На средбата помеѓу првите луѓе на ЦИА и рускиот Совет за безбедност, пак, ѝ претходеше средба на претставници на Русија и САД во Женева на 30 септември која беше со цел да се продолжи стратешкиот дијалог што Владимир Путин и Џо Бајден го започнаа на брегот на Женевското езеро во јуни годинава

Директорот на ЦИА, Вилијам Барнс, денеска во Москва се сретна со влијателниот директор на Советот за безбедност на Русија, Николај Патрушев, со кого, како што е соопштено, разговарале за „руско-американските врски“.
Посетата не беше јавно најавена, а за состанокот е издадено само кусо соопштение од рускиот Совет за безбедност во кое не се откриваат многу детали, додека американската Амбасада во Москва не ја коментираше средбата.
Барнс важи за еден од најискусните дипломати на САД, во неговата кариера беше и американски амбасадор во Русија и Јордан и заменик-државен секретар во времето на Барак Обама, а неговата посета на Москва доаѓа во време кога во руско-американските односи има големи контроверзии.
Западните земји воведоа санкции кон Русија по нејзината анексија на Крим во 2014 година и Вашингтон ја обвинува Русија за серија хакерски напади и мешање во изборите во САД.
Москва, од друга страна, често ги обвинува САД и Западот дека се мешаат во нејзината внатрешна политика и вршат притисок врз руски новинари.
На средбата помеѓу првите луѓе на ЦИА и рускиот Совет за безбедност, пак, ѝ претходеше средба на претставници на Русија и САД во Женева на 30 септември која беше со цел да се продолжи стратешкиот дијалог што Владимир Путин и Џо Бајден го започнаа на брегот на Женевското езеро во јуни годинава.
Бајден и Путин на историскиот самит на 16 јуни истакнаа дека дијалогот меѓу двете земји е итно потребен иако тие не се согласуваат за многу прашања. Тие потсетија дека Москва и Вашингтон разговарале дури и во екот на Студената војна за да го спречат најлошото.