По барање на Владата, во собраниска процедура е предлог за разрешување на вкупно четири члена на телото. Неделава Собранието разреши два од тие члена. Ако ги разреши и другите двајца, Регулаторната комисија за енергетика нема да биде во можност да носи било каква одлука, бидејќи ќе останат само три членa. За носење на било каква одлука потребни се најмалку четири гласови „за“ во седумчленото тело
Проблематично во целата постапка е и што Владата бара предвремено разрешување на членови на РКЕ повикувајќи се одредби од Законот за енергетика во кои, патем, не е пропишано дека Владата може да презема дејствија во таа насока
Собранието веќе неколку недели „на мени“ го имаше предвременото разрешувањето на четири од вкупно седум члена на Регулаторната комисија за енергетика. Точката, деновиве, стигна на дневен ред и со 64 гласа „за“ беа разрешени не сите четворица, туку само двајца членови на Регулаторна.
Предлогот за разрешување беше на Владата, но немаше владин претставник да го образложи. Остана пратениците, секој од свој агол, да го толкуваат потегот на Владата.
Пратениците на ДУИ ја бранеа тезата дека разрешувањето е прв чекор за поставување партиски послушници.
„Да ја истакнам г-ѓа Мерита Дема како пример за една двојна дискриминација, како етничка, така и полова. Госпоѓата има големо резиме и истакнала дека е голем инжинер по енергетика и додека вие зборувате и кажувате како ќе ги зачувате младите, разрешувате квалификувани кадри кои се докажале во својата професија“,
кажа пратеничката Арбана Пашоли.
Пратениците од мнозинството, од ВМРО-ДПМНЕ и од „Вреди“, аргументираа дека станува збор за расчистување со незаконски именувани лица во минатото.
„Она што е криво насадено не може право да расте. Дојде време кога овие грешки што ги правевевте и тоа насилие кое што го спроведуваавте во Собранието и државните институции, дојде време на тоа да му се стави крај и да се работи по закон, чесно и исправно, без разлика на етничката припадност“,
рече пратеникот Јован Јаулевски.
Во владиниот предлог се бара разрешување на Андреј Тасев, Мерита Дема, Лирим Сулејмани и Фатон Амбари од функцијата членови на Регулаторната комисија за енергетика.
Според документот, инаку потпишан од вицепремиерот за политички систем Љупчо Димовски, предлогот за разрешување е усвоен на владина седница на 5 ноември. Во образложениете, Владата се повикува на Законот за енергетика кој во членот 19, став 6, предвидува разрешување на член на комисијата пред истекот на мандатот ако:
– Несовесно и нестручно ја врши функцијата;
– Извршил повреда на обврските за непристрасност и независност;
– Ја злоупотребил функцијата;
– Или на друг начин работел спротивно на законот.
Но, потоа, во аргументацијата зошто се бара разрешување на четворицата членови, не се посочува конкретно ниту една од пропишаните основи во член 19, став 6 од законот. Наместо тоа, владиниот документ констатира дека четворицата споменати членови биле незаконски именувани од Собранието, односно не ги исполнувале условите да бидат членови на РКЕ кога биле именувани во 2021 и 2023 година.
Прашавме во Владата – зошто бараат разрешување на членови на Регулаторна според одредба од Законот за енергетика, а во образложението практично користат аргументи кои се надвор од опсегот на законот?
Од Владата не упатија одговорите да ги бараме во Министерството за енергетика како надлежно за оваа тема.
Потенцијалната надлежност на овој ресор се гледа и од податокот дека министерката за енергетика Сања Божиновска и нејзиниот заменик Мирослав Лабудовиќ се наведени како овластени претставници на Владата во Собранието за ова прашање. Но, ниту од Енергетика не добивме одговор – како е утврдено и според која точно одредба во Законот за енергетика се бара разрешување на четворицата членови на Регулаторна.
Во неформална комуникација, претставници на Министерството не упатија одговори да бараме во Регулаторната комисија за енергетика. Објаснувањето беше – само РКЕ има мандат да утврди дали нејзин член го прекршил член 19 од Законот за енергетика.
Дури и во таков случај, Регулаторната комисија праќа известување до органот кој го избрал членот – Собранието. А не до Владата. Независно од сето тоа, нашите прашања ги пренасочивме во РКЕ.
Претседателот Марко Бислимоски е дециден – тие не доставиле предлог за разрешување членови до ниту еден орган.
„Досега, откога постои Регулаторната комисија за енергетика, тоа е од 2004 година, таков член, таа можност никогаш не била искористена. Така што, ни сега постапката не е започната од страна на Регулатроната комисија за енергетика“,
кажа Бислимоски.
На собраниската седница беа разрешeни двајца членови. Но, намерата на Владата, а така пишува и во предлогот, е да разреши четворица.
Ако се случи тоа, вели Бислимоски, ќе се доведе во ризик работата на регулаторното тело кое брои вкупно седум члена.
„Во тој момент Регулаторната комисија за енергетика нема да биде во можност да носи било каква одлука, бидејќи ќе бидат останати само три членови, а за носење на било каква одлука, како што кажав, потребни се најмалку четири гласови „за“. Во текот на следната недела ќе треба да ја објавиме конечната цена за електрична енергија за домаќинствата и малите потрошувачи, цените за дистрибуција на природен гас во Куманово, во Струмица, во скопските зони, вообичаено носиме многу одлуки, одлука за издавање на лиценци и доколку четири члена се разрешени, во тој случај РКЕ нема да може да носи никакава одлука поради тоа што ќе нема мнозинство од четири гласови „за“,
вели Марко Бислимоски.
Дали и кога би продожила постапката за разрешување на останатите членови, зависи од тоа кога ќе продолжи 22. седница на Собранието. За избор на нови членови, пак, прво треба да има оглас од Владата, па комисија која ќе ги разгледа пријавите, па предлог од Владата до Собранието и дури потоа избор.
Но, целата процедура за разрешувањето, го остава актуелно прашањето кое беше отворено на самата собраниска седница – дали нешто што е криво посадено, ќе може право да расте?