Премиерот на Албанија Еди Рама предизвика општа смеа меѓу присутните на панел-дискусијата за Западен Балкан во рамки на Глобалниот форум за безбедност во Братислава, откако посочи дека тој и неговиот колега Димитар Ковачевски останале без влакна на главата чекајќи го членството во Европската Унија.
Говорејќи во контекст на проширувањето на ЕУ во Молдавија и Украина, Рама нагласи дека станува збор за нереално сценарио на кое двете земји не треба да му веруваат и покрај отворената дебата за ова прашање која се одвива во Брисел.
Како пример ги посочи премрежјата на С Македонија и на Албанија на тој пат а да го искористи моментот тоа да го отслика и низ личен пример, говорејќи за сопствениот и за изгледот на македонскиот премиер.
„Што ќе сторат со Украина? Ќе ја внесат во ЕУ? Прво, тоа не е реално. Второ, се работи за претсобје за депресија. Тоа не е претсобје за интеграција, туку претсобје за депресија. А, ние знаеме дека е тоа така. Знаете, во Солун, кога Димитар сè уште имаше коса беше речено дека ќе станеме членки на ЕУ. Тоа се случи дури и пред јас да ја изгубам својата коса. Така што, еве сме. Двајца ќелави. Затоа што ние верувавме во тие глупости. Тоа што нам ни треба е да бидеме реални, да бидеме искрени, отворени и да бидеме и директни“,
рече Рама. (во видеото овој дел е на 52,04)
Инаку, на Самитот на ЕУ-Западен Балкан одржан во Солун во јуни 2003 година, земјите членки практично се обврзаа државите од овој регион што поскоро да се интегрираат во Унијата. Дваесет години оттогаш, само Хрватска успеа да го премине прагот. Србија и Црна Гора формално преговараат за членство. С Македонија и Албанија се во процес на скрининг, а Босна и Херцеговина од оваа година е земја-кандидат за членство.