Опозициската партија ги повикува министерот за здравство, Арбен Таравари, и директорот на Клиниката за детски болести, Реџеп Мемеди, да си поднесат оставки
Во одбрана на Арбен Таравари излезе ВМРО-ДПМНЕ, од каде што обвинија дека сегашниот лидер на СДСМ, Венко Филипче, бил најлошиот министер за здравство во историјата на земјата
Сериозно загрижуваат бројките за смртноста кај деца во изминатите шест месеци, изјави денеска Рената Младеновска, членка на Извршниот одбор на партијата. Во втората половина на 2024 година, кажа таа, починале 19 доенчиња и едно петгодишно девојче.

„Особено алармантен е последниот случај со смртта на седуммесечно бебе на Клиниката за детски болести, кое било одбиено за хоспитализација, без да се издаде никакво образложение за причините. Ова е втор ваков случај за само два и пол месеци на Клиниката за детски болести, по трагичната смрт на 14-месечно бебе, кое исто така беше одбиено за болничко лекување. Понатаму, бебе старо само 8 дена донесено од Струмица во многу лоша здравствена состојба, почина од сепса и уште други трагични случаи…“,
изјави Младеновска.
Според Младеновска, сите овие случаи се ингорираат, додека реакциите по постапктие на инспекторатот се задоцнети.
„Министре за здравство, Таравари, се работи за деца, ова се трагични бројки, заедно со директорот на Клиниката за детски болести Мемеди, треба излезете и да си поднесете оставки“,
изјави Младеновска.
Партијата, освен што бара истрага за случаите, тврди дека бројките за смртноста кај доенчињата и децата се зголемуваат. Од партиската говорница Младеновска настапи и со статистики дека до смената на власта сериозно се работело на темата, што придонело за сериозно намалување на смртноста кај новороденчињата споредено со 2015-тата година.
„Неонаталната смртност СДСМ ја намали за 5 пати. Во 2015 година изнесувала 6,8% а во 2022 година е намалена на само 1,4%. Во 2015 година, во времето на ДПМНЕ, перинаталната смртност изнесувала 12,8%, а во 2022 година е намалена на 6,9%“.
изјави Младеновска.
ВМРО-ДПМНЕ: Венко беше најлошиот
Прес-конференцијата на СДСМ можеби беше насочена примарно кон Арбен Таравари, но први со одговор се јавија коалициските партнери – ВМРО-ДПМНЕ.

„СДС системски го уништуваше македонското здравство, Филипче е најлошиот министер за здравство во историјата на Македонија, со низа скандали и афери како Онкологија, модуларната болница во Тетово, скандалот со набавката на кинеските вакцини и низа други“,
соопштија од партијата.
Според владејачката партија, СДСМ треба да се срами кога зборува за здравството. Партијата, заедно со нивниот тогашен коалициски партнер, оставила катастрофална состојба.
„Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ги санира штетите од владеењето на СДС и ДУИ во здравството и е посветена на подобрување на условите за работа во интерес на граѓаните“,
соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.