Станува збор за објекти почнати уште во февруари 2020-тата година и кои требаше да бидат готови 18 месеци подоцна. За базените кои не се изградија ниту во рокот за градба, ниту во рокот на важност на договорот, новата Влада почна ревизија и најави пријави до надлежните за можни нерегуларности
Но министерот за спорт, Борко Ристовски, во исто време продолжува да потпишува нови анекс договори со кои по вторпат го продолжува рокот за изградба на базените. А пред само неколку месеци призна дека при изградбата противзаконски се ангажирале подизведувачи
На почетокот на новата година министерот за спорт најави отворање на пет базени до почетокот на летната сезона. Ги почна, но не ги заврши претходната власт.
„Најпрво пет базени ќе ги завршиме до летото, ќе ги пуштиме во употреба, а потоа останатите уште десетина ќе почнеме да преговараме со економските оператори да ги завршиме и тие“,
рече Ристовски на почетокот на годинава.
Формално, според анекс-договорите потпишани од министерот, рокот за завршување на базените беше 30 јуни. И, токму на тој ден, наместо отворање, тој постави нов рок.
„Направивме преку триесет мултифункционални игралишта, петте базени, шест ќе ги довршиме до крајот на летото, значи тоа се сериозни работи за само дванаесет месеци да ги направите е макотрпна работа“,
изјави министерот на 30 јуни 2025 г.

Зошто базените ем пробија уште еден рок, ем и натаму се градат, кога самото Министерство за спорт ги нарече договорите за изведба – незаконски?
На 30 јуни кога министерот Борко Ристовски даваше отчет за сработеното, тимови на „360 степени“ беа на терен. Правевме обиколка на петте локации каде во 2020 година почна изградбата на исто толку базени за почетни 3,3 милиони евра народни пари.
Два се во главниот град. Уште на почеток, во дворот на училиштето „Невена Георгиева Дуња“ во Кисела Вода, не дочека и првото изненадување. Од информативната табла беше отстрането името на фирмата „Вивинт“.

За неа, во претходните стории на оваа тема, откривме дека е подизведувач на подизведувачот на базените и тоа за противзаконски висок процент од вредноста на работите. На таблата избришана, но до влезот на објектот успеавме да фотографираме возило брендирано токму со името на оваа компанија.
Се на се, посетата ни покажа дека во Кисела Вода се работи, иако не е до крај јасно кој го прави тоа.

Во „Димитар поп Георгиев – Беровски“ во Ѓорче Петров, сликата е антипод на онаа од Кисела Вода.
Во Кисела Вода работниците и механизацијата се присутни и базенот барем според она што може да се види е во завршна фаза. Но, овде во Ѓорче Петров, сликата е сосема поинаква. На терен нема ниту работници, ниту опрема, ниту пак знаци што навестуваат дека овој објект ќе биде завршен наскоро.

Во основното училиште „Санде Штерјовски“ во Кичево, при претходната наша посета наидовме на целосно запуштен објект кој беше во најлош стадиум од сите базени. Сега, работите се подобрени, а разликите видливи.
При крај се чинат активностите и во Битола, во дворот на училиштето „Даме Груев“. Во моментот на снимање, во внатрешноста, беа присутни работници. Запуштениот базен од пред неколку месеци, го добива својот финален изглед – и екстериерно, но и ентериерно.
Од сите започнати базени, единствено базенот во Штип не е во склоп на основно училиште, туку е во рамки на паркот „Суитлак“. Од поставената опрема надвор може да се утврди дека активности на терен има, но дека финишот на работите не е толку блиску.
Фактичката состојба во Штип е речиси идентична како и во сите останати градови. На терен се работи и се поставува опрема, но ништо не навестува дека овој базен ќе биде наскоро отворен за јавноста.

