Кога властите ќе си ги завршат обврските и ќе ја усогласат регулативата, ќе добиете „роаминг како дома“. Ова е суштината на одговорите што ги добивме од Делегацијата на ЕУ откако Брисел им овозможи на граѓаните на Украина и на Молдавија да користат мобилен во ЕУ по цени како домашните, и тоа по само три години кандидатски статус на овие две земји, за разлика од македонските граѓани кои ја немаат таа привилегија и по повеќе од две децении во чекалната на Унијата
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, вели дека актуелната Влада веќе завршила дел од таа домашна задача но остануваат уште чекори. Не можело побрзо бидејќи неговите претходници, додава, немале направено ништо по прашањето
„Добредојдовте во роамингот на ЕУ“, на англиски и на украински, беше дел од пораката на Икс на Европската комисија кога Брисел најави укинување на трошокот за граѓаните на една од најновите земји кандидати за ЕУ.
„Здраво пријатели од ЕУ“, беше дел од пораката објавена на Икс на Делегацијата на ЕУ во Молдавија, кога на 1 јануари, заедно со Украина, на двете земји и формално им беше укинат роамингот.
Украина и Молдавија стигнаа до оваа знајачна поволност за граѓаните откако станаа кандидати за членство во ЕУ во 2022 година.
Македонија е земја кандидат од 2005 година и сè уште не е дел од системот на ЕУ наречен „роаминг како дома“. И не само земјава, туку ниту една друга држава кандидат од Западен Балкан нема бесплатен роаминг со ЕУ.
Дали станува збор за неиницијативност на домашните политички елити кои не си ја завршиле работата? Или, можеби, ЕУ има фаворити меѓу кандидатите? Еве што мислат македонските граѓани:
„Мислам дека треба да го добиеме (бесплатниот роаминг н.з) бидејќи подолго време чекаме за Европа, а ние како млади шетаме и ни треба. Плаќаме роаминг – не менуваме картички туку едноставно плаќаме поголеми цени“.
„Мислам дека ние заслужуваме да имаме (бесплатен н.з) роаминг бидејќи веќе долго време одиме кон таа Европа и со тоа што ќе ни дозволат ние да имаме роаминг во Европа – ќе бидеме само еден чекор поблиску“.
„Што очекувате? Не е фер“.
Темата ја отворивме и со надлежниот, министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски. Тој одговори дека идејата е на маса уште од 2014 година, но не е реализирана поради два клучни аспекти.
„И моите претходници и претходните влади се обидувале на некој начин да дискутираат, но ќе дојдам до тоа дека, за жал, не беше завршена домашната задача. Вториот аспект, политичкиот, сметам дека потекна од Украина заради кризата и беше вграден во договорите со Украина и со Молдавија во моментот кога тие беа потпишани. Кај нас, и кај Црна Гора и Албанија, нема потпишано таков вид на договор, што значи ќе треба билатерално да се договараме“,
изјави Андоновски во интервју за „360 степени“ емитувано на 12 јануари.

Под незавршена домашна задача, објасни Андоновски, мисли на неколку регулативи на ЕУ кои минатите влади требало, но не ги пренеле во македонското законодавство.
„Ние требало уште од 2018 година да го прилагодиме Европскиот комуникациски код. Тоа е еден голем законик на Европската Унија, во нашиот Закон за електронски комуникации, и уште четири други регулативи: две од 2016 година, една од 2018-2019 и една од 2022 година. За жал, ниту една од овие регулативи не биле пренесени во македонското законодавство. Ние направивме еден голем чекор со донесувањето на Законот за електронски комуникации во текот на 2025“,
рече Андоновски.
Следното логично прашање беше – ако се донесени законските измени, зошто граѓаните на земјава не уживаат или нема најава за „роаминг како дома“.
„Ние го немавме тогаш изработено акцискиот план за „роаминг како дома“, што значи Европската Унија немаше разјаснето кои се барањата, а се однесуваат на „роаминг како дома“ стриктно, освен европскиот комуникациски код. Кај него ни требаше период да го доусогласиме. Од јуни до декември работевме на доусогласување и расчистување на гап-анализите. Од 2018 до 2025 година немало во државава акциски план што е потребно да направиме за да стасаме до „роаминг како дома“. Ние направивме четири гап-анализи во текот на втората половина на 2025 година, во кои точно знаеме кој член од која од регулативите треба да се пренесе како измена на закон.
360°: И сега уште еднаш треба да се менува Законот за електронски комуникации?
„Уште еднаш ќе го менуваме Законот за електронски комуникации, најдоцна до февруари ќе го завршиме процесот на промена“.
360°: А зошто сега во декември не го направивте тоа?
„Не беа готови гап-анализите“.
Или, со други зборови, земјава има уште домашна работа за да ја префли топката во дворот на Брисел кога станува збор за „роаминг како дома“. Но, без разлика на тоа, се обративме и до Делегацијата на Европската унија.

Во однос на тоа кој е реалниот рок за земјите од Западен Балкан да имаат роаминг со ЕУ по цени како да се дома и кои се предусловите за да се дојде до вакво решение, од Делегација велат:
„Прво, мора да се исполни правната усогласеност. Покрај тоа, земјата кандидат мора да го докаже својот капацитет за следење и спроведување на заедничкото европско право за роаминг. Комисијата ги поддржува партнерите од Западен Балкан во овој процес. Во оваа фаза, нема утврден рок за завршување на процесот“.
Прашавме зошто Украина и Молдавија ја добија оваа придобивка пред Северна Македонија, а оттаму одговараат дека целиот процес со „роаминг како дома“ е започнат после 2017 година.
„Аранжманите за ’роаминг како дома’ во ЕУ беа воведени во 2017 година, а дискусиите за вклучување на земјите кандидати започнаа после тоа. Вклучувањето на Западен Балкан е дел од пошироки напори, како дел од тековната претпристапна поддршка на ЕУ и Планот за раст, усвоен од Европската комисија во ноември 2023 година, со цел подобрување на економската интеграција со Единствениот пазар на ЕУ… целосната имплементација зависи од усвојувањето и спроведувањето на потребните реформи од партнерите од Западен Балкан и од усогласувањето со законодавството на ЕУ за роаминг. Украина и Молдавија ги исполнија споменатите услови до крајот на 2025 година“,
ни одговорија од Делегацијата на ЕУ во Македонија.
На прашањето дали треба да се очекува заедничка одлука за Северна Македонија, Албанија и Црна Гора, или оваа придобивка не зависи од другите, од ЕУ велат:
„Режимот „роаминг како дома“ би се применувал за секоја земја поединечно, врз основа на нејзината усогласеност со законодавството на ЕУ за роаминг и капацитетот за спроведување, додека процесот може да се одвива паралелно за неколку партнери од Западен Балкан во зависност од нивната подготвеност. Бидејќи процесот е сложен, Комисијата во моментов го проценува најдобриот пристап што треба да се следи“.
Засега, утешната награда е што земјите од Западниот Балкан со посредство на ЕУ започнаа меѓусебен дијалог кој, меѓу другото, доведе до укинување на роамингот меѓу Северна Македонија, Албанија, Србија, Косово, Босна и Херцеговина и Црна Гора во 2021 година.
Барем за во тој дел од комшилукот повеќе нема потреба од вообичаената гимнастика на купување сим-картичка веднаш штом се влезе во друга земја, за да се избегнат скапи повици и интернет кога сте на пат.
