Министерството за одбрана и Армијата пред околу две и пол години почнаа процес на родова самопроценка со намера да се стигне до сеопфатни и систематизирани информации на тема родова рамноправност. Процесот кулминираше со креирање акциски план како рамка за унапредување во период од четири години
„Еве, јас најодговорно пред сите тука кажувам – мене некој да ми понуди да бидам командант на бригада, јас велам – да, можам и умеам да го направам тоа. Ме разбирате нели?“
Оваа порака на Билјана Блажеска, аѓутантката на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, беше упатена на конференција на која беа претставени извештајот за родовата самопроценка и родовиот акциски план на Министерството за одбрана и Армијата.
Тие речиси две години работеа на процесот кој требаше да даде одговори на парашањата дали мажите и жените имаат еднакви права, услови, можности и одговорности и како да се стигне до рамноправност.

Дали се важни само бројките
На крајот на 2022 година Министерството и Армијата започнаа со родова самопроценка за да стигнат до јасна слика за нивото на родовата застапеност како основа да се направи акциски план за подобрување на родовата еднаквост.
Според податоците од 2023 година, жените сочинуваат 11 отсто од персоналот на Армијата. Меѓу цивлните лица, 30 отсто се жени. Кај офицерите ги има 20 отсто, а подофицерки се 12 отсто. Меѓу професионалните војници во Армијата, пак, само шест отсто се жени.
Во Министерството за одбрана состојбата е малку подобра. Од вкупниот број вработени, 32 отсто се жени.
Родовата самопроценка почна додека министерка за одбрана беше Славјанка Петровска. Во интервју што го снимивме во октомври 2022 година, таа рече дека процесот е неопходен за развој.
„Можеби некој ќе рече дека родовата застапеност не е примарна надлежност на Министерството за одбрана, но апсолутно треба да се трудиме тоа да прерасне во наш начин на живеење и наш начин на функционирање. Но, наша цел не е само зголемување на бројките и процентите на застапеност, туку многу повеќе, жените навистина да го добијат местото што го заслужуваат согласно своите капацитети и перформанси и со тоа да ја подобрат работата на Министерството и Армијата“,
рече Славјанка Петровска – поранешна министерка за одбрана (октомври 2022 г.).

Отпочна сеопфатна анализа на политиките, практиките, инфраструктурата и опремата, како и на организациската култура во Министерството и Армијата. Домашни и странски експерти работеа со фокус-групи и реализираа работилници и анкети со вработени. Во анкетите беа вклучени 536 вработени, а направени се и 28 интервјуа со раководни лица и команден персонал.
Консултантката од Соединетите Американски Држави, Хедер Хитенен, вклучена во процесот, смета дека сите организации функционираат со поголема ефикасност кога има родова еднаквост.
„Овој процес не е само за унапредувањето на жените, туку за колективното искуство на жените и мажите во Министерството за одбрана и Армијата за да се идентификува дали постојат пречки за мажите и за жените и кои се можностите и за мажите и за жените. Мислам дека е многу важно да разбереме дека зборуваме за родова еднаквост, а тоа ги вклучува и двете страни“,
смета Хедер Хутенен – консултантка за родова еднаквост.

Истражување и експертски заклучоци
Работата резултираше со изработка на два документи – родова самопроценка и родов акциски план, кои беа претставени на конференција во Скопје.
Експертката за родова еднаквост Даниела Антовска рече дека во определни случаи мажите се перцепираат себеси во понеповолна положба на работното место, а во други – таква перцепција имаат жените.
„Во однос на областите односно ситуациите во кои мажите испитаници во Армијата се перцепираат дека се во понеповолна положба тоа се најчесто поставувањето на формациските места и обука и професионален развој. Овие области се поклопуваат и со перцепцијата на жените. Додека, кога станува збор за жените и мажите во Министерството за одбрана, мажите се перцепираат дека се во понеповолна положба во однос на унапредување и признание и пофалба, додека жените сметаат дека се во понеповолна положба во унапредување, обука и професионален развој. Генералниот заклучок е дека мажите се наоѓаат во поповолна положба, а наодите од фокус групите и интервјуата го поткрепуваат овој факт поради постоењето на сè уште заснованите родови стереотипи, предрасуди и родови норми и ставови“,
вели Даниела Антовска – експертка за родова еднаквост.

Полковник Билјана Блажеска, аѓутантката на претседателката Гордана Сиљановска Давкова, во процесот беше вклучена како експерт од практиката. Таа рече дека во текот на нејзината кариера запознала жени кои иако имаат кавлитети и способности, не им била дадена можност да ги покажат.
„Можам да кажам дека најтешко и најголем предизвик е да бидеш прифатена во една нашки доминантна институција, меѓутоа подоцна е уште потешко да бидеш прифатена како компетентна и квалификувана за задачата или за должноста на која си поставена и должноста што ја извршуваш. По 30 години можам да кажам дека е многу тешко да се дојде до столче на округлата маса, на столче каде се донесуваат највисоките одлуки и овде ќе се оградам и ќе кажам дека пред сè мислам на униформираниот дел, на жените што ја носат униформата, бидејќи во цивилниот дел Министерството за одбрана е малку поинакво“,
рече полковник Билјана Блажеска – аѓутантка на Врховниот командант.

