„Нашите деца отидоа, да не се случи повторно“, порачаа родителите и блиските на жртвите во пожарот кој се случи на 16 март 2025 година, а кој до денеска одзеде 63 животи
Денеска е отворена нова истрага поврзана со случајот. Овојпат против лица вработени во Управата за јавни приходи
19 ноември 2025 година. Локацијата е најголемата судница во земјава, веднаш до затворот „Идризово“. Роднините на загинатите во црнина и молкум го чекаа почетокот на првото рочиште за случајот што засекогаш им ги измени животите – пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани.
Тивки и резервирани, иако нивните лица и погледи зборуваа гласно. Неизвесност, болка, желба за правда доминираат кај родителите со кои разговаравме.
„Прво, сите што се виновни треба и мора да одговараат. Веруваме во правда. Правда бараме. Што и да се случи, што и да им пресудат, децата наши никој нема да ни ги врати, меѓутоа мора да разбереме дека конечно државата мора да преземе чекори и мерки ова да не се случи повторно. Нашите деца отидоа. Да не се случи повторно други луѓе да страдаат како ние што страдаме“,
рече Кире Димитриев – татко за починатиот Диме Димитриев.

Тага и радост во еден ден
Кире Димитриев во пожарот го загубил 30-годишниот син, а само еден ден подоцна му се родил внук, второ дете на починатиот.
„Син ми почина со отворени очи. Не си го виде детето. Требаше во неделата, на 16-ти во 10 часот во Чаир да ја донесат за пораѓање. Сакам да го речам следното – кога ми е тешко на душата, јас кога ќе ја земам внука ми, кога ќе ја гушнам внуката, кога ќе ме гушне, или малечкото, мене мислите барем за момент ми се разбистрени. Барем чувствувам некоја надеж дека треба да продолжам да живеам“,
вели Кире Димитриев – татко за починатиот Диме Димитриев.

Сепак, болката е силна, вели, и затоа правда мора да има.
„Јас верувам во силата и аргументите што ги има прибрано Обвинителството. Верувам дека судиите чесно ќе си го завршат својот дел од работата. Мораме да покажеме дека сме држава, дека можеме да бидеме држава и дека правдата ќе излезе на виделина, колку и да е болна. Сигурно нема да е толку болна колку што ние имаме внатрешна болка по загубата на нашите деца“,
додаде Димитриев.
Известување
Настанот, очекувано, привлече големо медиумско внимание. Станува збор за почеток на судска разврска за најголемата трагедија во поновата историја на Македонија, во која загинаа вкупно 63 лица, а над 200 се повредени.
Известуваа десетици екипи од земјава и странство. Новинарката Миглена Медарова од Бугарската национална телевизија пристигнала во Кочани еден ден по традегијата и оттаму известувала речиси една недела. Осум месеци потоа вели дека бугарската јавност и натаму ги следи случувањата со тага и интерес за епилогот од судскиот процес.
„Точно, имајќи предвид дека јас бев најдолго таму од сите колеги и како човек што има деца – тешко е. Исклучително е тешко. Признавам имаше и солзи. Бев таму и кога ги погребуваа сите 59 луѓе. Се соземаш во таков момент. Немаш избор бидејќи, лично јас, сакав сите во Бугарија да разберат која е маката на луѓето што се тука, не само на блиските на загинатите, туку на цела Македонија. Имаше голем одек“,
смета Миглена Медарова – новинарка на БНТ.

За новинарот на БИРН, Васко Маглешов случајот е голем новинарски предизвик со кој треба да се соочи целото општество. Вели дека новинарите се очите и ушите на јавноста во судницата и дека мора да бидат максимално професионални.
„Во поглед на новинарската етика, да се биде многу внимателен околу изнесување на тоа што се случува во судницата, не во смисла нешто да се прикрие, туку има огромен број оштетени и изнесување сцени од насилство, начинот на кој настапила смртта итн., мислам дека треба да се биде многу внимателен и одмерен со кој тон ќе се известува. Од друга страна, сите релевантни факти јавноста треба да ги дознае“,
вели Васко Маглешов – новинар во БИРН.

Речиси два часа пред рочиштето почнаа да пристигнуваат обвинетите. Меѓу нив сопствениците на клубот, поранешни министри, градоначалници, раководители.
Со засилено полициско обезбедување беа донесени притворените. Тие влегуваа од задната страна на судницата, а меѓу нив беше и првообвинетиот Дејан Јованов. Родителите и другите роднини следеа со големо внимание.

Пристигнаа и адвокатите на обвинетите и адвокатите што ги застапуваат оштетените.
„Ова е случај што ќе трае долго, ако се земат предвид огромниот број докази, обвинети, оштетени итн., доколку Обвинителството не се одлучи да се откаже од дел од доказите. Тоа ќе видиме во текот на понатамошното судење. Ова е многу повеќе од судење. Ова е соочување на општеството со самото себе, а медиумите се тука да го пренесуваат и да бидат критички глас од судницата за јавноста“,
додаде Маглешов.
Обезбедувањето прво дозволи да влезат роднините на оштетените, додека траеше информирањето на снимателите кога и како ќе можат да пристапат во судницата и да снимат инсерти. На тоа претходеа безбедносни проверки.
„Очекуваме од судот да воспостави динамика и да воспостави квалитетна работа. Во суштина, целото судење да биде квалитетно. Зошто? Затоа што само на тој начин можеме да кажеме дека имало простор да се изнесат сите докази, сите обвинети да се произнесат, сите оштетени да се произнесат, сите сведоци да ги дадат своите искази и целиот доказен материјал се изпита за да може да се донесе пресуда што ќе биде правно поткрепена и што ќе биде израз на правда“,
вели Тона Карева – правна советничка во Хелсиншки комитет за човекови права.
Судење
Внатре преполна сала со обвинители, обвинети, оштетени, адвокати, новинари, претставници на невладини организации.
Пред нив, судијката Диана Груевска-Илиевска рече дека не може да вети брз процес бидејќи тогаш може да се направи грешка. Не сакаше да прејудицира колку би траело судењето. Апелираше на дисциплина и порача – ќе дојдеме до вистината и правдата.

