Прашан за тоа како треба да се разбере говорот на претседателот Емануел Макрон на „Глобсек“ во Братислава во делот за проширувањето на Европската Унија, амбасадорот на Франција во земјава вели: „Не станува збор дали треба да се прошири (ЕУ н.з.) зашто одговорот е веќе донесен и тој е – да. Потоа, претседателот рече – сега прашањето не е кога – зашто колку побрзо, толку подобро, а тоа го кажал повеќепати. Прашањето е поврзано со безбедноста, со одредени предизвици за развојот на ЕУ. Но, претседателот кажа дека има само едно, единствено прашање – како, под кои услови тоа проширување да се случи колку што е можно побрзо, како тоа да го постигнеме“
Пречките на патот на Северна Македонија кон Европската Унија и престојот на пратеничката група за пријателство при Националното собрание на Француската Република во земјава е поводот за разговорот со Лилијана Танги, пратеничка во француското собрание од партијата на претседателот Емануел Макрон и со амбасадорот на Франција во земјава, Сирил Бомбгартнер. Лилијана Танги е родена во Панчево, од татко Македонец и мајка Хрватка, кои емигрирале во Франција. Ова е нејзин втор мандат како пратеничка во Националното собрание на Франција, каде што во моментов е претседателка на групата за соработка меѓу Франција и Северна Македонија.
360°: Госпоѓа Лилијана Танги, име познато за дел од македонската јавност, родена во Панчево, поранешна Југославија, од татко Македонец и мајка Хрватка, кои емигрирале во Франција. Какви се вашите чувства за оваа земја, госпоѓо Танги?
Танги: Моите чувства за Северна Македонија се навистина длабоки и пријателски, затоа што имам македонско потекло и навистина сум приврзана за земјата. Земја, каде што се родил мојот татко, како што кажавте и Вие, тоа е причината поради која од мојот прв мандат, затоа што ова е мојот втор мандат, па како пратеничка посакав да направам корисна работа за Северна Македонија.
360°: Вие имате роднини во Македонија.
Танги: Да, имам роднини во Скопје, во Охрид и во Струга.
360°: Сега за поводот за кој сте дојдени. Вие сте пратеничка во Националното собрание, реков дел од групата за пријателство, практично претседателка на таа група Франција – Северна Македонија. Што прават и што можат да направат двата парламенти за унапредување на соработката на двете земји кои се веќе партнери во НАТО, ќе видиме дали така ќе биде и во Европската Унија?
Танги: Улогата на пратеничката група за пријателство Франција – Северна Македонија, како и сите други групи за пријателство, е да ги унапредува билатералните односи и да ја зајакне соработката меѓу двете држави на тој начин што ќе се спроведуваат проекти за да можеме да олесниме одредени проекти коишто се отпочнати во земјата. Земја пријател која сакаме да ја поддржиме.
360°: Задоволни ли сте од досегашното ниво на соработка?
Танги: Да, задоволна сум затоа што за време на претходниот мандат јас бев потпретседателка на групата за пријателство, а во овој втор мандат сум претседателка на групата за пријателство и работев и претходно во полза на давање поддршка и добивање поддршка од извршната власт, но и на македонското Собрание за да се олесни преговарачкиот процес и отпочнувањето на преговорите на Северна Македонија за членство во ЕУ.
360°: Тука ќе го вклучиме амбасадорот Бомгартнер. Амбасадоре, земјата е во деликатен политички момент, пред сè поради неизвесноста дали ќе се усвојат уставните измени. Практично, ако проценуваме во овој момент, како да нема кредибилни сигнали дека такво нешто може да се случи во блиска иднина. Што ако тоа не се случи до крајот на скрининг-процесот што се очекува да заврши некаде ноември-декември?
