Директорот на АНБ, Виктор Димовски, на брифинг рече дека првичните информации се дека со оружјето и експлозивот тие планирале терористички напади на институции во земјава
Тројца Кумановци се уапсени во антитерористичка акција на Министерството за внатрешни работи во соработка со Агенцијата за национална безбедност и Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал – Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам при Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција против Б.А. (28) од Куманово, кој престојува во Скопје, за сторено кривично дело терористичка организација и тероризам. Кривична пријава е поднесена и против В.А. (22) и Е.Љ. (25), двајцата од Куманово, за сторени кривични дела терористичка организација и тероризам.
„Б.А., В.А. и Е.Љ. се рецидивисти, односно повратници, лица кои претходно имаат сторено кривично дело учество во странска војска, полиција паравоени или параполициски формации од чл. 322-а од КЗ се правосилно осудени и издржале казна затвор“,
стои во соопштението од МВР.
Директорот на АНБ, Виктор Димовски, на брифинг рече дека дел од приведените се повратници од Блискиот Исток, кои во земјава веќе издржале и затворска казна за служење во туѓа армија и дека првичните информации се дека со оружјето и експлозивот што се пронајдени при акцијата планирале напади на институции во земјава.

Како што соопштуваат од МВР, членовите на групата обезбедувале финансиски средства и набавиле поголема количина на оружје, муниција и воена опрема, која ја сокриле и складирале во близина на локалниот пат с. Биљановце – с. Пчиња на месноста викана Менкова Колиба.
Како резултат на добиени оперативни сознанија и примена на оперативно-тактички мерки, на споменатата локација пронајдени се: пет автоматски пушки, пушкомитралез, 18 рамки за автоматска пушка со по 30 куршуми, рамка со 15 куршуми, три дрвени кундаци, дрвен кундак со механизам за испалување, три гранати за рачен фрлач со напис RD 40мм, пет запалки за гранати за рачен фрлач со осигурувачи, две маскирни капи, две поткапи црна и сива боја, два пара маскирни ракавици, два тактички елеци, четири тактички елеци со маскирна боја, знаме со испишани арапски букви (ИСИС), марама со испишани арапски букви.

Како што соопшти МВР, врз основа на издадени наредби од Основен Кривичен суд Скопје вчера од страна на Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал со поддршка на Одделот за специјални полициски операции извршени се претреси во дом и други простории кај лицата Б.А., В.А. и Е.Љ. на вкупно четири локации, од кои три на подрачјето на Куманово и една на подрачјето на Скопје и притоа лицата се лишени од слобода.
Од извршените претреси пронајдени и одземени се: два појаси рачно изработени исполнети со прашкаста материја (експлозив), метални кугли (лагери) монтирани на картонска подлога и две запалки од рачна бомба за активирање на појасите, две направи со жици од разна дебелина, две радиостаници, осигурувач за експлозивна направа, лаптоп-компјутер, девет мобилни телефони, пет СИМ-картички, електронски уред со објектив, две уесбеа, футрола за пиштол, маскирна облека, два ножа, две футроли за ножеви, возило „ауди А-3“ и др.
Обвинителството информира дека издаде наредби за вештачење на пронајдените и одземените предмети, а осомничените ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје. Надлежниот обвинител до судијата на претходна постапка ќе достави предлог за определување мерка притвор за трите осомничени лица.