе, административен притисок, финансиски притисок. Сите тие создаваат една средина каде што лековите стануваат побрзо и поедноставно решение. Иако препораките се, нели како што и вие кажавте, за на долг рок потребни се сите тие нефармаколошки пристапи, меѓутоа кај нас и самите системски услови се значаен фактор за лековите да бидат прва линија на третман“,
изјави Симуновска.
Официјалните извештаи покажуваат дека институциите реагираат на овој тренд исклучиво преку зголемување на буџетот, оти согласно податоците, само во 2024 година за анксиолитици се одвоени дополнителни еден милион денари во однос на претходната 2023 година.

„Таблетите не се најдобриот одговор секако, но се најбрз и ефикасен. Значи не треба да ги демонизираме, ги користиме секојдневно во практиката кога навистина има потреба. Но, кога ќе ја снема акутната потреба, треба да се гради личноста и механизмите на справување, што не секогаш е возможно – зависи за каква состојба станува збор, бидејќи за психотерапија треба да има индикација и личноста да може да работи на себе“,
вели Митова.
Стабилниот раст во издавањето на дијазепам, хелекс и лексилиум, како што велат нашите соговорници, е директно предизвикан од културата на користење лекови, но и поради системските ограничувања. Со недоволно развиени алтернативи за нефармаколошко лекување, лековите остануваат првата и најчесто единствена линија на терапија, што на долг рок може да доносе повеќе штета отколку бенефит за корисниците.