Бомбагартнер: Се наоѓаме во важен момент и дури сакам да кажам дека вашата земја сега се наоѓа на крстосница. Треба да се донесат суштински одлуки што ќе имаат влијание на идниот пат на земјата кон Европската Унија. И тоа е важна тема, тоа е причина поради која Франција и генерално Европејците, навистина, посебно внимание упатуваат кон оваа тема и во тој контекст навистина треба да видиме каква корисна улога ќе можат да одиграат и истовремено треба да имаме на ум дека во овој момент на процесот, станува збор за уставните амандмани на македонскиот Устав. Тоа значи дека тоа е одлука што суверено припаѓа на македонското Собрание. Никој странски актер не ќе може да го направи тоа наместо нив. И поради аритметички причини, бидејќи треба да се постигне двотретинско мнозинство, поддршка од 80 пратеници, но и поради стратегиски причини, затоа што зборуваме за одлуки во кои ќе биде ставена во прашање иднината на Македонците, важно е да има политички дијалог за да може да се постигне консензус по ова прашање. Во тој поглед, забележувам, а бевме и повеќемина, дека премиерот се сретна со шефот на опозицијата и таа средба, ми се чини, и овде не зборувам за внатрешно-политичките прашања туку за суштината и уставните амандмани, мислам дека за таа тема таа лидерска средба донесе објаснувања, разјаснувања за самиот процес и затоа сметам дека е важно да се продолжи на тој пат за да видиме дали ставовите можат уште повеќе да се приближат, без да се оддалечуваат од европската рамка.
360°: Г-ѓо Танги, дел од политичките партии во земјава бараат повеќе гаранции на патот кон Европската Унија, особено поврзани со македонскиот идентитет, јазик, култура, дека тие нема да бидат доведени во прашање на патот на земјата кон ЕУ. Неодамна германскиот парламент, Бундестагот, донесе резолуција со која повикува на забрзување на пристапниот процес, а во исто време ги реафирмира во тој контекст македонскиот јазик, култура и идентитет. Дали можеби за нешто такво се размислува и во Националното собрание во Франција?
Танги: Ќе кажам дека таа иницијатива на германскиот Бундестаг, од страна на нашите германски колеги, е интересна иницијатива затоа што јас лично ја поддржувам и мнозинството пратеници од француското Собрание би можеле да ја поддржат исто така. И мислам дека може да размислуваме да преземеме слична иницијатива во рамки на француското Национално собрание. И што се однесува до гаранциите коишто се очекувани, во поглед на македонскиот јазик, би сакала да потсетам дека Франција го признава македонскиот јазик затоа што има катедра за изучување на македонски јазик во ИНАЛКО и решението, односно францускиот предлог, беше важен во однос на реафирмирањето на македонскиот јазик како јазик официјално признаен од страна на Европската Унија и тоа се навистина елементи кои по природа на нештата би можеле да ни помогнат да составиме предлог. И затоа, како претседателка на групата за пријателство помеѓу Франција и Северна Македонија, навистина размислувам да предложам таков предлог и би сакала за тоа да разговарам со сите мои колеги од француското Национално собрание, навистина меѓу сите политички партии, за да може да имаме колку што е можно пошироко мнозинство за усвојување на таков текст.
360°: Уште едно прашање на таа тема. Овде во Македонија во моментов сте неколкумина, мислам дека вкупно петмина пратеници од Националното собрание. Дали веќе разговаравте меѓу вас за оваа идеја за поднесување на предлог-резолуција?
Танги: Да, за време на нашите разговори навистина забележавме дека тоа силно се очекува од страна на нашите македонски соговорници и се разбира дека разговаравме меѓу нас и мислам дека сме на добар пат за да го усвоиме истиот текст како пратениците од германскиот Бундестаг.
