Најмалку две лица загинаа, а 20 се повредени, изјави заменик-началникот на Генералштабот Кирило Тимошенко во врска со ракетниот напад на трговски центар во централна Украина, каде што во моментот на нападот имало над 1 000 цивили
Руски ракетен напад денеска погоди преполн трговски центар во централниот украински град Кременчук во областа Полтава, објави на Фејсбук претседателот на Украина, Володимир Зеленски.
Најмалку две лица загинаа, а 20 се повредени, изјави заменик-началникот на Генералштабот Кирило Тимошенко.
„Окупаторите погодија трговски центар со повеќе од 1 000 цивили внатре. Трговскиот центар гори, а спасувачите се обидуваат да го изгаснат пожарот“,
објави Зеленски на социјалните мрежи.
Градоначалникот на тој град, Виталиј Мелецки, исто така во објава на Фејсбук изјави дека во моментот на нападот во трговскиот центар имало голема гужва.
Градот Кременчук се наоѓа во украинскиот регион Полтава.
Фотографиите и видеата од местото на нападот покажуваат дека локацијата е целосно под оган.
Трговскиот центар, како што објави украинскиот претседател, не претставува никаква опасност за руската војска и не претставува никаква стратешка вредност за Русите.
„Нема опасност за руската армија. Нема стратешка вредност. Само обидот на луѓето да живеат нормален живот, што толку ги лути окупаторите. Русија продолжува да ја става својата немоќ на обичните граѓани. Бескорисно е да се надеваме на адекватност и хуманост од нејзина страна“,
стои во објавата на Зеленски.