Оставката на Румен Радев од претседателската функција во соседна Бугарија не беше неочекуван потег, но она што сега се наметнува како прашање е каква ќе биде магнитудата на земјотресот што овој чекор ќе го предизвика на политичката сцена и на претстојните предвремени парламентарни избори. Очекувањата се дека Радев може да победи и да ја предводи идната влада, иако дилемата е дали сам ќе стигне до апсолутно мнозинство во Народното собрание или ќе биде упатен на коалицирање. За овој најнов развој на настаните во соседната земја, како и за нивното евентуално значење за македонските евроинтеграции, разговарамe со Бојко Василев, еден од водечките новинари во Бугарија, уредник на популарната емисија „Панорама“ на Бугарската национална телевизија
360°: Ако до наредните избори нема доволно време за регистрирање нова партија, а се чини дека е така, тогаш како ќе настапи Румен Радев на тие избори?
Бојко Василев: Вие сте во право, нема доволно време тој да регистрира сопствена партија. Затоа Румен Радев ќе постапи така, како што постапи Цар Симеон во 2001 година – ќе ги искористи регистрациите на веќе постоечките мали партии. Тие можат да бидат една, две или повеќе. Мислам дека за тоа ќе дознаеме утре, кога Уставниот суд ќе ја прифати неговата оставка и веќе оттука натаму Румен Радев ќе ги објави своите планови.

Колку ќе биде силен бранот
360°: Господине Василев, на кои гласови смета господинот Радев на претстојните избори и може ли да се претпоставува неговиот резултат?
Бојко Василев: Социолозите очекуваат бран. Бранот значи дека Румен Радев смета на сите слоеви од населението, на масовно гласање во негова корист. И вие сте во право, ние уште не знаеме колку голем ќе биде бранот. Ние имаме традиција на бранови во бугарската политичка историја кога се појавува сосема нов играч и го мете сето останато. Таков беше случајот во 2001 година, како што реков, со Цар Симеон и неговото движење, во 2009 година тоа беше случајот со Бојко Борисов. Малку помали бранови, но сепак значителни бранови, направија во 2021 г. Има таков народ на Слави Трифонов и потоа Продолжуваме со промените. Сепак, да кажеме зошто, зошто има таков бран. Обично вакви големи гласања се појавуваат тогаш кога има некаква криза. Бугарија нема економска криза, напротив. Бугарија е можеби во најдобра позиција во целата своја историја гледано од економска точка, од гледна точка на заштедите на луѓето и од гледна точка на позиционирање во светот. Бугарија е дел од срцето на Европа, таа е членка не само на Европската Унија и НАТО, туку таа е членка и на Шенген и на Еврозоната. Но, во Бугарија веќе шеста година продолжува политичката криза. Таа е таква, бидејќи не можат да се решат две прашања, кои би направиле трајно политичко мнозинство во Народното собрание. Првото од тие прашања е геополитичкото – до кој степен геополитиката го одредува соодносот на играчите во бугарската политика според војната во Украина и според новите тензии меѓу Соединетите Американски Држави и Европа. Но, другото, поважно прашање, кое го користи Румен Радев за да го подигне својот бран, тоа е прашањето за корупцијата. Со други зборови, Бугарите, иако се, како што реков, најбогати во својата историја, имаат чувство дека треба да бидат променети правилата, тие правила треба да бидат поправедни, треба да има порешителна борба со корупцијата и токму тука Румен Радев ги насочува своите пораки. Тоа беше апсолутно јасно и за време на неговото финално обраќање како претседател.

Коалициски партнери
360°: Е сега, и самиот рековте, треба да почекаме да видиме колкава ќе биде силата на тој бран. За апсолутно мнозинство во бугарското Собрание потребни се 121 глас. Прашање е дали Радев може сам да стигне до таа бројка. Зборувате за корупцијата како најважно внатрешно-политичко прашање, за позиционирањето на земјата во однос на геостратешките прашања, па во таа смисла, ако Радев сам нема 121 пратеник, кои се неговите потенцијални коалициски партнери?
Бојко Василев: Засега тој има категорична поддршка само од една политичка сила. Тоа е Алијансата за права и слободи на Ахмед Доган. Тоа е еден дел од Движењето за права и слободи, кое, како што знаете, е поддржано од бугарските Турци, муслимани, исто така и од голем дел и од бугарското население. Како што веројатно исто така се сеќавате, таму имаше силна внатрешна борба и помалиот дел остана со Ахмед Доган. Друг потенцијален извор на поддршка е, ако на конгресот на Бугарската социјалистичка партија на 7 февруари се избере нов курс и нов лидер. Тоа може да биде исто така потенцијален сојузник на Румен Радев. Но, најголемото прашање тука е дали ќе има сојуз меѓу Румен Радев и градските либерали, кои на бугарската политичка сцена се претставени од Продолжуваме со промените – Демократска Бугарија. Тука целите се две – ако на Радев му недостасуваат гласови за самостојно мнозинство, дали тој ќе направи коалиција за да владее, формална или неформална, со Продолжуваме со промените – Демократска Бугарија. Но, има и второ прашање за уште поголемо мнозинство – нему веројатно ќе му требаат 160 гласа за да спроведе вистинска судска реформа, за да бидат избрани нови членови во Вишиот судски совет и ако треба да се направат нови промени во Уставот. Тука не можеме да очекуваме никакви прелиминарни најави. И двете страни, и Румен Радев, и Продолжуваме со промените – Демократска Бугарија, досега имаа сложени односи. Си кажаа тешки зборови, претежно по прашањата на геополитиката. Затоа, што и да се случува тука, тоа ќе се случува по парламентарните избори. Но, да кажам нешто многу важно, обично силата е таа што ги одредува коалициите. Бугарската политичка традиција е таква, но тоа важи и за секоја политичка традиција – ако Румен Радев демонстрира значителна сила и се доближи до апсолутно мнозинство во Народното собрание, тогаш прашањето за сојузникот ќе биде апсолутно елементарно. Тогаш сите ќе сакаат да се сојузат со него. Не само тоа, тие ќе бидат подготвени да му дадат можност да дејствува и преку неформална поддршка. Така што е многу важно какви луѓе ќе извади Румен Радев и каква ќе му биде кампањата.

Радев, Македонија и ЕУ
360°: За нашите билатерални односи – какво значење би имала евентуална влада предводена од Румен Радев, пред сѐ, во контекст на македонските евроинтеграции?
Бојко Василев: Јас мислам дека ништо нема да се промени. Во Бугарија има чувство, но и како човек што ја набљудува ситуацијата, јас сум категоричен дека топката е целосно на теренот на Република Северна Македонија. Република Северна Македонија има рамка за преговори со Европската Унија. Таа рамка е договорена со широк консензус во Европската Унија. Таа го вклучува вметнувањето на Бугарите во Уставот, почитувањето на договорот што ние сме го склучиле и сите прашања поврзани со тоа. Мислам дека рамката за преговори е апсолутно категорична. Оттука натаму сѐ зависи како од владата на Република Северна Македонија, така и од општеството во Република Северна Македонија – дали тоа сака Македонија да влезе во Европската Унија сега. Лично ако ме прашувате мене, јас ќе бидам исклучително среќен ако Република Северна Македонија ја донесе таа одлука и започне брзи, категорични, квалитетни преговори за влез во Европската Унија.
