Животниот пат на Башким Бакиу почнува во Сарај, во 1981 година. Детството го минува на локалните фудбалски терени, Матка и Треска. Подоцна во животот запишува и завршува Политички науки на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, во исто време работејќи и како продавач на пазар за да си помогне во студиите
Денеска Башким Бакиу е татко на три деца, експерт од областа на локалниот развој и децентрализацијата и директор на Дирекцијата за општи услуги во Универзитетскиот клинички центар во Скопјe. Главниот град досега имал градоначалници од различни провиненции, вели тој, и додава – мислам дека е време да има и еден Башким
За поголемиот дел од Скопје, Општината Сарај е синоним за еднодневен туризам. Кањонот Матка, паркот, реката Треска, а на времето и езерото. Но, за Башким Бакиу, Сарај е секојдневие, дом и корен – место каде што се раѓа визијата за тоа какво може, но и треба да биде Скопје.
„Местото каде што сме сега ме поврзува со моето детство, со многу сеќавања. Тука на 100 метри е основното училиште каде што го започнав образовниот процес, многу блиску е Треска. Јас го затекнав езерото во моментот кога беше туристички атрактивно. До училиштето беше и стадионот за мал фудбал, не повеќе од 800 метри ни е рекреативниот центар Сарај каде што нормално можеби и четири пати неделно заедно со друштвото игравме фудбал. Во основно не сум имал можност да тренирам иако ми беше една од најголемите желби ама многу сум играл фудбал, со целата генерација па и со постарите. Сум бил учесник на турнири за мал фудбал и можам да кажам дека сме се организирале и маалски и со другите населени места да играме и во рекреативниот центар но и кај малиот стадион“,
рече Бакиу.
Самите се уверивме дека во Сарај е лесно препознатлив, но и лесно достапен. Бакиу вели дека е израснат да биде скромен, но не додржува да каже дека ги поседува сите предиспозиции да биде градоначалник, за разлика од неговите противкандидати.

Дипломирал политички науки на Правниот факултет во Скопје, а магистрирал споредбен локален развој. Десетина години работел на теми поврзани со децентрализација, неретко пишувајќи и анализи за невладини организации. Од минатата година е директор на Дирекцијата за општи услуги во Универзитетскиот клинички центар во Скопјe. А, тука е и љубовта кон главниот град.
„Скопје генерално се карактеризира како хуман град, како гостопримлив град, со добри еснафи, со убави места и за журки, со убави места за седење. Но, ја има и лошата страна, особено сега во последниот период каде што загаденоста, односно нечистотијата се гледа, многу е визуелно. Но, сепак, кога претставуваш ќе се ориентираш кон барем тие природните убавини кои што ги има Скопје, а го имам кај мене многу блиску, тоа е Матка“,
изјави кандидатот за градоначалник на Град Скопје.
Не му е првпат на 44-годишниот татко на три деца Башким Бакиу да трча за градоначалник. На локалните избори во 2017, како кандидат на БЕСА, тесно загуби во вториот круг од Блерим Беџети од ДУИ.