360°: Интересно. Амбасадоре, знаете дека дел од аргументите на оние што не се пропоненти на уставните измени се во насока на тоа дека – што и ако се направат уставните измени ако имаме нефункционален процес на проширување на Европската Унија и тука многу често се посочува на Франција како земја која не е многу расположена за прием на нови земји членки. Претседателот Макрон имаше индикативен говор на „Глобсек“ во Братислава. Тој се интерпретира на различни начини овде. Според едни, Макрон дефинитивно направил разлика и кажал дека Франција е за забрзано проширување на Европската Унија, што би било промена на досегашниот став, други велат дека повторно остави сиви зони што раѓаат неизвесности. Како треба да го разбереме тој настап на претседателот Макрон во Братислава, што ни кажа за проширувањето?
Бомбгартнер: Говорот на францускиот претседател во Братислава е јасен зашто тој говореше на отворањето на конференцијата и тоа можете да го погледнете на интернет, ги поканувам сите да го прочитаат говорот на претседателот Макрон и да си донесат сопствено мислење, тоа е најдобриот начин. Но, бидејќи вие ме прашувате, ќе ви кажам дека зборовите што тој ги избра се јасни – за проширувањето… Идните проширувања, не станува збор дали треба да се прошири зашто одговорот е веќе донесен и тој е – да. Потоа, претседателот рече – сега прашањето не е кога зашто колку побрзо, толку подобро, а тоа го кажал повеќе пати. Прашањето е поврзано со безбедноста, со одредени предизвици за развојот на ЕУ. Но, претседателот кажа дека има само едно, единствено прашање – како, под кои услови тоа проширување да се случи колку што е можно побрзо, како тоа да го постигнеме. Има различни можности како тоа да се постигне, но ако се обидам да кажам накратко, тогаш ќе кажам дека има преговори за членство до потполна интеграција и сите оние што се случуваат од моментот на европска интеграција. За првиот дел, за време на преговорите за членство, ги имате принципите кои фигурираат во новата методологија за проширување. Тоа значи дека Северна Македонија и сите земји кандидатки кои го почнале преговарачкиот процес треба да спроведат реформи, а тие реформи треба да бидат длабоки, суштински, за да можат да ги дадат резултатите. Потоа, ја имаме и таа градуелна интеграција – тоа значи дека државите кои напредуваат во спроведувањето на реформите ќе треба да имаат навистина предвремени бенефити пред да станат полноправни членки – повеќе финансии, учество во различни програми, во политики, во работни групи во Брисел итн. Треба да се објаснат начините за тоа. Тоа е првиот дел. За вториот дел би кажал дека по интеграцијата во ЕУ прашањето не се однесува за земјите кандидатки, туку за државите членки и за државните институции, а тоа е да знаеме како во една проширена Европа ќе направиме Европа да функционира на ефикасен начин и биде способна да се соочи со утрешните светски предизвици. Има голем број одговори, но едно од прашањата на кое работи една група, формирана меѓу Франција и Германија, е прашањето за напуштање на правото на вето, повеќе да не се одлучува едногласно или да се намалат прашањата за кои ќе се одлучува едногласно. Знаете, тоа се теми за кое е заинтересирана и земјата, и, на крајот, светот се менува. Европа денес се соочува со невидени предизвици, тоа беше случај пред неколку години зашто има различни прашања кои не засегаат за иднината на светот, а Европската Унија е единствената која може да даде одговор и точно е дека од февруари се наоѓаме во една нова димензија и Европа денес треба да се афирмира како сила повеќе од кога и да е досега. Во тие рамки, треба да имаме на ум дека за време на француското претседавање со Советот на ЕУ пред една година процесот на проширување на ЕУ доживеа забрзано историско темпо и тоа овде го забележавме со отворањето на преговорите, го видовме и во Албанија со отворањето на пристапните преговори и го видовме на други места со доделување на кандидатски статус за Украина и Молдавија и неколку месеци подоцна кандидатски статус за Босна и Херцеговина. И ако Франција имала резерви во поглед на проширувањето, не ќе го овозможеше сето ова, па и не ќе се направеше ова да биде можно. Затоа, говорот на претседателот во Братислава заслужува да биде објаснет зашто тоа е говор кој веќе претходно го кажал и кој одговара на ставот кој јавно го кажува Франција.