Министерот за администрација, Адмирим Алити останува на позицијата дека во „балансерот“, алатка што помага за практикување на уставниот принцип за соодветна и правична застапеност при вработување во јавниот сектор, треба да стојат бројките од вкупно попишаното население, кое ја вклучува и дијаспората. Спротивно од него, други членови на Владата и директори на јавни институции сметаат дека релевантни се само процентите за резидентното население.
Го отвораме прашањето за злоупотребите на балансерот при конкурсите за добивање државна работа, со тоа што ист кандидат во исто време за една работна позиција конкурира како Македонец, за друга како Албанец, а на трета се декларира како Ром. Има ли решение?
По две децении земјава лани, конечно, направи попис на населението откако владејачките партии се договорија да се попише и резидентното население и дијаспората.
Уште пред да се излезе на терен се постави прашањето – која бројка ќе биде важечка за остварување на правата поврзани со етничката припадност?
„Немам воопшто право да ја коментирам оваа работа. Не знам што да ви одговарам“,
рече директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски на почетокот на минатата година.
„Значи, секогаш се цени вкупниот број на државјаните. Затоа што нашиот Устав укажува на тоа дека ги дава правата на граѓаните, а тоа се сите државјани“,
кажа поранешниот министер за правда, Бојан Маричиќ исто така во почетокот на минатата година.
Заврши пребројувањето и дојде ред бројките да влезат во пракса. Но, се појавија различни мислења за тоа кои бројки се релевантни.
„24,3% согласно податоците од пописот којашто е дел од категоријата вкупно резидентно население. Ова е категорија којашто е клучна и којашто ги дава состојбите во земјата“,
ќе каже Симовски во август годинава.
„Нашето нерезидентно население е специфично, коешто придонесува во секојдневниот општ развој на земјата… тие луѓе се тука поголем дел од времето. Плаќаат даноци, имаат свои домови, имаат свое семејство и нормално е да бидат дел од општиот процес“,
беше ставот на шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи еден ден претходно.
И покрај разногласието, во оптек влегоа бројките за вкупното, а не само за населението во земјава. Па, во софтверското решение кое води грижа за соодветна и правична застапеност при вработување во државна служба, наречено Балансер, вклучени се и бројките за дијаспората.
Нема ништо спорно во тоа, вели министерот за информатичко општество и администрација, Адмирим Алити, и додава – се е согласно Законот за попис.
„Нашите служби се реферираат на тој закон и таму пишува граѓаните на Северна Македонија, значи нема никаква дистинкција помеѓу резидентните и нерезидентните“,
вели Алити во изјава за „360 Степени“.
Втора причина поради која го впишал вкупното население во Балансерот, вели Алити, е што и претходните бројки, оние од пописот од 2002 година, вклучувале и граѓани кои се во странство. На нашата забелешка дека во 2002 се попишаа само оние кои се во странство до 12 месеци, што е еквивалент на ставката „резидентно население“ на овој попис, министерот одговори:
„Прво, компарација да се направи помеѓу пописот во 2002 и во 2021 – има некои суштински разлики, меѓутоа, тоа не прави импакт во тоа ние да направиме промена во методологијата на „балансерот“. Затоа, Ви велам, толкувањето кај нас е дека има факти дека во претходниот попис имало голем број на жители на Македонија привремено работеле надвор од Македонија ама биле дел од пописот. Исто и сега имаме дистинкција помеѓу резиденти и нерезиденти, меѓутоа, фактот што и оваа група и другата група се граѓани на Северна Македонија мора да бидат дел од вкупниот број на граѓани“,
рече министерот.
Премиерот Димитар Ковачевски, во април годинава, неколку дена по објавување на резултатите од пописот, искажа став различен од оној на министерот.
„Балансерот и Уставот се политички одлуки во државата, бидејќи се носени со политички договор. Ако ја гледаме логиката, во јавниот сектор се вработуваат резидентни граѓани, односно оние кои живеат тука и нормално би било оние коишто се резиденти, тие да влегуваат во калкулациите за вработување во јавниот сектор“,
рече Ковачевски во април годинава при гостувањето во „360 Степени“.
Но, до следното гостување во „360 степени“ позицијата на Ковачевски еволуираше. На истото прашање од пред шест месеци, сега премиерот се обиде да објасни зошто во Балансерот стои вкупно попишното, а не само резидентното население.
