Претседателот Стево Пендаровски е во Сараево, каде учествува на самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа. Тој оствари билатерални средби со турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, со колегата од Албанија, Илир Мета и со бугарскиот премиер Бојко Борисов.
На почетокот од состанокот на македонската и бугарската делегација, како што може да се види од видео снимката која на својот Фејсбук профил ја објави бугарскиот премиер Бојко Борисов, претседателот Пендаровски, на шега, се пожали дека протоколот го оставил без вода.
- Пендаровски: Само за мене нема вода, а?
- Борисов: Има бе, како да нема.
Во тој момент, шефот на Кабинетот, Миле Бошњаковски му ја дава својата чаша и шишето вода на претседателот Пендаровски.
Инаку, Претседателот Пендаровски во своето обраќање на Самитот истакна дека почетокот на преговорите не значи моментално членство на Северна Македонија во ЕУ, туку почеток на долг процес што можеби ќе трае и цела деценија.
„Сега не е време за изговори и за повлекување од дадените ветувања, туку за храбри одлуки што ќе отворат нова перспектива за нашиот регион. Европската Унија има одговорност кон нашиот регион и кон нашите држави. Тоа не значи дека ние треба да чекаме Унијата да ја заврши нашата домашна работа и да ги спроведе реформите наместо нас. Но, Унијата секако има одговорност да ни даде можност да ги започнеме преговорите низ кои ќе се менуваме и реформираме сè додека не ги достигнеме неопходните европски критериуми и стандарди. Искуството покажува дека не постои поголема мотивирачка сила за реформи од преговорите за членство “,
рече претседателот Пендаровски.
На средбата со Ердоган било изразено задоволство од силното партнерство меѓу двете држави, и од позитивниот тренд во развојот на билатералните односи, како на политички, така и на економски план. Претседателот Ердоган посочил дека пристапниот Протокол за членство во НАТО ќе биде наскоро ратификуван во Големото национално собрание на Република Турција.