Со законски измени кои се стари веќе 15 години, пратениците имаат обврска да се среќаваат со граѓаните во канцеларии за контакт со граѓаните. Тие канцеларии ги обезбедуваат општините, по барање на Собранието
Откривме дека не може да се дојде до средба баш со секој пратеник, но и дека дел од пратениците воопшто немаат канцеларии. Општините не им даваат од различни причини
Знаете ли дека пратениците во петок не треба да одат на работа во Собранието затоа што би требало да се среќаваат со граѓани? Со тоа предзнаење отидовме чекор понатаму – побаравме средби со пратеници од различни опции претставувајќи се како обични граѓани.
Истражувајќи, дојдовме до заклучок дека не е секогаш лесно да се дојде до пратеникот. Но и дека некои пратеници нема ни каде да ја извршат обврската.
„Се обидуваме да ги сензибилизираме и јавноста и градоначалниците на општините во сите форми да го направат вистинскиот чекор за да најдат простор за пратениците на општината од која доаѓаат.“
вели Гаши.
Поделени во два тима решивме да направиме тест – како на терен функционираат пратеничките канцеларии, деценија и половина по нивното воспоставување? Избравме по еден пратеник од четирите најголеми партии и коалиции во две изборни единици. Претставувајќи се како обични граѓани, се обидовме да закажеме средба со нив.
Почна во 2003 година, а целта беше и се уште е – пратениците да се поблиску до гласачите. Пратеничките канцеларии се зачнаа како проект помогнат од швајцарската Агенција за развој и соработка, американските УСАИД и Националниот демократски институт и домашниот Институтот за парламентарна демократија. Но, од 2010-та станаа и обврска.
Секој последен ден во работната недела (петок) се определува како ден за контакти на пратениците со граѓаните и избирачите во изборните единици.
Собранието во денот определен во ставот 2 од овој член по правило не одржува пленарни седници, седници на работни тела и активности на пратенички групи за соработка со парламенти на други држави, освен во итни и неодложни ситуации.
стои во Законот за Собрание.
Во изборната единица еден, според интернет-страницата на Собранието, би требало да се функционални пет канцеларии за контакт на пратеници со граѓани. И тоа, две во општината Аеродром и по една во општините Кисела Вода, Карпош и Македонски Брод. Во нив се распоредени четворица пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и еден од СДСМ.
Канцеларијата што ние ја одбравме ја делат пратеник од ВМРО-ДПМНЕ и пратеничка од СДСМ. Таргет ни беше социјалдемократката Даниела Николова.
За почеток, одбравме секаде да се појавиме ненајавени на врата. Адресата ја најдовме на веб-страницата на Собранието, но во пракса пронаоѓањето на канцеларијата е посложено. Единствен показател дека просториите се тие што ги баравме се листовите залепени на влезната врата од објектот.
Канцеларијата однадвор делува трошна. При првиот обид да влеземе наидовме на затворени врати. Па, се јавивме на бројот на асистентот за да се обидеме да закажеме средба.
Побаравме во понеделник, а веќе за петок ни беше закажана средба со пратеничката Даниела Николова во 12 часот.
Од Аеродром се упативме во Карпош, каде на надвозникот „Влајко“ канцеларија има пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Јаревски.
Локацијата изгледа напуштено, а и воопшто не е достапна за лица со попреченост оти ескалаторот на надвозникот одамна е надвор од функција. Некако, сепак, ја најдовме канцеларијата, која идентично како и во Аеродром, беше затворена.
Бројот на асистентот на пратеникот се наоѓа на самата врата, па го побаравме. По краткиот разговор, ни беше доставен приватниот број од пратеникот, со инструкции да му се јавиме лично и да договориме средба.
По пет дена, дојде време за средбата со пратеничката Даниела Николова. Го разоткривме нашиот идентет во првиот момент кога не прими најавени како граѓани.

