Петтемина кандидати за градоначалник на Шуто Оризари ветуваат изградба на атмосферска канализација, обезбедување на чиста вода за пиење, реконструкција и асфалтирање на постоечката лоша инфраструктура, изработка на нови ДУП, како и (до)легализација на домовите на жителите на Шуто Оризари
Подобрување на условите за живот во сите сегменти од општественото живеење се и државна обврска. На тоа се обврзаа премиерите на Западен Балкан, кога ја усвоија Познањската Декларација за интеграција на Ромите во рамки на процесот на проширување на ЕУ
„Ова не е вода, туку Вардар. Секогаш кога ќе заврне, зимско доба, сите над 40 куќи се поплавени“, велат жители на населбата Пелагонија.

Населби Брсјачка буна и Пелагонија се во долниот дел во скопската Општината Шуто Оризари. Без атмосферска канализација, водата се спушта по тесните и запуштени улички и влегува во импровизираните живеалишта на околу двесте семејства.
„Знаат и во месна заедница, знаат сите. Идеме да се жалиме таму, ни велат, да, ќе дојдеме ќе копаме… А кога е за гласање, јас ќе правам, тие велат ќе прават“, вели еден жител.
„Уште чамци да имаме да одиме во дуќанот и да се вратиме назад“, вели друг жител.
Во населбата нема ниту приклучок до градскиот водовод, а со тоа ни чиста вода за пиење. Инфраструктурните проблеми се речиси сеприсутни во целата општина. Но, во предизборие има и многу решенија. Затоа, ги побаравме петтемина кандидати за градоначалници за да ги прашаме – како мислат да создадат хумани услови за живот во Шуто Оризари, ако бидат избрани. На поканата не се одѕва кандидатот на ДПА, Халид Исеини.

Актуелниот градоналачник од редовите на СДСМ, Курто Дудуш, на овие избори е кандидат на коалицијата на ДОМ и ЛДП.
„На сите анкети водев убедливо пред сите кандидати, очекував дека партијата ќе ме номинира, но тоа не се случи“, вели Дудуш.
Дудуш вели дека Шуто Оризари е општина запоставена од сите власти. Сега, првпат по долго време, има реконструкција и изградба на улици со средства од ТАВ-програмата, пари кои централната власт ги подели на општините од нереализираниот карго-аеродром во Штип. Со пари од Европската комисија, пак, се цртаат нови Детални урбанистички планови, кои се неопходи и за легализација на дел од куќите и за понатамошен развој.
„Некои блокови се веќе завршени. Некои до 60 насто. Но, знаете како оди со ДУП-овите, тоа е процес кој не зависи само од нашата општина, тоа е процес кој зависи од повеќе фактори. Тука има Министерството за транспорт и врски, Град Скопје, па има и водовод и канализации, телекомуникации, треба од сите согласности да се земат“, смета Дудуш.
Носењето на ДУП-ови е прв чекор кон создавање хумани услови за живот. Од нив зависат комуналните приклучоци, но и можноста за планска изградба на социјално домување, како студијата за Горно Оризари која предвидува до 161 куќа на парцела од 80 илјади метри квадратни. ДУП-овите ќе овозможат изградба на трговска и индустриска зона.
„Ние во овие четири години мислам дека повеќе од 4 000 легализации издадовме, буквално се што имаше комплента документација, ни останаа околу 2 000 легализации кои имаат нецелосна документација“, тврди Дудуш.

Но, четиригодишната работа на Дудуш е предмет на критика на противкандидатот од неговата довчерашна партија СДСМ, Асан Ферат.
„Реално има некои реузлтати кои се видливи, но тоа не е доволно за ромскиот народ“, вели тој.
Асан е бизнисмен, сопственик на компаниите „Матекс“ и „Европа пазар“, а воедно и претседател на општинската организација на СДСМ во Шуто Оризари. Пред изборите, ги мапирале клучните проблеми во општината.
„Особено во делот на бараките од кога постои општината не е фрлено ни една лопата асфалт. Но, не е само тоа проблем. Под тие бараки луѓето со текот на времето, децениски проблем, доградија и изградија собички и куќи и тоа допринело да капацитетот на посточеките стари системи не се повеќе во функција. И сега имаме проблем кој на идните генерации ќе им прави голема штета“, смета кандидатот на СДСМ.
Според Асан, легализацијата е залудна, ако куќите немаат пристап и до чиста вода и канализација. Сепак, ветува дека ќе се стреми да се легализираат сите објекти, бидејќи развлекувањето на процесот бил извор на корупција.
„Тоа мора да се стопира. Се што е реално и се што е одржливо и законски можно да се легализира во најкус можен рок. Истовремено да се работи на случајот за отуѓување на дворното место на луѓето за да имаат комплетна документација и да остават на следните генерации“, вели тој.
Дека легализацијата од стриктно урбанистички се претворила во корупциски процес, се согласува и кандидатот за градоналачник од Левица, Тефик Махмуд. Дипломираниот правник и магистер во областа на миграции од Универзитетот Оксфорд е познат активист за човекови права, кој првпат е во политиката.

