Кон крајот на минатиот месец, Владата формираше работна група за утврдување на реалната состојба со водите во Македонија. Алармот кај централната власт го вклучи ниското ниво на Преспанското Езеро.
„Последните информации со кои ние како сектор располагаме укажуваат на алармантната состојба со намалувањето на водостојот на Преспанското Езеро“,
вели за „360 степени“, Ајман Ал малла, раководител на Секторот за животна средина во Општина Ресен.
Но тревогата требаше да биде вклучена многу порано, барем според организациите кои се борат за заштита на регионот, иако сметаат дека е добро што властите конечно се сетија на овој проблем.
„Сега има барем некаков интерес за Преспанското Езеро, и за добробит на регионот“,
смета Драган Арсовски од Македонско еколошко друштво.
„360 степени“ провери на терен – зошто Преспа наеднаш ги загрижи надлежните?
Преспанското езеро го делат три држави – Македонија, Грција и Албанија. Со тоа ја делат и одговорноста за состојбата на водената површина. Рамсарската конвенција, потпишана пред половина век, го штити езерото како живеалиште од меѓународна важност, особено за водните птици.
Но документот, сам по себе, не може да ја спречи огромната загуба на вода од езерото, особено во последните неколку месеци.
Трагите на столбовите кои ја држат платформата зад мене најдобро сведочат за сериозноста на ситуацијата во која се наоѓа Преспанското Езеро. Местото на кое се наоѓам до пред само два месеца било повеќе од еден метар под вода, а сега тука се појави нова плажа.
Трите главни причини за падот на нивото на водата се: прво, тоа што езерото понира под Галичица и се влева во Охридското Езеро; второ, тоа што водата се користи за наводнување во трите земји; и трето, климатските промени. Ајман Ал Малла, чија работа меѓу другото е да го следи водостојот на Преспанското Езеро, смета дека моменталната катастрофална состојба се должи пред сè на климата, односно на се подолгите сушни периоди.
„Во 2007, 2008 година ние имавме скоро иста состојба. После тоа се надмина состојбата со подобрувањето на временските услови, со поголеми интервали на врнежи, имавме снегови. Просторната дистрибуција на врнежите беше навистина задоволителна, а состојбата постепено се нормализираше. За повторно да дојдеме во една ваква состојба во моментов“,
изјави Ајман Ал малла.
Ал Малла, кој со години го следи езерото, веќе ги знае последиците. На удар се и луѓето и останатиот жив свет.
„Не само што ќе влијае негативно на насадите од аспект на користење на водите за наводнување, не само од аспект на снабдување со слатка вода, односно вода за пиење. Јас зборувам за алармантноста на тоа какви негативни влијанија ќе придонесе оваа состојба врз видовите и растенијата со кој Преспанскиот Регион е навистина уникатен поради неговото богатство со такви видови“,
смета Ал малла.
Кај локалното население се чувствува страв. Кице Карапалевски од село Шурленци цел живот одгледува јаболка. Не памети толку големо повлекување на водата од езерото и е загрижен за годинашниот род.
Ова сега е најдрастично повлечено езерото. И вие сте сведоци какви се климатските промени. Доволно снег нема, дождовите се мали и тоа се одрази на езерото, да се повлече во таа мера до каде што е сега. Сега се на прагот пролетните мразови и бидејќи е вака повлечена водата, малку сме загрижени од тој аспект.
вели Кице Карапалевски, земјоделец од с. Шурленци.
Празнењето на езерото не им оди во прилог ниту на викендашите, како битолчанецот Гоце Трпковски. Сепак, тој не е толку загрижен за себе колку за локалното население.
„Рибарите се загрижени за да не се наруши еколошката рамнотежа, за да не го изгубат риболовот како гранка од која егзистираат доста семејства. Се плашат да не се влоши состојбата уште повеќе“,
изјави Гоце Трпковски, битолчанец кој викендите ги минува во Преспа.
Но, она што му се случува на Преспанското Езеро не е изненадување за една група луѓе. Тие бараат активни мерки од властите подолго време, а пред година и половина отворија и своја локална канцеларија во Ресен.
Македонското еколошко друштво и денес ги повторува аргументите дека за комплексниот проблем нема брзо и едноставно решение бидејќи сегашната состојба е последица на долга низа лоши одлуки. Невладината организација прво бара стратегија, а потоа акција.
„Во тек е формирање експертска група која треба да ги собере сите тие податоци што ги говорев. Колку бунари има, наводнување, точната преципитација и така натаму. И да се соберат сите тие, да се стават во еден модел кој би можел убаво да го објасни нивното на водата. И, секако, таа експертска група треба да постои и треба да постои човек или група која ќе ги собере и континуирано да ги собира тие податоци понатаму. Бидејќи сè додека има прекини во податоците, толку ќе бидат понеточни нашите модели и понеточни ќе бидат нашите одговори на прашањата што се случува со Преспанското Езеро“,
изјави Драган Арсовски.
Македонското еколошко друштво е дел од регионалната мрежа „Преспа нет“ во која членуваат уште две невладини организации од Албанија и од Грција. Нивната заедничка цел е заштита на преспанскиот басен. Работат на управување на водите, мониторинг на флората и фауната и кревање на јавната свест.
Како и еколозите, излез од кризата само преку соработка гледаат и од локалната власт во Ресен. Градоначалникот Живко Гошаревски вели дека таков заклучок бил донесен и на минатонеделниот состанок во Министерството за животна средина.
„Министерот, преку дипломатски канали, да ги информира институциите во Република Грција и Република Албанија, што побргу да се направи таа координативна меѓудржавна група на ниво на експерти. Меѓутоа, и сами ние во нашата држава да ги собереме податоците, испитувањата и студиите кои ги имаме досега, на едно место, и да утврдиме дали тие податоци сè уште се релевантни. Дали треба нови анализи да се направат и во тој контекст што треба во иднина да преземеме“,
вели за „360 степени“ градоначалникот на Ресен, Живко Гошаревси.
Локалните и централните власти сега ќе бидат насочени кон преписки, анализи и стратегии. И додека се чекаат одлуките на експертите и политичарите, погледите на засегнатите ќе бидат свртени кон небото. Бидејќи само врнежи може да ги спасат Преспа, езерото и животинскиот свет, барем на краток рок. Долгорочното решение, пак, нема да „падне од небо“, зашто ќе биде важно што се прави со водата и на земја.