Сè што освоивме досега е и повеќе од „Оскар“ за нас, велат од тимот на македонскиот кандидат за оваа престижна филмска награда, филмот „Приказната за Силјан“, кој не влезе во потесна конкуренција за номинација. Македонската публика ќе може да го види ова најново документарно остварување на режисерката Тамара Котевска веќе во јануари
Прашавме режисери и продуценти – како да се подобрат условите во кои работат македонските филмаџии и зошто е важно да се поддржат успешни проекти како „Приказната за Силјан“
Веќе беше објавено дека македонскиот кандидат за престижната филмска награда „Оскар“ не влезе во потесна конкуренција за номинација, меѓу 15 документарни филмови.
Сепак режисерката на документарниот филм „Приказната за Силјан“, Тамара Котевска, беше пречекана во Скопје со воодушевување од одбрано друштво филмаџии, новинари и пријатели.
Котевска се врати во Македонија, а зад себе остави учества на многу фестивали, филмски проекции и интензивна промотивна кампања на нејзиното најново филмско остварување.
„Јас го сметам за мој најважен филм досега и најличен и направен со најмногу борба. Во тој поглед, она што го достигна, е една магија за мене. Самиот момент на откупување од ‘Нешнл џеографик’ и самата премиера на ‘Венеција’ за мене беа, можам да кажам, дури и крајот на приказната. Повеќе од тоа и не очекував“,
вели Тамара Котевска – режисерка на „Приказната за Силјан“.

За Котевска запирањето на кампањата за „Оскар“ не е големо разочарување и смета дека „Приказната за Силјан“ допрва ќе се раскажува.
„Бидејќи веќе имам искуство со кампања, знам колку политика има во тоа, особено американска политика. Повеќе ми е криво што нашава земја ќе го доживее тоа како разочарување, меѓутоа јас, бидејќи од внатре ги следев тие работи, не сум многу разочарана бидејќи знам какви струи ја водат таа игра. Тоа е, на некој начин, дури како тип на политичка кампања во која на крајот испливуваат апсолутно најисполитизираните американски теми, за жал. Повторно нешто што знаат дека ќе се врти во нивниот свет и ќе биде актуелно во нивниот свет“,
додава Котевска.
„Приказната за Силјан“ беше еден од трите филма меѓу кои се избираше македонскиот кандидат за „Оскар“. Од Комисијата за избор при Друштвото на филмски работници на Македонија велат дека делото има силни авторски вредности и дека одлуката ја донеле едногласно.
„Мислам дека ова е еден од позначајните документарни филмови на сите времиња во Македонија. Тоа е мој личен став. Тоа е еден одличен пакет на филм кој е базиран на едно автентично дело и на една комплетна авторска приказна што ја нашла Тамара и која ги споила двете прикаски во една. Затоа овој филм толку добива на сила за да се бори со најдобрите од светот“,
смета Томи Салковски – претседател на Комисијата за избор при Друштвото на филмски Работници на Македонија.

Фото: „360 степени“
Филмот три години го создаваше силен и искусен меѓународен тим чиј дел е и македонскиот филмски монтажер Мартин Иванов. Тој вели дека филмот веќе има светло минато, а очекува дека ќе има уште посветла иднина.
„Само ќе кажам дека тоа е многу македонски филм во онаа смисла во која се третираат многу горливи проблеми на нашето општество, но сепак преку една опстимистичка перспектива, но не патетична, не како – сè е розово во овој свет, далеку од тоа. Сметам дека го прикажува одредениот проблем, што ќе го видите во филмот, онаков каков што е, со сите негативни и позитивни работи“,
рече Мартин Иванов – монтажер на „Приказната за Силјан“.

Продуцентот Роберт Насков, кој и самиот на почетокот бил дел од тимот на „Приказната за Силјан“, смета дека секој успех на македонски филм е десетпати поголем од успехот на кој било филм од друга европска држава, со оглед на условите во кои работат македонските филмаџии.
„Треба да работиме на тоа да направиме стратегија како треба да изгледа македонскиот филм и што е важно за македонската кинематографија. Да се договориме по кои правила и критериуми ќе функционираме и сите заедно, вклучувајќи ги повозрасните во кои и јас припаѓам, искусната генерација, заедно со филмаџиите што се сега зрели и потентни како автори, сите заедно да направиме една заедничка енергија во која ќе функционираме и јас сум сигурен дека тогаш успехот на македонскиот филм ќе биде уште поголем. Во овој случај успесите се огромни. Што би било кога би имале подобри услови и кога би постоела стратегија како тоа би се одвивало?“,
вели Роберт Насков – продуцент.

Дел од македонската филмска критика веќе го сместува ова филмско остварување во идната филмска и културна антологија на земјава.
„Силјан е нешто што повторно нè издвојува на таа светска филмска мапа. Силјан е филм што е набиен со чувства, набиен со фолклор што е длабоко втемелен во нашиот бит. Тоа е една многу позната приказна што е пренесена на еден исклучително модерен и иновативен начин и низ една чиста и класична драмска структура којашто Тамара и нејзиниот тим го постигнаа со овој филм“,
смета Вардан Тозија – режисер.

Досега филмот ги освои наградите за најдобар документарен филм на Интернационалниот филмски фестивал во Чикаго и на ИДА наградите во Лос Анџелес. Таму ја доби и наградата за најдобра камера. На Венецијанскиот филмски фестивал ја доби „Наградата на музата“ за најинспиративен филм, како и специјално признание од жирито на фестивалот во Берген за извонредно документарно остварување. Покрај наградите има и десетина номинации на престижни светски фестивали, а го откупи престижната „Национална географија“.
„Приказната за Силјан“ е документарна бајка инспирирана од македонскиот фолклор од 17 век. Филмот ја следи судбината на земјоделецот Никола и неговата неочекувана врска со штрк со повредено крило – метафора за човечкиот опстанок, нежност и надеж.
Режисерката Котевска вели дека филмот има повеќеслојни влијанија.
„Меѓу нив е самиот однос на човекот и животната средина што ми е една вечна тема што ја обработувам. Тука се и протестите на фармерите и односот кон земјата и ресурсите што ги поседуваме, а не ги искористуваме на вистински начин. Тука е, исто така, визуелното богатство и поетиката на нашата земја којашто е малку тешко да се забележи на секојдневно ниво поради проблемите со кои се соочуваме, меѓутоа навистина се потрудив да ја најдам таа убавина повторно и да го потсетам народот на тоа што го имаме во земјава“,
смета режисерката Котевска.

Котевска вели дека, откако ќе го погледне филмот, странската публика и критика силно реагира на Македонија особено што добро се сеќаваат и на претходното нејзино филмско остварување „Медена земја“.
„И тоа не е само во негативно светло, бидејќи и во двата филмови има критика кон општеството, но има и скриени убавини на нашата земја што не може секаде да се најдат, во било која земја и да се доловат на тој начин“,
додава таа.
Македонската премиера на „Приказната за Силјан“ се најавува за првите недели од новата година.
Инаку, ова е второ позначајно филмско остварување на режисерката Котевска. Претходно, документарниот филм „Медена земја“, што го режираа заедно со Љубомир Стефанов, успеа значајно да ја анимира светската филмска јавност и доби две номинации за престижните награди „Оскар“ во 2019 година за најдобар странски филм и најдобар документарен филм. Тоа е највисоко достигнување на македонски филм во однос на „Оскарите“ досега. Тогаш во светот одекна приказната за пчеларката Атиџе, а сега штркот Силјан го има хоризонтот пред себе за летање.