„Едноставно, ние имаме одговорност во времето на мандатот во кој дејствуваме и тие треба да го имаат тоа како мотив и охрабрување, да знаат дека ние сме нивни народни избраници, дека стоиме пред нив и дека одговорноста ја имаме кон нив и нивното живеење, канцелариите се отворени“,
рече Николова.
Николова вели дека граѓаните кои стапуваат во контакт со неа најчесто даваат предлози поврзани со прашања од локално ниво. Бројот на посети и повици се зголемувале од година в година, бидејќи активно се спроведуваат кампањи за информирање.
„Не можам да речам дека не доаѓаат и со некоја идеја или барање да се подобри некое законско решение или пак да се информираат од каде сме дошле со идеја да тоа законски го решиме. Доаѓаат и со сериозни проблеми и сериозни идеи морам да кажам, кои навистина фасцинираат дека еве може да дојдат да поразговараат со нас за нивни проблеми од секојдневието кои навистина бараат посветеност и измени во законите за да можат нашите граѓаните да имаат поквалитетно живеење“,
вели пратеничката на СДСМ.
Три дена по средбата со Николова дојде понеделник, првиот работен ден по крајот на службеното патување на пратеникот Тони Јаревски од ВМРО-ДПМНЕ. Го побаравме, како што ни посочи при првичниот контакт. Но, повеќе не ни крена слушалка. Ниту тој ден, ниту во следните две недели додека траеше изработката на оваа сторија.
Пратениците од коалициите на ДУИ и ВЛЕН решивме да ги побараме во Чаир и во Арачиново. Поблиску до нашата редакција беше канцеларијата на Мерита Колчи Коџаџику од ВЛЕН, во зградата на општина Чаир.
360: Добро утро. До канцеларијата на пратениците?
Портир: Јас, колку што знам, сè уште не пристигнал, но качете се на вториот кат.
360: На вториот кат?
Портир: Таму, салата…
Стигнавме до канцеларијата каде пратениците би требало да примаат граѓани, но на неа немаше никаква ознака.
Коџаџику секако не ја очекувавме таму во вторник, но на работа не беше ни асистентот. Го баравме преку телефонскиот број кој е оставен во веб-страницата на Собранието, но не го добивме. Само што тргнавме да си одиме ни се јави со оправдување дека бил на пауза.
Асистент: Да, сега доаѓам, можеш ли да ме почекаш?
360: Сакав да закажам состанок, за колку време ќе дојдеш овде?
Асистент: Состаноци во петок имаме ако сакаш со пратениците, јас доаѓам за околу 10-15 минути.
360: Во петок има средби со пратениците?
Асистент: Да
360: Во колку часот?
Асистент: Во 10 часот наутро.
Дојде договорениот петок. Дојдовме и пред време, но токму пред да влеземе во Општина Чаир ни се јави асистентот за да ја презакаже средбата – Коџаџику имала други собраниски активности.
Па, се вративме следниот петок. Овојпат, на врата не пречека асистентот, па заедно се качивме до канцеларијата. Таму откривме кои сме и што навистина правиме.

„Во право сте, нема информативна табла, но можам да ви кажам дека нема подобри информатори од вработените долу. Тие, кој и да е тука, тие ја знаат канцеларијата и ги упатуваат.“
изјави Коџаџику.
Канцеларијата, вели Коџаџику, функционира и во други денови ако има потреба. Најчесто, сепак, во петоците, со ретки исклучоци поради празници или важни настани.
Граѓаните, вели, доаѓаат со разни барања – вклучувајќи и за помош за лекување по болници.
„На почетокот имавме средби околу вработувањето, за помош околу социјалната помош што им беше прекината. Имав и за во Фонд за здравствено осигурување, а да не зборуваме за интервенции по болницата, итни случаи бидејќи тоа е исто така голем проблем. Исто така, им се заблагодарувам на директорите на клиниките, таму имав случај, навистина спасивме живот“.
заклучи Коџаџику.
Во Арачиново канцеларија има пратеникот на Европскиот фронт Садула Дураку. Како и во Чаир, таа е во просториите на општината. Кога отидовме ненајавени, не го најдовме асистентот во канцеларија.
Телефонски го добивме, но не успеавме да закажеме средба бидејќи пратеникот имал здравствени проблеми поради кои не може да не прими.
Затоа тргнавме да бараме друг пратеник од Европски Фронт. Ја одбравме пратеничката Дијана Тоска. Изненадувањето ни пропадна бидејќи испадна дека таа нема канцеларија за средба со граѓаните. Побарала од спикерот Африм Гаши, но досега нема формален одговор.