Потполковник Страшо Стојчевски е еден од 28-те НАТО-сертифицирани обучувачи за родова еднаквост во Министерството за одбрана. Тој потсети на меѓународните и домашно прифатените документи од кои произлегува родовата еднаквост како обврска.
„Овозможија унапредување и зајакнување на капацитетите на родовите механизми на Министерството и Армијата, унапредување на работните услови и инфраструктурата, флуктоацијата во службата, професионалниот развој, ангажирањето на мажите и жените на нивните работни места. Министерството и Армијата посветено работат на унапредувањето на родовата еднаквост за што во контунуитет имаме поддршка од лидерите, а тоа е видливо и од постигнатите резултати“,
вели потполковник Страшо Стојчевски – Министерство за одбрана.

Експертката за родова еднаквост Неда Чаловска Димовска порача дека акцискиот план дава насоки за тоа што треба да направи државата во период од четири години за подобрување на родовата сензитивност во одбранбениот сектор.
Некои од препораките се – при поставување на различни позиции и исти кавлификации на кандидатите, предност да им се даде на жените, тие да се охрабруваат да завршат високи школи, да се зајакне обуката и информираноста за заштита од сексуално вознемирување, како и да се унапредат опремата и инфраструктурата.
„Не е изненадување тоа што инфраструктурата е повеќе прилагодена за мажите затоа што до 1997 година жените воопшто не ни учествувале во Армијата. Тие објекти се градени во тоа време и во меѓувреме не се прилагодени. Така што планот предвидува сериозна анализа од родов аспект на овие објекти и соодветна промена на истите. А во делот на опремата – прилагодување особено на борбената униформа“,
смета Неда Чаловска Димовска – експертка за родова еднаквост.

Поддршка од воениот врв
На конференцијата присуствуваше државниот воен врв – врховната командантка Гордана Сиљановска-Давкова, министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот на Армијата Сашко Лафчиски. Дадоа поддршка за спроведување на акцискиот план.
„Промовирањето на родовата еднаквост, според мене, не подразбира давање предност, туку отстранување на пречките и овозможување на еднаков третман за сите. Ние мора да го израмниме патот и да отвориме простор за извонредност без оглед на тоа од каде таа доаѓа. Јас уште во мојата кампања најавив дека имам амбиции за отворање на регионален центар за извонредност и очекувам тука помош од нашата претставничка, заменичката во НАТО, Радмила Шекеринска“,
рече Гордана Сиљановска Давкова – врховна командантка на Армијата.
„Одиме чекор понатаму. Ги јакнеме механизмите за родова еднаквост, фокусирани на родовата обука на сите нивоа во Министерството и Армијата. Тоа ни овозможува да го мултиплицираме нашиот потенцијал, да донесем вистински решенија во подобрување на внатрешната стртуктура, лидерството, кадровските политики, работнитие услуги, но и инфраструктурата“,
вели Владо Мисајловски – министер за одбрана.

Економски раст
Во име на поддржувачите на програмата за реформи во разузнавачкиот и безбедносниот сектор зборуваше амбасадорката на Кралството Шведска Ами Ларсон Џеин. Таа ги повика и мажите и жените на заедничка работа во реализацијата на родовиот акциски план зашто родовата еднаквост носи и економски бенефит за сите.
„За оние на кои им е потребен дополнителен аргумент, подалеку од правата и фактот што е принцип кој треба да го поткрепи секое модерно општество, исто така ќе споменам дека ОEЦД оценува дека 10 до 20 отсто од растот во Шведска во последните три декади е поради политики за родови квалитети. Само го додавам тој дополнителен економски аргумент за оние кои мислат дека… Што е исклучително важна лекција за нас – започнавме од аспект на правата и добивме економски раст“,
вели Ами Ларсон Џеин – амбасадорка на Кралството Шведска во Македонија.

Процесот на родова самопроценка се спроведе под покровителство на Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор ДЦАФ. Заменик-директорката Беатрис Годефра оцени дека е направен значителен напредок во родовата еднаквост истакнувајќи ги законските подобрувања.
„Дозволете ми да набројам неколку од мерките за да бидеме практични. Разгледуваме понатамошно зајакнување на родовата структура во Министерството и Армијата, промовирајќи родова рамнотежа преку менторство и афирмативни мерки од учество во движења во високото воено образование, спроведување препораки за подобрување на лидерските професионалци за родова рамнотежа, назначување дополнителен овластен персонал, медијатори, обучувачи за работното место, заштита од вознемирување итн. И последно, охрабрување на платено отсуство од татковство. Значи, пристапот на Министерството за одбрана нуди вреден пример за ефикасен процес базиран на докази и внатрешно воден што треба да се користи како добра практика во безбедносниот сектор во Република Северна Македонија. Но, исто така, е тесно усогласен со стандардите и политиките на НАТО за мир и безбедност и секако со реформската агенда на патот кон ЕУ инеграциите“,
рече Беатрис Годефра – заменик-директорка на ДЦАФ.

Министерството за одбрана и Армијата имаат период од четири години за реализација на препораките од родовиот акциски план што треба да води кон подобрување на родовата еднаквост.