Во документите се опишуваат подготовките што Израел ги прави за можен напад врз Иран, вклучително и движење на муниција и вежби со ракети воздух-земја од страна на израелските воздухопловни сили

Соединетите Американски Држави (САД) започнаа истрага за протекувањето високодоверливи информации за плановите на Израел да му се одмазди на Иран. Како што објави Си-ен-ен, информацијата доаѓа од добро информирани извори кои ја потврдиле автентичноста на документите.
Протекувањето на документите, кои еден американски официјален претставник ги опиша како „длабоко вознемирувачки“, дојде во исклучително чувствителен момент за односите меѓу САД и Израел. Документите, датирани од 15 и 16 октомври, почнаа да кружат на интернет откако беа објавени на платформата Телеграм од страна на корисник наречен Middle East Spectator. Документите се класифицирани како строго доверливи и имаат ознаки што укажуваат дека само САД и нивните сојузници – Австралија, Канада, Нов Зеланд и Обединетото Кралство можат да ги видат.
Тие ги опишуваат подготовките што Израел ги прави за можен напад врз Иран, вклучително и движење на муниција и вежби со ракети воздух-земја од страна на израелските воздухопловни сили. Според некои извори, истрагата се фокусира на тоа кој имал пристап до спорните документи. Секое такво протекување автоматски предизвикува истрага од ФБИ во соработка со Пентагон и американските разузнавачки агенции. ФБИ не ја коментираше ситуацијата.
Протекувањето доаѓа додека Израел планира да одговори на иранските ракетни напади на 1 октомври. Еден од документите сугерира дека Израел поседува нуклеарно оружје што земјата никогаш јавно не го потврдила. Сепак, во документот се наведува дека САД не добиле индикации дека Израел планира да употреби нуклеарно оружје против Иран.
Поранешниот заменик-помошник секретар за одбрана за Блискиот Исток, Мик Малрој, го опиша протекувањето како сериозно нарушување на довербата меѓу САД и Израел. „Идната координација меѓу САД и Израел може да биде доведена во прашање“, додаде Малрој.
Советот за национална безбедност го упати Си-ен-ен до канцеларијата на директорот на Националното разузнавање и Пентагон за коментар, но двете институции одбиле да коментираат.
Истрагата се фокусира и на можното хакирање документи бидејќи американските разузнавачки агенции веќе предупредија за ирански хакери упад во август. Ова не е првпат да протечат американски разузнавачки информации што дополнително ги затегна односите на САД со сојузниците, вклучувајќи ги Јужна Кореја и Украина минатата година, кога 21-годишен припадник на Националната гарда објави високодоверливи информации на платформата Дискорд.