Првиот круг од локалните избори треба да се одржи на 19 октомври, а вториот круг на 2 ноември
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска попладне ги распиша локалните избори, осми по ред од независноста наваму. Граѓаните ќе избираат локална власт – градоначалници и советници во 80 општини и во Градот Скопје.
Со денешното распишување почнуваат да течат изборните рокови – изборните листи се поднесуваат најдоцна 35 дена пред денот на одржување на изборите, а Државната изборна комисија треба да ги утврди листите до 27 септември. Увидот во Избирачкиот список ќе почне 15 дена по распишувањето на изборите и ќе трае 20 дена.
Изборната кампања ќе трае 20 дена и треба да почне на 30 септември.
Гаши, во пишана изјава, најави дека Собранието нема да одржува пленарни седници во текот на изборната кампања за, како што рече, да се спречи каква било злоупотреба на собраниската говорница за партиски цели.

„Изборите не се прост технички процес, туку суштината на нашата демократија. Тие претставуваат можност граѓаните да изберат одговорни водачи со визија. Затоа, 19 октомври е важен момент за зајакнување на демократијата и градење подобра иднина за сите“,
изјави спикерот Гаши.
Претседателот на Собранието апелира до сите политички субјекти да задржат ниво на политичка култура, да се избегнуваат притисоци, говор на омраза и злоупотреби на институциите.
„Упатувам јасен и искрен повик до сите политички сили, кандидати и соодветни структури да покажат висок степен на политичка култура. Да избегнуваат каква било форма на притисок, разделбен говор и секој обид за инструментализација на институциите и на јавните ресурси за партиски интереси. Ова е процес што треба да се фокусира на граѓанинот, на неговите реални потреби и предизвици, и на конкретните решенија што секој кандидат треба да ги понуди,“,
порача Гаши.
Вкупниот буџет за одржување на локалните избори е речиси 10 милиони евра.