Според генералниот секретар на „Брегалница“, инцидентот се случил при крајот на натпреварот кога фудбалер на „Шкупи“ добил црвен картон
43-годишен родител на фудбалер од скопскиот фудбалски тим „Шкупи“ физички нападнал и повредил два малолетни фудбалери на „Брегалница“ за време на одигурвање на фудбалски натпревар помеѓу младинските екипи на двата тима одигран на игралиштето „Бело Брдо“ во Штип, велат од Министерството за внатрешни работи.
Оттаму велат дека двајцата малолетници биле пренесени во Клиничката болница во Штип за укажување помош, а веднаш по нападот, напаѓачот бил уапсен од полициски службеници од СВР Штип.
„Известен е јавен обвинител и се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот, по што ќе бидат поднесени соодветни пријави“,
велат од Министерството за внатрешни работи.
Од штипската Клиничка болница велат дека на повредените фудбалери првично им биле констатирани телесни повреди, а Генералниот секретар на фудбалскиот клуб „Брегалница“, Александар Иванов за МИА изјави оти инцидентот се случил кон крајот на натпреварот откако судуијата му доделил црвен картон на еден од фудбалерите на „Шкупи“. Инаку, станува збор за фудбалери од генерацијата 2009-2010 година, а и двајцата повредени се на возраст од 15 години.
Неофицијално, веднаш по исклучувачкиот старт, дел од присутните родители на гостинските играчи влегле на теренот и ги нападнале играчите на „Брегалница“.