„Бурекот што го јадевме вчера не убедуваа дека е поразличен од баничката која ја јадеме денеска. Го видовме и ВМРО и СДСМ на локално ниво. Време е да видиме нови лица“, објаснува Махмуд.
Една од заложбите на Махмуд е брзо да го заврши процесот на легалазијца во Шуто Оризари.
„Тоа е секоја куќа да си добие право на легализација се додека ги исполнува законските услови без дополнителни трошоци, без мито без корупција. Еднаш засекогаш тоа мора да запре. И ќе запре во Шуто Оризари“, вели тој.
Но, програмата на Махмуд предвидува и промени во образованието, домувањето, вработувањето, животната средина и здравството. Тој смета дека се потреби многу промени во заедницата во која пораснал. Подобрувањето на условите за Ромите, додава, се и предуслов за влез во ЕУ, нешто што локалната власт треба да го искористи.
„Не треба да чекаат од владата, можат и доколку знаат истата реализација да ја остварат можат и преку други канали. Тука алудирам на ИПА фондови, ЕУ институции, на други извори што можат да се подобрат условите на живеење на граѓаните во Шуто Оризари“, изјави Махмуд.
Геге Демировски, пак, е кандидат на Народна партија на Ромите. Вели дека има поддршка од Народните сили на Ромите, Сојузот на Ромите и ВМРО-ДПМНЕ. По локалните избори во 2017 година, Демировски кратко беше претседател на Советот во општината. Од таа позиција вели – знае најдобро што и треба на општината.

„Јас си знам за ромскиот народ во Шуто Оризари што треба а што не треба. Но ова ѓубриште да живее мојот народ кај што не не фермаат, како Петре Шилегов не ги ферма Ромите, како градоначалникот сегашниот, не работат правилно“, вели Демировски.
За разлика од повеќето кандидати кои веруваат во победа во првиот круг, Демировски предвидува втор круг во Шутка, во кој ќе победи тој.
„Граѓаните во Шуто Оризари имаат многу притисок, граѓаните имаат многу закани од сегашните кои се на власт. Граѓаните знаат дека нема да победат и нема да гласаат за СДСМ, Апасиев и ЛДП и ДОМ“, смета Демировски.
Иако високи 83% од Ромите велат дека го поседуваат своето живеалиште, многумина немаат правен доказ за сопственост. Според Социјалното мапирање на Ромите од 2019 година, кое се спроведе со помош од ЕУ а за потребите на Министерството за труд и социјална политика, само 38% од Ромите изјавиле дека ги легализирале куќите. Уште 30% велат дека се во процес на легализација, а 4% одговориле дека само еден дел од живеалиштето е легализиран.
„Ако станува збор за некои документи, како лична карта, изјава, тие барања се дополнуваат. Но доколку недостасува елаборатот, тоа е малку проблематично, бидејќи системски се вадат елаборатите, и тешко може да се среди тоа и тука луѓето не можат да ги легализирааат нивните домови. Вториот проблем sе имотно-правните односи, особено е присутен кај ромските семејства, бидејќи навремено не ги решавале тие работи. Иако законот олеснува легализација и плаќање на крај 1 евро од квадрат, сепак тие семејства ги немаат ни тие пари“, објаснува Демировски.

Системски слабости, вели Демировски, има и кај општината. Кога нема експертска помош преку проекти, работите тешко мрднуваат од мртва точка.
„Од внатре општината го остава процесот на самите граѓани. И луѓето најчесто, еден од проблемите е големата неинформираност, не ги познаваат процесите. Тешко оди процесот дури дојде општината да ги повика да ги дополнат документите времето поминува, луѓето може и ќе заминат од тука ги нема или ќе се вратат. Покомплексен е тој проблем. Но, еве во последните 3 години со неколкуте проекти има надеж дека дел од предметите ќе се решат и ќе се помогне на ромската заедница“, вели Демировски.
Подобрување на домувањето, но и образованието, вработувањето во јавниот сектор и здравствената заштита на Ромите се и државна обврска. На тоа се обврзаа премиерите на Западен Балкан, кога ја усвоија Познањската Декларација за интеграција на Ромите во рамки на процесот на проширување на ЕУ.
Но, најбрзи промени Ромите можат да почуствуваат преку ангажманот на општините. Се разбира, ако политичарите не ги заборават ветувањата откако ќе бидат избрани.