Смета дека трката за главниот град е на повисоко ниво и дека бара уште посериозни проекти и планови. Тој се фокусира на три точки. Една од нив е да се воспостави брз автобуски систем во Скопје, т.н. БРТ, а линиите да одат и до местата населени со Албанци.
360 Степени: Северната оска како би ја поврзале? Бидејќи тука зборуваме за едно тесно грло во општина Чаир, на улицата Цветан Димов, каде што во моментов има само две ленти од двете страни и евентуално воведување на БРТ дали би значело можеби рушење на оние продавници кои се покрај самиот пат за да се прошири булеварот или не размислувате во таа насока?
Беким Бакиу: Во проектот кој што го презентирав, мислам ви го кажав, се работи за првата фаза, бидејќи сепак се работи за сериозна инвестиција, сериозен проект кој е долг. И пристапот треба да биде прецизен со цел да се дојде до соодветни решенија. Втората фаза би бил да се предвидат останатите делови од градот кои што нормално со консултација на експертите, па и во случајот со одредени општини би требало да се реализираат и да се види местоположбата, инфраструктурните можности, да се анализира актуелната ситуација, каква е, дали постојат можности, после да се доведе до имплементација.
360 степени: Сметате дека во овој цел сообраќаен хаос во Чаир би можело да се имплементира овој проект?
Беким Бакиу: Мислам дека ништо не е невозможно, сè е можно.
Скопје се гуши во смет и нехигиена, па оттаму и прашањето – како би ги решил? Со повеќе пари и нова механизација во јавните претпријатија, вели Бакиу.
Бакиу: Ја анализирав состојбата и таму има многу, особено во Комунална хигиена, многу машини кои што се стари, низ годините се реализирале големи трошоци кои што се непотребни и апсолутно заради таа неефикасност и неефективно работење, претпријатието се довело до ваквата ситуација. Мислам дека нема потреба од покачување на цената, бидејќи домаќинствата плаќаат стандардни цени визави стандардот кај нас, во Македонија. Тоа сум го анализирал и сум ги споредувал и со европските метрополи. Тие не плаќаат ниту евтино, ниту скапо. Истото важи и за бизнисите кои што плаќаат, но само треба домаќинство во раководењето.
360 Степени: Но во тој случај, како би ги зголемиле буџетите?
Бакиу: Буџетот кој што сега се добива од приходите кои што плаќаат домаќинствата и бизнисите се доволни за функционирање на целокупното јавно претпријатие, бидејќи не е тоа единствен приход на на јавните претпријатија. Градот Скопје прилива, мислам добива прилив од даноци и од буџетот и од начинот како функционира една локална самоуправа. Тоа е одговорност на градоначалникот како ќе ги распредели, за што е неопходно и во случајот кога ќе би имало некоја пресметка дека не се доволно приходите, а се во актуелниот случај, ако е потребно модернизација на механизацијата или пак друга инвестиција, тогаш градот може преку советот да предложи реалокација на средствата за конкретно јавно претпријатие.
Собирањето на ѓубрето е една работа, а неговото одлагање друга. Депонирањето Бакиу го гледа на истото место како досега, на Дрисла, но развиена преку јавно-приватното партнерство.
„Веќе светот, метрополите, модерните градови имплементираат политики кои што се и еколошки, но и ефикасни, во смисла на примена на начинот на рециклирање, тоа подразбира редуцирање и граѓаните и домаќинството, односно од моментот кога се фрла отпадот, уште од тогаш да се рециклира, истото да има можност да се транспортира сè до депонијата. Во случајот Дрисла. Таквиот начин за жал не функционира во Скопје. Разликување на тврд отпад, габарит и други, кои што се отпади кои што се фрлаат било од бизнисот или пак од домаќинствата, со цел да се примени начинот на рециклирање, а зошто да немаме ние од истите некаков профит, односно компанијата. Јас дел од моите студии сум ги поминал во Љубљана и Љубљана е најдобар пример како една депонија се трансформирала со приход, односно, создава енергија, а истото да влијае и на чистотата во Љубљана“,
кажа Бакиу.
Скопје е мултиетнички град, па за да се стане градоначалник вообичаено е потребна поддршка од сите или повеќето етникуми. Дали ако влезе во вториот круг, ќе оди во деловите на градот каде живеат мнозинство Македонци, Роми или други?

Одговорот се крие во неговото име, вели Башким, кое на македонски грубо би можело да се преведе како „заедно“ или „унија“.
„Претежно сум фокусиран кон незадоволниот гласач, но ваково лошо, условно кажано менаџирање се следеше и во циклуси и можам да констатирам дека граѓаните на Скопје ги пробале сите опции. Пробале со десничари, левичари и независни и либерали и сметам дека сега е да речам, времето за еден Башким“,
изјави Бакиу.
Биографијата на Башким Бакиу е на човек кој немал некоја голема стартна предност во животот. Не се срами да каже дека во младоста работел на пазар како продавач на овошје и зеленчук за да собере плус пари за студиите.
Две и пол децении подоцна и исто толку време животно искуство е пред нова борба, како што вели, за да се докаже дека знаењето и планот се поважни од тесните партиски агенди. Скопје да стане од град на хаос, во град на еднакви можности за секој.