Според речникот на „Кембриџ“, транспарентност е збор за карактеристика на нешто низ што е лесно да се види. Во политичка смисла, терминот означува леснотија да се види што прават оние што се власт.
Ако граѓаните и вие медиумите не нè контролирате, може секој да забега и на крајот да ни се повторат работи од минатото, за кои ниту ние ниту граѓаните ги очекуваат да се случат.
изјави Зоран Заев на 25.11.2017 година.
До пред само четири години за доверливи документи се сметаа и дневните редови за владините седници. Сега, тоа се јавни документи. Актуелната влада направи обид да се „отвори“ и за други информации.
Денеска владата пред граѓаните и пред вас медиумите ќе ги презентира износите и причините за трошењето на парите од буџетски средства за службени потреби.
беа зборовите на Роберт Поповски кажани на 21.03.2018 година
Но, додека Владата несомнено сега нуди повеќе информации за нејзината работа од порано, дали е тоа доволно?
Почитувани претставници на медиумите, почитувани колеги. Добредојдовте во Владата на Република Северна Македонија. Редовна прес-конференција.
се зборовите со кои портпаролот на Владата, Мухамед Хоџа, ги започнува прес конференциите по владините седници.
Оваа слика во земјава веќе стана вообичаена и за новинарите и за заинтересираната јавност. По секоја владина седница, портпаролот на Владата информира за одлуките и одговара на поставените прашања. Настанот може да се следи и во живо, од дома.
На компјутер може да се најдат и други информации за владините седници. Што ќе има на дневниот ред на следната седница или записник за тоа кои одлуки се донесени или не се донесени на претходните седници.
Споредено со претходно, кога и дневниот ред на владините седници беше класифицирана информација, лесно е да се заклучи дека Владата е многу транспарентна. Но, поглед само во регионот вели дека може уште подобро.
Ја отворам 206-та седница на владата на Република Хрватска. Ве молам прво да го усвоиме дневниот ред. Кој е за? Ви благодарам. Констатирам дека го усвоивме.
вели хрватскиот премиер на почетокот на владините седници.
За разлика од македонската, хрватската влада на својата веб-страница освен дневниот ред и записник од седницата објавува и аудио и видеозаписи. Во нив се и дискусиите што се водат по одредени закони, кадровски или други прашања. Така, јавноста може да слушне дали има различни мислења меѓу министрите или коалициските партнери во власта и како гласале по одредени прашања.
Хрватската јавност и новинари сепак не се целосно задоволни бидејќи тамошната влада има и т.н. „затворен дел“ на седницата за кој се објавува само кратко соопштение а не и видео и аудиоматеријал.
Според мене, моментот со затворениот дел од седниците на влада е доста проблематичен, особено во делот каде што сите теми кои се однесуваат на Европската Унија и позицијата на Хрватска за која било тема од ЕУ се прогласува за тајна. И тука владата кажува дека тоа не може да биде споделено со јавноста. Мислам дека тоа е доста голем проблем кој дополнително им пружа на евроскептиците причина да ја критикуваат владата и политиката.
изјави за 360 степени хрватскиот новинар Френки Лаушиќ.
За искусниот новинар Френки Лаушиќ голем недостаток на актуелната хрватска влада, кога е во прашање транспарентноста, е отпорот да се одговори на одредено прашање што не ѝ оди во полза.
Ако на владата не ѝ е во интерес да одговори на одредено прашање, ќе го одолговлекува колку што може и доколку притисокот од медиумите се зголеми или ако новинарот преку судски пат се избори за одговор, дури тогаш ќе го добие.
вели Лаушиќ.
Споредено со Македонија и со Хрватска, најмногу причини да критикува има јавноста во Србија. Тамошната влада во делот резервиран за владините седници, освен предлог-законите и одлуките кои се усвојуваат, не споделува друг податок.
Така, го нема ниту дневниот ред и записниците како во Македонија, а не, пак, аудио или видеозаписи како во Хрватска. Новинарот Слободан Георгиев од БИРН Србија вели дека количината на информации на интернет не се единствениот индикатор за немањето желба на српската влада да биде транспарентна.
По мое убедување, тоа владата не го прави, а потврдата за тоа можеме да ја најдеме и во бројот на барања што новинарите и граѓаните секоја година ги испраќаат до владата и различни министерства што може да се најде во извештаите за пристап до информации од јавен карактер. Тоа е огромен број барања, на кои владата никогаш не дава одговор. Така што, владата е далеку од тој степен на транспарентност кој всушност го заговараше.
смета Георгиев.
А освен за владините одлуки, во Србија нема детални информации и за трошоците на функционерите.
Не постои таква апликација, постојат буџети кои се објавуваат, но реални податоци за тоа како министерствата, агенциите и претпријатијата ги трошат парите не постојат. И сè што новинарите или граѓаните можат да направат е да испратат барање до трезорот, на кои по правило не се одговара брзо. Така што, такво нешто не постои.
потенцира тој.
Транспарентноста на владите во регионот веќе четврта година ја следат и во невладината „Метаморфозис“, во партнерство со организации од Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина, Косово и Албанија.
Според нивниот индекс, македонската влада исполнува 78 % од потребните услови за да биде целосно отворена, со што е втора во регионот, веднаш зад Црна Гора. Следуваат Албанија, Србија и Косово, а најслаба оценка на ова поле има Босна и Херцеговина. Мила Јосифовска од „Метаморфозис“ вели дека позицијата на Македонија на листата ја крева алатката за отчетност на функционерите. Но, забележува дека ажурирање на трошоците не е направено од мај минатата година.
Кога веќе сме ја преземале оваа улога и оваа одговорност да ги отвориме овие информации, тие информации мора постојано да се ажурираат. Тоа, исто така, важи и за новите функционери кои доаѓаат на позиција и нивните податоци треба да се внесат, и постојано, дали на месечно или квартално ќе треба да се известува за тие трошоци.
вели Мила Јосифовска од „Метаморфозис“.
Ако не продолжат алатките за транспарентност кои самата македонска влада си ги постави како задача, може да се очекува дека земјава нема да напредува со индексот на транспарентност на „Метаморфозис“. Но, уште поважно, медиумите и граѓаните ќе загубат дел од механизмите за контрола над властите.