„2002, кога е правен пописот, тогаш има вкупно население… И ние тогаш сме биле 2 милиони и 15 илјади жители во државата…
-Дозволете тука да не се согласам, на ниво на факти бидејќи во 2002 методологијата вели дека се попишува резидентно население, она што е затекнато тука на ниво држава и она што е 12 месеци надвор
.Тоа е еквивалент на формулата за резидентно население на пописот 2021 година…Значи ние можеме да водиме за ова дебата. За ова е водена дебата и 2001 година и треба сите да седнат на маса коишто ја воделе дебатата во 2001 година во однос на рамноправна застапеност на етничките заедници и така натаму…
-Принципот никој не го спори….
Затоа велам дека треба добро да се разгледа методологијата во 2001 година, потоа добро да се разгледа методологијата на неуспешниот попис којшто го имавме чинам во 2012-та…и да се спореди со методологијата во 2021 година“,
беше дел од дебатата.
И додека и премиерот и министерот за администрација најавуваат дебати, Балансерот си работи со бројките за вкупно попишаното население.
А тоа не е единствениот проблематичен аспект на правичната застапеност.
Станува редовна пракса граѓани да испраќаат повеќе апликации на оглас за работа во државни институции, во кои декларираат различна етничка припадност.
„На огласот што беше објавен во март оваа година кај нас се случи да конкурира на пет работни места и да се изјасни на три работни места како Македонец, на едно работно место како Албанец, на едно работно место за Ром и да биде избран за најдобар кандидат на работното место предвидено за Ром. И сега нема како да го третираш, освен како злоупотреба.“
вели членот на Антикорупциската комисија, Нури Бајрами.
Членот на антикорупциската комисија смета дека во вакви случаи најмалку виновни се граѓаните кои ја менуваат својата етничка припадност. Тој прстот го вперува во институциите.
„И покрај ваквите констатирани состојби не презеле на време за да се спречи ова бидејќи во нашиот случај, ние кога ќе треба да изготвиме годишен план за вработување за наредната година треба да напишеме дека Ром распоредено, а реално немаме. Тогаш која е смислата на годишниот план за вработување? И која е смислата на „балансерот“ за да се постигне соодветната и правичната застапеност?“
вели Бајрами.
Свесен за злоупотребите на „балансерот“, министерот Алити смета дека го нашол „магичното“ решение. Во новиот Закон за административни службеници најавува механизам за спречување на менување на етничката припадност.
„Кога кандидатите сакаат да аплицираат за одредена работа и ако немаат профил во Агенцијата за администрација, ќе треба да креираат профил. Полето за националност ако го селектираат еднаш Македонец, или Албанец или Турчин, тоа да не може да се едитира, односно да се промени“,
појаснува Алити.
И додека овој предлог на министерот може, а можеби и нема да се донесе, кај некои членови на Владата, за разлика од други, живее идеја дури и за укинување на балансерот.
„Јас се согласувам дека во еден период, особено после Охридскиот рамковен договор одигра една важна улога за обезбедување на правична застапеност… Меѓутоа, како поминува времето очигледно, како се зголемуваат злоупотребите на балансерот очигледно тој веќе ја има завршено својата улога. Ова го кажувам според мое убедување. И треба да се најде модул којшто повеќе ќе одговара на сегашните околности“,
смета Грковска.
„Во идеален свет кога политичките партии се свесни дека треба деполитизација на администрацијата и дека навистина треба само ‘мерит’ систем, не би имало потреба од квоти или во овој случај од балансер. Меѓутоа, фактот што споменавме дека сѐ уште има многу институции каде застапеноста не е добра, тоа подразбира дека на нас како држава сѐ уште ние потребна некаква алатка за квоти која ќе им дава шанси на сите националности“,
вели министерот Алити.
На тема манипулации со етничката припадност при вработување во јавниот сектор, Основниот суд во Крушево неодамна донесе индикативна пресуда. Жителка на градот доби три месеци условна казна затвор затоа што во минатото се декларирала за Влаинка а на конкурс за вработување се пријавила како Македонка.
Ако пресудата и може да биде вовед во решение на проблемот со злоупотребите од поединци, на тема Балансер такво нешто не е на повидок.