Обвинителството предложи спојување на главното обвинение со она против сопственикот на агенцијата „Рубикон“, Александар Нацев, во еден обвинителен акт. Тоа беше прифатено од судечкиот совет, а барањето на дел од адвокатите на обвинетите за одложување на рочиштето беше одбиено. Судењето продолжи со воведни зборови на Обвинителството. А во нив, обвинителот Борче Јанев веднаш стави до знаење дека нема колебање во стратегијата – во еден процес да се гонат и тие што директно придонеле за пожарот кобната вечер и оние што придонеле индиректно, на пример со непостапување.
„Злоделото во овој настан не е и не може да биде само казнивото дејствие на активација на пиротехниката и искрите кои достигнаа до плафонот и предизвикаа пожар. Злодело е и самото постоење на овој објект толку години. Клубот Пулс отсекогаш бил безбедносна смртонсна стапица, буре барут, затоа искрите без никаква пречка имаа каде да потфатат и да зацрнат и уништат толку човекови судбини“,
рече Борче Јанев – застапник на обвинението.
Во воведните зборови имаше порака и за сите што го критикуваа ваквиот пристап на обвинителството – во еден мега случај да се обиде да докаже вина за сите обвинети и за истото кривично дело – тешки дела против општата сигурност според член 292 од Кривичниот законик. Изминатите месеци не беа малку познавачите кои предупредуваа дека тешко ќе се докаже каузалитетот на кој инсистира обвинителството меѓу, на пример, нечие непостапување во 2012 година со нечие директно постапување и последиците од 16 март 2025 година.

„Затоа ќе докажеме дека се апсолутно безмислени тезите дека овде на одгорност треба да биде повикан само оној во чие време се случила последицата. Немаме ниту морално, ниту законско право одговорноста да ја бараме и да ја насочиме само кон тој во чие време се случила последицата. Тоа би значело дека треба да прифатиме дека обвинетите одговорни и службени лица кои не биле на должност во време на настапување на последицата, само поради тоа немаат вина. Иако се работи за исти повторувачки пропусти, меѓусебно надоврзувани во континуитет и доказите тоа јасно го покажуваат. Во овој случај не затаиле само обвинетите кои биле на должност во време на настанување на последицата“,
рече обвинителот Јанев.
И додека сè уште се средуваа впечатоците од првото судско рочиште, дојде оваа најава на државниот обвинител Љупчо Коцевски во телевизиско интервју:
„Има уште една предистражна постапка која исто така може да се очекува дека ќе биде во брзо време за лица вработени во Управата за јавни проходи.“
– Што значи тоа во брзо време?
„Па, од прилика, она што го кажав и за полициските, можеби и порано. Меѓутоа, во тој период.“
Но, акцијата се случи многу порано од најавите.
„Во текот на минатиот ден и денеска се преземаат одредени дејствија. Денеска се приведени, по мои информации, десеттина лица и во моментот се вршат претреси на одредени локации. Се вршат претреси на лицата опфатени со кривичната пријава. Само можам да ви кажам во овој момент дека се работи за лица вработени во УЈП, а за кривични дела допрва ќе видиме, меѓутоа првичните сознанија се за кривични дела – злоупотреба на службена положба и овластување и примање и давање мито.“
– Дали станува збор за она што веќе можевме да го слушнеме од истражувањата за комуникација, дека соработувале со сопствениците на „Пулс“ и им дојавувале?
„Вака, дел од тие комуникации што беа презентирани што беа презентирани во јавноста, дел се опфатени меѓутоа дадена е и изјава од Обвинителството дека дел од тие електронски пораки итн. се дадени во судот меѓутоа тоа беше дел само за тој предмет. Тие се поврзани и со овие лица.“
изјави денеска Коцевски.

Пожарот во кочанското т.н. кабаре „Пулс“ се случи на 16 март годинава. Првично загинаа 59 лица, но подоцна бројката се искачи на 63 загинати и над 200 повредени.
Оттогаш нивни роднини речиси секоја сабота во Кочани одржуваат протест наречен „Марш за Ангелите“. Последниот го одржаа во Скопје неколку дена пред почетокот на судењето. Присуствуваа илјадници граѓани.

Протестот почна на плоштадот Македонија, па продолжи пред Собранието. Оттука граѓаните се упатија кон Кривичниот суд со една главна порака: „Правда за Кочани!“ А таму – надеж и поддршка: „Сите сме со вас!“
Следното рочиште е на 25 ноември кога воведни зборови треба да даде одбраната на обвинетите.
