Амар Мециновиќ е роден во 1996 година и е кандидат од редовите на Левица. По потекло е од Чаир, а со политика почнал да се занимава уште од студентските денови на Правниот факултет. Од 2022 година е член на Советот на Град Скопје, а по парламентарните избори во 2024 година влегува во Собранието како пратеник на Левица од втората Изборна единица
Три главни точки на кои се фокусира во програмата се решенија за јавниот превоз, загадувањето и јавните претпријатија
Со неполни 30 години, тој е најмладиот претендент за градоначалник на Скопје на претстојните локални избори. Амар Мециновиќ е роден во 1996 година и е кандидат од редовите на Левица. По потекло е чаирчанец. Детството го поминал на улицата „Дижонска“. Растел во етнички мешана средина – вели дека има убави спомени од маалската дружба. Не дека немало тепачки и поделби, но преовладувале заедничките игри.
„Многу голем број на деца се дружевме во Чаир кога јас растев. Значи зборам буквално групи од 50-60 деца од различни „групировки“ кои потоа се собиравме навечер да играме граница. Тоа го памтам како едно од најпријатните мемории, затоа што преку ден на пример машките генерално играа фудбал, девојчињата некои други нивни игри и навечер се собиравме, игравме сите граница. И тоа беше многу убава меморија од моето детство затоа што тука нели се собиравме сите, имавме симпатии меѓусебно и така да тоа е многу убава меморија од моето детство. Инаку да, се занимавав со фудбал, играв овде на стадионот доле во ФК Балкан, тренирав кик-бокс во ‘Партизан’ кој е сега руиниран. И меѓу другото тоа покажува дека децата како изминуваат генерациите, сѐ помалку и помалку понуди имаат за исполнето детство“,
вели Амар Мециновиќ, кандидатот на Левица за градоначалник на Град Скопје.

Амар вели дека потекнува од семејство со скромни примања. Средината во која растел придонела рано во младоста да почне да се занимава со политика. Уште како студент на политички науки на Правниот факултет при УКИМ проценил дека левичарската идеологија му е блиска и одлучил да се приклучи на партијата Левица.
„Имам растено помеѓу деца и помеѓу мои врсници од социјални слоеви кои се при дното на општеството и сум видел како мои другари кои се хиперталентирани, до ден денес издвојувам еден многу експлицитен пример – јас имав другар кој имаше талент за пишување неприкосновен. Значи неприкосновен талент за пишување и заради социјалната состојба на неговото семејство, тој денеска не се бави со тоа, напротив се бави со работа која е далеку од тоа, само заради социјалните услови во кои живеел. Така да, со тоа што бев опкружен со еден таков круг на луѓе со кои имав комуникација, во комбинација со тоа дека Скопје е отуѓено потполно од своите граѓани, ме има наведено на една таква идеологија и Левица ми легна многу природно во целата таа приказна“,
посочува Мециновиќ.
Амар Мециновиќ релативно брзо напредува во Левица и станува член на президиумот на партијата и портпарол. Од 2022 година е член на Советот на Град Скопје, а по парламентарните избори во 2024 година влегува во Собранието како пратеник на Левица од втората Изборна единица.

„360 степени“: Сега сте пратеник, колку се сеќавате на вашите први вработувања?
Мециновиќ: За време на средношколските денови работев било какви физички работи, значи работев на бензинска пумпа, работев како градежен работник, работев како курир. Додека во иницијалните години од студиите работев во кол-центар. Неколку години работев во кол-центар, во диспеч-центар, додека потоа се префрлив и на фриленс работа и во годините помеѓу 22-та и 26-та, година работев како фриленсер, т.е. работев на новинарски текстови кои ги продавав на платформи за фриленсери, семинарски работи кои за странски студенти се нарачуваат преку такви платформи.
Мециновиќ е љубител на планинарењето. Вели дека ужива во искачувањето врвови и во планинарски експедиции, каде и го поминува најголемиот дел од слободното време. Па неслучајно, неговиот избор на локацијата за снимање беше парк-шумата Гази Баба.

Во моментов живее под кирија во Карпош, но…
„Чаир ми е при срце и секогаш ќе го сакам Чаир. Во идеални услови би го избрал Чаир, ама реалноста е дека функционално општина Карпош е сега многу поубава за живеење. Оваа наша општина ги имаше сите предиспозиции да биде најубава за урбаното живеење бидејќи е на централното градско подрачје, поврзана е убаво инфраструктурно со центарот на градот, ама тоа повеќе не е вистина, условите на живот во Чаир се влошени. Така што, за жал, поради политиките кои се водат во последните 30 години, најверојатно поради функционалноста би ја избрал Карпош“,
додава Мециновиќ.