Од се што видовме на терен не можеме да дадеме проценка кога, реално, ќе бидат готови базените. Но, факт е дека ниту еден не беше готов на 30 јуни. Еве зошто тоа е важно.
Основниот договор за израдба на петте базени е склучен во февруари 2020 г. меѓу тогашната Агенција за млади и спорт и фирмата „Енергоинвест трејд“. На старт, вкупната сума за изградба на петте базени изнесуваше 3,3 милиони евра, а рокот за изградба 18 месеци.
Следуваа анекси во август 2022, јуни 2023 година и декември 2024 година. Со нив, крајниот рок на завршување на базените се продолжи до 30 јуни 2025 година, вредноста на договорот се искачи на 3,9 милиони евра, а изведувачот „Енергоивест Трејд“ префрли околу 60% од вредноста на работите на подизведувачот „Еуровиа“. Тие, пак, ја префрлија работата на друг подизведувач – Вивинт“.

Токму договорите со подизведувачите, кои на барање на „360 степени“ ги обелодени Министерството за спорт, отвораат дилеми при ново продолжување на роковите. Со евентуалниот нов анекс би се направил континуитет на прекршување на одредбата на Законот за јавни набавки – поточно на членот 118, став 3, кој забранува ангажирање на подизведувачи во тек на градба за повеќе од 30% од вредноста на работите.
„Ако, пак, договорниот орган го одобрил барањето спротивно на условите од членот 118 од законот (на пример, во износ над 30%), одговорноста е на сите страни што биле вклучени во процесот на одобрување, а особено на договорниот орган, кој имал обврска ваквото барање да го отфрли. Во случај на градежни работи, треба да се има предвид и одговорноста на надзорниот орган“,
ни беше посочено од Комисијата за јавни набавки во април 2025 г.
Соочени со овие факти, од Министерството за спорт во април ни одговорија:
„Според Законот за јавни набавки тој договор е противзаконски и Министерството за спорт ќе постапи во согласност со законските прописи по завршувањето на вештачењето и ревизијата која е во тек. Доколку договорот не биде коригиран согласно законските прописи, на изведувачот и подизведувачот нема да им бидат исплатени средства над законски предвидениот износ и ќе им биде раскинат договорот“,
одговорија претходно од ресорот спорт.
И не само тоа, од ресорот на Борко Ристовски ветија дека ќе ги известат сите релевантни институции.

Еден ден по 30 јуни повторно побаравме одговори. Од министерството велат – пробивањето на рокот било поради доцнење во испораката на дел од опремата од странство и промената на надзорот.
А зошто продолжува реализацијата на проект кој вклучува договори за подизведувачи во вредност од над 30% од основниот договор, велат:
„На инвеститорот му е потенцирано дека во пренесувањето на работите на подизведувачот не смее да биде надминат законскиот максимум од 30 отсто, во спротивно, изведувачот ќе сноси законска одговорност и договорот ќе биде раскинат“,
велат од Министерството.
На прашањето, пак, зошто од таблата во Кисела Вода е тргнат подизведувачот „Вивинт“, каде патем во исто време затекнавме возило и работници на оваа компанија на градилиштето, од Министерството за спорт велат:
„Работата на Министерството за спорт е јавна и транспарентна и не постои никаков обид било што да се прикрива. По Вашето укажување дека од информативната табла на градилиштето во Кисела Вода е отстрането името на подизведувачот „Вивинт“, извршивме теренска контрола и констатирано е дека од информативната табла е тргнат подизведувачот „Вивинт“ затоа што меѓусебниот договор меѓу главниот изведувач и подизведувачот е завршен. Деновиве на сите градилишта ќе бидат поставени нови информативни табли“,
велат од Министерството за спорт.
Од министерството велат дека тие склучуваат анекси со изведувачот „Енергоинвест трејд“. Тоа не го спречува изведувачот повторно да ангажира подизведувачи, вклучувајќи ја и фирмата „Вивинт“.
На колку време е продолжен договорот, не ни кажаа. Останува само новото ветување на министерот – дека се ќе биде готово до крајот на летото.