Бројот на жртви во катастрофалните поплави во Германија се искачи на најмалку 90, а преку илјада лица се сметаат за исчезнати.
Само само во покраината Рајнланд-Пфалц досега загинаа преку 50 луѓе, од кои девет живееле во установа за лица со попреченост. Властите во областа Ахрвејлер во западната германска покраина Рајнска област-Пфалц соопштија дека немаат информации за повеќе од илјада луѓе.
Цели делови се отсечени откако надојдените реки зафатија градови и села во државите Северна Рајна-Вестфалија и Рајнска област-Пфалц.
Спасувањето на луѓето од нивните куќи и станови е тешко, зашто некаде воопшто не постои пристап. Локалните власти алармираат дека бројот на жртви може да расте и понатаму.
„Во моментов претпоставуваме дека има околу 1.300 исчезнати лица. Само во областа на окружниот град Бад Ноенахр-Ахрвајлер, од утрово имало околу илјада повици, а операциите за спасување продолжуваат“,
се вели во соопштението на службата.
Германската канцеларка Ангела Меркел изрази жалење за жртвите и вети целосна поддршка.
“Моето сочувство до семејствата на загинатите и исчезнатите. Искрено им благодарам на многу неуморните помагачи и служби за итни случаи”,
рече Меркел .
Бројот на жртви од поплавите во јужниот дел на Белгија, пак, кои се најголеми во последните 20 години, се искачи на 12 лица, соопшти телевизискиот канал РТБФ. Спасувачките екипи користат моторни чамци и хеликоптери за да ги евакуираат луѓето.
Илјадници луѓе во Холандија се повикани да ги напуштат своите домови за да избегнат поплави поради надојдени реки. Неколку градови и села покрај реката Маас во провинцијата Лимбург ги советуваа луѓето синоќа да побараат засолниште, барем до попладне, поради големата опасност нивните домови да бидат поплавени во наредните часови.