„Или ќе има мир или ќе има трагедија за Иран, многу поголема од она што го видовме во последните осум дена. Запомнете, останаа уште многу цели“, рече американскиот претседател Доналд Трамп во обраќање до нацијата од Белата куќа

Американскиот претседател Доналд Трамп на својата социјална мрежа „Truth Social“ објави дека Соединетите Американски Држави (САД) извршиле, како што вели, многу успешен напад врз три нуклеарни постројки во Иран, вклучувајќи го и Фордо.
„Го завршивме нашиот многу успешен напад врз трите нуклеарни постројки во Иран, вклучувајќи ги Фордо, Натанз и Исфахан. Сите авиони сега се надвор од иранскиот воздушен простор. Цел товар бомби беше фрлен на главната локација, Фордо. Сите авиони се враќаат безбедно“,
напиша Трамп. .
Трамп ја заврши својата објава со зборовите: „Сега е време за мир“. Во друга објава на „Truth Social“ тој напиша: „Фордо го нема“.
Бомбардирањето беше извршено откако претходно вчера бомбардерите Б-2 беа испратени на островот Гуам, соопштија американски извори. Висок американски функционер изјави дека бомбардерите Б-2 биле вклучени во нападите врз нуклеарните постројки на Иран. Сè уште не е јасно дали израелските сили биле вклучени во бомбардирањето кое значително го прошири опсегот на воената акција.
По нападот, Трамп имаше обраќањето до нацијата од Белата куќа и му се закани на Иран со нови напади ако Техеран не склучи мир.
„Или ќе има мир или ќе има трагедија за Иран, многу поголема од она што го видовме во последните осум дена. Запомнете, останаа уште многу цели“, рече Трамп во обраќањето.
Трамп рече дека САД извршиле напади што целосно и тотално ги уништиле клучните постројки за збогатување ураниум. Тој додаде дека Иран сега мора да склучи мир, а ако не го сторат тоа, идните напади ќе бидат многу поголеми.
Израел ги почна нападите на Иран на 13 јуни, нагласувајќи дека целта е да го спречи Иран да развива нуклеарно оружје. Техеран постојано негира дека се стреми кон нуклеарно оружје и тврди дека неговата нуклеарна програма е само за цивилни цели.