На 25 август 2020 година во собраниската архива е удрен печат за прием на вкупно петте одлуки на претседателот Стево Пендаровски за прогласување вонредна состојба, која траеше од 18 март до 23 јуни. Согласно Уставот, кога вакви одлуки носи шефот на државата, Собранието треба да ги потврди штом ќе има можност да се состане. Но, одлуките стигнаа на седница дури мината недела, еден месец по приемот и повторно заглавија. Сега бидејќи ги нема потребните две третини од гласовите на пратениците.

„Сакам да верувам дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема опозициска партија ќе си ја преиспита својата одлука. Од друга страна, убеден сум дека сето она што излегува по страните дека на некој начин доколку не се потврди одлуката со 2/3 мнозинство ќе има некакви реперкусии кон граѓаните, тоа го отфрлам со сигурност“,
изјави пратеникот од СДСМ, Костадин Костадинов (28.09.2020)

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека не даваат поддршка бидејќи власта го злоупотребила овластувањето да носи уредби со законска сила откако беше прогласена вонредната состојба.
„Наместо да се носат одлуки за постигнување на целите за борба против пандемија и економска криза, се носеа многу мерки што немаа врска со пандемија и економија, но имаа врска со преидзборен поткуп, со одредени сомнителни јавни набавки, како што денес имаме извештај дека можеби биле потрошени повеќе милиони евра на сомнителен и нетранспарентен начин“,
вели пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски.

Ставовите на партиите не ветуваат дека наскоро ќе се донесе одлука што, пак, отвора други прашања. Што ако одлуките никогаш не се потврдат? Што ако има потреба од нова вонредна состојба? Какви уредби со законска сила можат да се носат кога е во сила вонредна состојба?
За Министерството за правда, решение за проблемот да не се повтори е носење посебен закон за вонредна и воена состојба. Комисиите веќе се формираат и според првиот човек на овој ресор, Бојан Маричиќ, фокусот ќе биде токму на носењето уредби со законска сила.
„Најголем дел од дилемите се однесуваат на уредбите. Ние имавме една многу специфична ситуација, имавме техничка влада која во суштина би требало да носи одлуки поврзани само со изборите и нивното доследно спроведување. Затоа, сметавме дека треба начинот на кој ќе функционираат уредбите, улогата на Собранието, распуштено, нераспуштено, важењето на уредбите и по завршувањето на вонредната состојба, мислам дека сето тоа се теми за да имаме чиста ситуација во која било наредна точка“,
вели министерот за правда Бојан Маричиќ.

За да нема концентрација на моќ, Маричиќ потсетува дека Владата сама барала Собранието да се состане. Но, откако тоа не се случи, извршната власт морала да носи секакви мерки, вклучувајќи ги оние што ги напаѓа опозицијата – економските.
„Вие можете да кажете дека доделувањето финансиска помош или картичките не е во врска со вонредната состојба, но од друга страна реалноста ни укажува на тоа дека економските последици од кризата, со коишто се соочи целиот свет, мора Владата да ги решава во време на пандемијата бидејќи беа директно предизвикани од пандемијата“,
дополнува Маричиќ.
Можноста за одредување финансиска помош со владини уредби, најверојатно, ќе остане и во законското решение, како што вели Маричиќ, во согласност со препораките на Венециската комисија.

„Сето она што е врзано или е еднократна одлука, актуелна одлука за промена на некои законски прописи преку уредба може и треба да се донесе дури и да имаат важење по завршување на вонредната состојба. Од друга страна, системските решенија што оставаат трајни траги во системот, не знам, околу тоа на пример како да биде конципирана Академијата за судии и јавни обвинители или како да е конципирана АЕК или друго прашање, тоа не би требало да се носи во вонредна состојба“,
вели министерот Маричиќ.
Дека е потребен закон согласни се и од ВМРО-ДПМНЕ. Засега нема судир во пристапот, но опозицијата вели дека не е консултирана.
„Нашиот став е дека би требало овие две состојби и законски да бидат регулирани за да може да се знае кои механизми ќе бидат употребени, како државата би била поефикасна во вонредни или воени состојби и за да се минимизираат можностите за злоупотреба на ваквите состојби“,
вели Милошоски.
Но, ако има изгледи дека новиот закон ќе помогне да не се случи нова „каша“ од уставни толкувања во иднина, останува проблемот со сегашноста. Тоа е поради фактот што иако е истечен рокот на траење на вонредните состојби на претседателот, во член 126 од Уставот се вели:

„Овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на воената или вонредната состојба, за што одлучува Собранието“
пишува во Уставот.
Ова значи дека иако вонредната состојба е практично завршена, правно е нејасно дали Владата може да продолжи да си носи уредби со законска сила додека Собранието не одлучи дека вонредната состојба е завршена. Доцентот по уставно право Денис Прешова вели дека политички е апсолвирано дека вонредните состојби се поминати и дека Владата не може да менува закони, но тоа е само едно толкување.

„Сепак, треба да се има предвид дека тоа не е пракса во компаративното право и дека нашиот Устав и уставотворецот имаа многу јасно определено дека за завршување на воена и вонредна состојба одлучува исклучиво Собранието. Токму и тоа беше главниот проблем во изминатиот период, особено од моментот на прогласување на вонредна состојба и мислам дека сите овие компликации што ги имаме дополнително е што се одбиваше упорно и тврдоглаво, сметам и спротивно на Уставот и на законите, да се свика Собранието и да се потврдат одлуките и да се донесе одлука за вонредна состојба или евентуално потврдување на одлуките на претседателот“,
оценува асистентот по уставно право Денис Прешова.
Ако се продолжи да се проблематизира начинот на прогласување на вонредната состојба, вели Прешова, може да се случи да се проблематизира и правното дејство на уредбите со законска сила што ги донесе Владата. Независно од епилогот, тој смета дека веќе е поставен лош преседан, кој само делумно ќе се надмине со најавениот закон.

„Да, ќе разреши одредени прашања и дилеми. Дали сите ќе бидат разрешени, не сум сигурен, бидејќи морате да имате предвид дека секое правно нормирање со себе си носи и одредено ограничување, каде што не може да се предвидат сите други ситуации. За тоа постојат други институции кои би требало да ги адаптираат, да ги толкуваат, да ги применат на дадени околности. Ние видовме дека и Уставниот суд не беше на висина на задачата во однос на уредбите со законска сила, Уставниот суд има три различни става. Доколку не постои вистинска волја за почитување на уставната и законската рамка и доследна примена на правото, секое законско нормирање ќе постави повторно некој простор за злоупотреба или за манипулација“,
дополнува Прешова.
Каква ќе биде волјата на политичарите и уставните судии за најавениот закон за вонредна и воена состојба ќе се знае за три до четири месеци. Тогаш, вели министерот Маричиќ, текстот ќе биде ставен на јавна консултација, како со опозицијата така и со Уставниот суд и експертската фела. Ако сѐ помине „мазно“, законот би стапил во сила во првата половина на следната 2021 година.