Што е она што најмногу му пречи во градот, Мециновиќ вели дека е сублимирано во програмата „За Скопје сега“. Три главни точки на кои се фокусира се решенија за јавниот превоз, загадувањето и јавните претпријатија.
Мециновиќ: Ние сметаме дека автобускиот превоз треба да се одвива на три оски, тоа е оска север, оска центар и оска југ и сите тие треба да ја хранат главната оска на превоз, а тоа е оската исток-запад, т.е. од Ѓорче до Аеродром. Најголемиот проект кој ние го предвидуваме, сега ќе пробам да ви го експлицирам во најкратки црти, е еден проект кој би го решил превозот во Скопје за наредните 100 години. Тоа е проект кој навистина изискува пари, ќе влеземе точно и во цифри колку чини сето тоа, но е потребно да тргнеме во насока на решавање на сообраќајот во Скопје засекогаш. Што значи тоа? Ние сметаме дека треба да се изгради издигната железница, т.е. железница која е суспендирана на носечки столбови, која ќе биде над булеварите и која ќе ја, која едноставно на едно друго ниво ќе се одвива. Таа би била во должина од 13,2 километри.
„360 степени“: Која траса?
Мециновиќ: Исток-запад од Ново Лисиче до Ѓорче Петров. Тоа би било 13,2 километри со 20 станици. Изведувањето на овој проект во најбомбастични цени кои можеме да ги посочиме, во максимални износи кои ние ги имаме пресметувано за набавка на возови за ваков тип на сообраќај, тие возови би чиниле отприлика 60 милиони евра, додека правење на двонасочна железничка инфраструктура во центарот на градот би не чинело 460 милиони евра. Така што целиот проект е 520 милиони евра.

Со решавање на јавниот превоз делумно се решава и загадувањето на градот, но потребна е борба на повеќе фронтови, вели тој.
Мециновиќ: Ние сметаме дека треба да се зајакнат капацитетите на комунална хигиена, да се зајакнат капацитетите на Дрисла. Дрисла е најфункционалното претпријатие во град Скопје, а ние сега имаме дискурс кој оди во насока да го оправда нејзиното потенцијално приватизирање. Ние сметаме дека Дрисла треба да се осовремени, да се направат капацитети за рециклажа во самите, во ингеренциите на самото претпријатие Дрисла. Така да, во суштина нашиот одговор за дивите депонии е зајакнување на комуналните служби кои треба да ја вршат таа работа и сметаме дека со еден силен одговор на јавните претпријатија може да се постигнат задоволителни резултати.
„360 степени“: Третата точка ви беа јавните претпријатија. Како ќе го јакнете капацитетот на оние кои се должници, загубари?
Мециновиќ: Значи, логиката е многу проста. Јас како градоначалник во првиот иницијален период на мојот мандат, пред сѐ јас би сакал да имам состаноци со сите вработени на јавните претпријатија, затоа што за нас целата приказна почнува од работниците кои треба да ги извршуваат работите кои се однесуваат на услугите за граѓаните. Така што прво треба да се подобрат условите за работа во самите претпријатија, затоа што тие претпријатија се оставени без услови за работа. Немаат механизација, луѓето немаат лопати, немаат просто орудија за функционирање. Нашите возачи возат со ужасни автобуси, тие автобуси немаат делови. Нашите возачи и нашите вработени во ЈСП на секои три месеци имаат протести затоа што не им доаѓаат плати, како во Флораком, како во ЈСП и како во многу претпријатија. И сѐ додека ние не го ставиме работникот кој треба да ги заврши сите тие работи во фокусот, ние не ни можеме да очекуваме подобри резултати.
Мециновиќ во програмата ветува зголемување на капацитетите за водоснабдување, пречистителна станица, изградба на Градски базен, Саем, Луна парк, формирање Јавно претпријатие за општествени станови, како и нова административна зграда на Град Скопје.

Изборната програма на Мециновиќ може да се отвори на веб-страницата на Левица. А во скратена форма активистите ја доставуваат на терен, на средби со граѓаните.
Да има почесто со граѓаните средба, макар еднаш месечно. Да си има тој ден закажано два часа, тој ден да си каже секој што има.
Да го исчистат градот, што друго. Ние тоа гледаме, а другото се е плус.
Ааа тој е умно момче го видов. Ми изгледа вредно. Што да му порачам, си знае он, маките ги знае, да почне да ги решава полека.
велат дел од случајните минувачи.

Бидејќи Левица остана без државни пари поради дупките во Изборниот законик, Мециновиќ не може да се рекламира на телевизија, радио и портали. Па, главната нетеренска кампања се одвива на социјалните мрежи. Таму очекува да придобие најголем дел од гласачите.