Во првите осум месеци од годинава увезени се рекорден број на нови автомобили, споредено со истиот временски период во изминатата деценија. Во исто време, има драстичен пад на увозот на употребувани автомобили
Дел од познавачите велат дека станува збор за стабилизација на пазарот по ковид-19 пандемијата, но дел велат дека конечно се создава навика да се купуваат поевтини нови коли наместо употребувани возила од повисока класа
Нов или употребуван автомобил? Ова е дилема што ја имаат возачите насекаде во светот, но во земјава, барем во поновата историја, секогаш натежнувал изборот да се купи на старо.
Не е тајна дека платите во земјава се такви што многу семејства воопшто не ни помислуваат да купат кола во салон за нови автомобили. Па, и нас не изненади откритието дека токму во оваа, кризна година, наеднаш пораснал увозот на нови автомобили.
Според податоците од Царинската управа, од почетокот на годинава до крајот на август, увезени се вкупно 4 983 нови автомобили. Лани, во истиот временски период, биле увезени околу 20% помалку или 3945 нови автомобили. Ако се вратиме наназад една деценија, нема година во која во првите осум месеци биле увезени толку нови автомобили како тековнава.
„360 степени“ побара објаснување за овој феномен од повеќе увозници на нови автомобили, но на разговор се нафатија само од еден. Маја Стојановска е извршна директорка на компанијата „Аутотрејд“ и е во автомобилскиот бизнис е 15 години.
Според неа, растот на увозот на нови возила е само стабилизирање на пазарот кој бил нарушен со ковид-19.
„Не би кажала дека е зголемување на продажба и дека имаме евидентно поголема побарувачка на автомобили, туку би кажала дека пазарот полека заздравува после оној удар што го имаше во 2019 од пандемија и во 2020 година како недостаток на чипови“,
вели Маја Стојановска, извршна директорка во „Аутотрејд“.
Стојановска не е оптимистка дека стабилизацијата ќе продолжи. Очекува допрва да се почувствуваат последиците од кризата.
„6500 автомобили на годишно ниво е навистина многу мала бројка. Автомобилскиот пазар во Македонија на нови автомобили е многу високо сензитивен на сите економско-политички промени. Секоја економска криза или политичка криза кај нас или во регионот, веднаш ја чувствуваме и се рефлектира во продажба на нови автомобили“,
додава Стојановска.
И додека пазарат на нови автомобили макар и само привремено расте, бројките од Царината покажуваат дека во исто време паѓа увозот на употребувани автомобили.
До крајот на август, годинава се увезени 13630 половни возила, што е најмалку споредено со сите години од последната деценија. Еден исклучок е 2020 година, кога почна пандемијата. Тогаш биле увезени околу 12600 користени автомобили. Во најдобрите години, пак, во земјава влегувале и по 37300 половни коли.
Славчо Матески го води салонот „Олимпија Моторс аутлет“, кој продава употребувани возила кои вообичаено не се постари од пет години. Тој вели дека податоците за увоз на стари автомобили на Царината кореспондираат со продажбата.
„Оваа година бележиме намалување на продажбата во однос на претходните три до четири години“,
вели Славчо Матески од „Олимпија моторс аутлет“.
Причината за падот на увозот на употребувани автомобили Матески ја гледа во серијата настани предизвикани од пандемијата. Вирусот го намали производството на репроматеријали, тоа го намали производството на нови автомобили, што пак ја зголеми побарувачката, а и цената на старите автомобили.
„Бројот на автомобили што беа на европските пазари, на тие платформи од каде ги набавуваме ние половните возила, а и бараните модели коишто се соодветни за овој пазар, скоро и да ги немаше. И тие што ги имаше, цените пораснаа од 20 до 30 отсто нагоре. На тој начин, се намали и увозот и продажбата на користени возила“,
вели Матески.
За разлика од ставовите на увозниците на нови и на половни возила, наидовме и на трето толкување зошто увозот на нови автомобили во Македонија расте, а се намалува увозот на половни. Новинарот Крумислав Барзов, кој повеќе од 20 години го следи автомобилскиот пазар, гледа оптимистички на бројките, како на знак за подновување на возниот парк во земјава.
„Од самото осамостојување на нашата држава просечната старост на возилата е 18 години, што е извонредно стар возен парк. Пред се, тоа се одразува на безбедноста во сообраќајот и сочувувањето на најскапоценото. Тоа се животите на луѓето“,
изјави Крумислав Барзов, новинар за автомобилизам.
Според Барзов, завршува времето во кое се купувало употребуван автомобил од повисока класа, наместо нов од пониска.
„Порано ние купувавме автомобили за да си ја задоволиме суетата и купувавме автомобили за комшиите: ‘Гледајте ме, чудете се‘. Оттаму, имавме огромен увоз на употребувани возила кои беа од поскапата класа, да речеме, премиум класа, но сфатија луѓето дека немаат пари ниту да ги одржуваат, ниту да ги задоволат тековните потреби на автомобилот, како што се менување гуми или сервисирање. Па, оттаму се вртат на порационалниот избор“,
вели Барзов.
Во последната деценија, во земјава се увезени вкупно 277.268 половни автомобили и само 48.284 нови. Или, во просек, на еден нов автомобил биле увезувани 5 употребувани.
Годинава тој просек е многу подобар – на еден нов автомобил се увезуваат 3 употребувани. Можно ли е токму поскапувањето да го помести соодносот во полза на новите коли?