Нека слушнат добро во Белата палата и во Владата, мислеа дека сме на колена, зборуваа дека сме готови. Штотуку почнавме, СДСМ се разбуди, а кога СДСМ е буден, тираните не спијат мирно, рече Филипче во воведното обраќање на партискиот Конгрес
Со стоечки аплаузи делегатите на СДСМ го поздравија партискиот лидер Венко Филипче, кој се обрати на почетокот на 31. партиски Конгрес.
Филипче во воведното обраќање се осврна на моменталната ситуација во државата, за кондицијата во која се наоѓа власта, како и за внатрепартиските превирања. Најави дека СДСМ излегува на терен и порача дека нема да дозволи партијата да се поткопува одвнатре.
„Вратите на СДСМ се ширум отворени за секој чесен социјалдемократ, за секој работник, за секој интелектуалец кој ѝ мисли добро на државата, но дозволете да испратам порака до оние кои мислат дека може да седат на две столчиња, оние кои мислат дека може да бидат во СДСМ, а да работат за интересите на власта, или да формираат фракции, нови движења и сето тоа само за нивни лични интереси. Тоа време завршува, денес ставаме точка на разединувањето. СДСМ не е пазар за пазарење функции, СДСМ е армија на вредности. Кој сака да се бори рамо до рамо со нас – добредојден е, вистински, искрено, братски, но, кој планира да нè поткопува одвнатре, да биде тројански коњ на ВМРО или други интересни групи, некa си замине веднаш, немаме време за предавства и немаме луксуз за суети. Или сме заедно во оваа битка за живот и смрт на демократијата – или не сме ништо. Јас бирам борба, искрена, силна и чесна“,
рече Филипче.


Тој посочи дека ќе тропнат на секоја врата, но не за да молат за гласови, туку за да ја „разбудат“ Македонија.
„Јас бирам борба, искрена, силна и чесна. Затоа, другарки и другари, нема седење, нема пишување статуси на фејсбук од удобни фотелји. СДСМ е на терен, одиме во секој град, во секое село. Ќе чукнеме на секоја врата, не да молиме за гласови, туку да ја разбудиме Македонија. Ќе им кажеме на луѓето за долгот од 2 милијарди евра, за новиот заем од 6 милијарди евра, ќе кажеме за изолацијата од Европа и од Америка, поради корупцијата и пљачката, за предавството на националните интереси и безбедност, за мигрантите. Ќе им кажеме за лагите, ќе им кажеме на луѓето дека не се сами. Нека слушнат добро во Белата палата и во Владата, мислеа дека сме на колена, мислеа дека сме готови. Штотуку почнавме, СДСМ се разбуди, а кога СДСМ е буден, тираните не спијат мирно“,
рече Филипче.

Првиот човек на СДСМ обвини дека власта во последните две години донела брутално отрезнување, дека ветиле гордост, а го донеле народот до питачки стап, дека ветиле реформи, а направиле грабеж од епски размери. Тој тврди дека премиерот не смее да стави потпис на ниту една одлука без одобрение од неговите „газди“.
„Се кројат планови далеку од очите на јавноста за мигранти. За 10 000 веќе се донесе закон, под превезот странски работници. Сакаат да ја претворат Македонија во тампон-зона за туѓи проблеми, само за да добијат тапкање по рамо и кредит од 6 милијарди евра. Сакаат да ја продадат безбедноста на нашите домови и нашите деца за ситни политички поен, тоа е врвен чин на предавство на сопствениот народ. Нема да дозволиме Македонија да стане логор за туѓи геополитички поткусурувања, додека децата ги пакувааат куферите за да заминат во државата“,
посочи Филипче.

Во тек е затворениот дел од Конгресот на СДСМ.