„Ако општината одбива да обезбеди канцеларии за пратеникот, што ни следуваат со Законот за пратеници, тогаш во недостаток на канцеларии по општините, треба да побараат од други државни институции да го решат ова прашање, канцелариите дефинитивно треба да бидат обезбедени.“
вели Тоска.
И без канцеларија, Тоска вели дека сепак се среќава со граѓани. Тоа го прави или во Собранието или во партија.
„Да бидам искрена, има многу барања, но најголемата загриженост на граѓаните е што се врши вонреден притисок во државните институции. Сега се жалат дека некој е малтретиран, на некого му се менува работното место или просторот каде што работи, има различни, но ова е главно проблемот што ми го искажуваат.“
кажа Тоска.
Тоска не е единствената народна избраничка без канцеларија. На пример, во срцето на Скопје, Центар, воопшто нема пратеничка канцеларија за контакт со граѓани.
Велика Стојкова – Серафимовска од ВМРО-ДПМНЕ вели дека Собранието во неколку наврати испраќало допис до Центар.

„Ние еве од Општина Центар немаме одговор, ниту соработка со градоначалникот… дали прашањето е во однос на партиска нетрпеливост или опозиција и позиција, не знам да кажам, но води натака мислата бидејќи и минатиот мандат кога бевме опозиција, тогаш бевме пратеници јас и професорката Сиљановска од општината Центар, два пати побаравме да ни обезбедат канцеларија или простор, но не добивме никаков одговор“,
вели Стојкова-Серафимовска.
Без канцеларии, вели Стојкова-Серафимовска, бараат креативни решенија за средби со граѓаните вклучувајќи и средби во партиски штабови. Дури и размислувале за мобилна канцеларија пред просториите на општината.
Сега, решение ќе бараат на алтернативен начин.
„Едно од решенијата е Собранието има механизам доколку не може да се добие канцеларија во општината, тогаш самото Собрание може да обезбеди простор и асистент кој ќе биде достапен за потребите на таа комуникација помеѓу граѓаните и пратениците. Ние овие недели подготвуваме документација, ние сме тројца пратеници од Центар од ВМРО-ДПМНЕ и се надеваме оти тоа ќе биде успешно да најдеме некој простор каде што ќе биде под управување на Собранието а не на општината“,
изјави Стојкова-Серафимовска.
Локалните власти во Центар не се амнестираат од фактот дека два пати го одбиле барањето на Собранието. Но, вели градоначалникот Горан Герасмиовски, не поради политички мотиви туку поради условите и презафатеноста на општинските простории од други државни институции.

„Тоа не значи дека во иднина нема да се овозможи простор, бараме начин како да допринесеме или да искочиме во пресрет на парламентарците да отворат канцеларии за да имаат поблиски средби со граѓаните, крајно несериозно е да се политизира целата работа поради која станува збор за капацитети и можности на општината, без разлика нивните политички партии“,
рече Герасимовски.
Став побаравме и добивме и од претседателот на Собранието, Африм Гаши. Не криеше дека 15 години од формализирањето на пратеничките канцеларии за контакт со граѓаните има народни избраници кои не добиваат простор за работа.
„На територијата на земјата треба да се отворат 75 канцеларии во 75 општини. Стигнавме до бројката 50. Дали сме задоволни? Да, задоволни сме бидејќи во минатото беше тешко да се достигне оваа бројка во текот на четири години. Ние до оваа бројка стигнавме во рок од една година, но секако би биле задоволни доколку сите се отворат.“
изјави Гаши.
Гаши вели дека се работи на проблемот и се бараат различни решенија за да се отворат канцеларии и во преостанатите општини.
Но, во меѓувреме, се размислува и за алатки кои дозволуваат средба „од далечина“.

„Сега создадовме уште еден механизам, Владата, преку подрачните единици што ги има во соодветните општини, да ослободи една од канцелариите за пратениците, затоа интензивно работиме. Од друга страна, како што рековме денес, развивме софтверска алатка со која овозможуваме, го олеснуваме контактот на граѓаните со пратениците, тоа е еден вид виртуелна средба што ја овозможуваме за да може секој граѓанин да ја знае адресата на асистентот, пратеникот од каде доаѓа и да може да комуницира и за да ја има средбата не мора да биде во канцелариите.“
кажа Гаши.