Хуманитарна помош за Украина се собира на повеќе места низ С Македонија. Здружението на Украинци „Лесја Украинка“ отвори голем пункт во скопската населба Ѓорче Петров, а за таа намена има и поставен шатор на градскиот плоштад во Скопје. Велат дека е потребно буквално сѐ – од лекови и храна до облека и обувки
Скопјанец донирал количка, патерици и други помагала што му припаѓале на синот кој починал. „Со солзи на очи, рече, мене не ми треба, тоа ќе треба на некој, а сега се знае на кого“, велат од здружението
Ова е пунктот во скопската населба Ѓорче Петров во кој се собира хуманитарна помош за луѓето погодени од воените дејствија во Украина. Го отвори здружението на Украинци во Македонија „Лесја Украинка“.

„Поради војната, сѐ им е потребно, затоа што луѓето ги оставиле своите куќи, згради, бегаат жени со деца, буквално го имаат само она што успеале да го понесат со себе. Храна, лекови, облека, пелени, буквално сѐ е потребно за обична фамилија која бега од Украина“,
вели Олександр Урбанович – претседател на здружение на Украинци „Лесја Украинка“.
Најмногу донираат поголеми компании. Некои носат со сопствен транспорт. За оние што не можат, од здружението велат дека и самите организираат транспорт. Доаѓаат и обични граѓани со полни торби.

„Ние сме благодарни за каква било хуманитарна помош, добредојдена е. Работите се одвиваат како што се одвиваат. Не можеме да очекуваме ништо. Второ, благодарни сме на поголемите македонски бизниси кои веќе имаат испратено шест камиони со хуманитарна помош за Украина“,
вели тој.
Сопругата на претседателот на здружението, Татјана, и Маријанчо Велковски, скопјанец кој е оженет со Украинка, секојдневно се во пунктот.

Велковски смета дека сме хумана нација и дека некои граѓани го донираат и последното што го имаат. Скопјанец донел количка, патерици и други помагала што му припаѓале на синот кој починал.

„Така рече, со солзи на очи, мене не ми треба, тоа ќе треба на некој. Подобро да ги земете, некој ќе ги искористи, на кого му треба. А сега се знае на кого“,
вели Велковски.
Постојано водат евиденција колку и какви производи се донесени.
„Само да не е од животинско потекло. Лекови, брашно, зејтин, конзерви, грашок, житарици, тоа е. Облека може за деца, на крајот и некоја играчка за некое дете“,
додава тој.
Го прашавме Велковски зошто се решил да помага во пунктот.
„Јас мислам дека треба секој човек кој е хуман… Знаеме историјата како била и кај нас. Многу ни помогнале и сакаме ние да помогнеме“,
смета тој.

Претседателот на здружението, Урбанович, вели дека камионите со хуманитарна помош се упатуваат за Чернивци, место во близина на романско-украинската граница.
„Чернивци е на 30 километри од границата со Романија. Сосема е безбедно. Таму има пункт за собирање хуманитарна помош од цела Европа. Тие влегуваат 30 километри од граница и таму се истовараат и се враќаат безбедно назад. Во Украина се праќа каде што е најнеопходно. Со возови, со коли, со волонтери, таму веќе тие се организираат сами“,
рече Урбанович.

Од завчера Здружението на Украинци постави шатор на централниот скопски плоштад, во кој, исто така, може да се донесе помош. Во него помага Маријана Велковска, чија мајка е од Украина, а дедо ѝ е на украинските боишта, иако има 70 години.

„Пунктот е отворен трет ден. Ќе биде до деветти март. Ќе се обидеме да го продолжиме, да добиеме решение од Општина Центар за да продолжи уште неколку дена затоа што моментално многу и е потребна помош на Украина“,
вели Велковска.
Црвениот крст на Република Северна Македонија, пак, апелираше да се донираат финансиски средства.

„Сите заинтересирани лица можат да донираат преку нашите телефони веќе добро познати и објавени во јавноста и секако можност за сите заинтересирани граѓани и компании можат да уплатат средства на сметката на фондот за солидарност која исто така е позната на граѓаните“,
рече Саит Саити – генерален секретар на Црвен крст на РСМ.
Саити вели дека македонскиот Црвен крст има искуство со бегалски кризи и е подготвен за прифаќање евентуален бегалски бран. Засега, според нивните информации, регистрирани се тројца украински бегалци во земјава.
„Во нашите редови разработуваме две сценарија. Едното би значело евентиално доаѓање на граѓани од Украина кои тоа го прават индивидуално или имаат одредени семејни релации или пријателски и роднински во нашата држава. И втората опција би била евентуално доаѓање во поголем број или поголеми групи. Проценките наши се дека со оглед на тоа дека не сме ние земја-сосед на Украина не очекуваме да имаме голем наплив на бегалци, но секако дека сме подготвени затоа“,
додава Саити.
Од здружението на Украинци велат дека би им било полесно ако се отвори по еден пункт за собирање хуманитарна помош во секоја општина. Дотогаш, велат, патуваат и по други градови за да собираат помош со свои возила, а некои граѓани им праќаат по карго.
„Ние сме благодарни за каква било помош и од големи и од мали држави. Знаете како – капка по капка, река тече. Со таа помош Украина ќе го зачува мирот за светот“,
смета Урбанович.