Во трката за градоначалник во оваа скопска општина, која живее со мноштво урбанистичко-комунални проблеми, се соочуваат еден од првенците на власта и еден од првенците на опозицијата, во битка која го симболизира судирот за тоа кој го има или ќе го има легитимитетот да е дел од Владата – ВЛЕН или ДУИ
„Удар или победа во таа општина би требало, во некаква политичка симболика и комуникација, да претставува доказ дека се делегитимира ВЛЕН како алтернатива на ДУИ и дека треба да се воспостават работите како што претходно биле – ДУИ повторно да стане претставник на Албанците во политичката власт“, смета политичкиот аналитичар Марко Трошановски
Чаир е општина со 62 и пол илјади жители, а се простира на територија од само 3,52 квадратни километри. Со тоа е најгусто населена во земјава – 18 илјади жители на квадратен километар. За споредба, соседната Општина Центар има три пати помалку жители на квадратен километар – 5 800.
Густината на населението го прави Чаир раздвижен и со многу активни мали бизниси. Но, тоа е добрата страна.
„Главните проблеми на оваа општина се паркинзите, еве гледате и самите, нема место за паркинг, многу е нечисто, многу густо население.“
„Па има доста комунални проблеми, сообраќајни проблеми, урбани проблеми итн.“,
рекоа жителите на Чаир со кои поразговаравме.

Додека снимавме се случи мала незгода меѓу автомобил и камион. Тоа создаде целосен застој на главниот булевар „Цветан Димов“.
„Тоа е секојневно. Од 15 часот до 17-18 часот овде не може да се помине. Долги колони се. Проблем, најголем проблем е тоа.“
„Одамна се очекува некакво решение меѓутоа, за жал, сè уште нема никакво решение. Не е ниту на повидок“,
рекоа жителите на Чаир со кои поразговаравме.
Некои чаирчани се самокритични и причините не ги гледаат кај други.
„После кој е крив? Државата е крива, а? Не ја почитуваме ние државата, законот не го почитуваме“,
рече жител на Чаир.
Признаваат и дека многу од урбаните проблеми во Чаир се последица на бесправното градење.
„Прават, ама вади дозвола па прави. Вади документ па прави колку сакаш. Е после ќе ги рушат, е ќе ги рушат. Државата не спие, ама не се ни брза. Фала ѝ многу пак на државата. Со овој народ да имаш работа е многу тешко“,
додава тој.

Но, проблемите на главните булевари се ништо споредено со внатрешните улички. Вака изгледа улицата „Челопек“, на минутка од големиот метеж – хаотично паркирање, тесен простор пренатрупан со куќи, згради и верски објекти, бандери со испреплетени кабли. Наидовме и на проблем незамислив за место на околу два километра од центарот на главен град во Европа во 21-от век.
„360 степени“: А што е ова?
„Јама. Ве-цето тука му е. Таму што пере, кујна има тука, сè паѓа тука и се полни. Четири метри има надоле. Нема ни мотор, нема ништо. Еве слободно гледај. Ние баравме фекална, тие ставија атмосферска“,
вели Миљаим Куртај – жител на Чаир.
Неколку семејства што живеат во ист двор не можат да се приклучат на канализационата мрежа бидејќи куќите им се под нивото на улицата.

Дел од септичките јами ги празнат со цистерни, на дел имаат поставено мотори што фекалиите ги носат до канализациската мрежа.
„Еве ја јамата. Се гледа. Два метра отидов надолу. И со мотор. Еве го моторот тука“,
вели Куртај.
Се жалат дека и покрај ветувањата, проблемот останал нерешен.
„Од 1991 година и порано во комунизмот, ама во комунизмот барем имаше малку куќи. Сега се наполни со згради, се наполни сè. Се затрупа канализацијата, а канализацијата е ‘ФИ500’, а треба да е ‘ФИ1000’, барем да влече сè“,
додава тој.
Со истиот проблем се соочуваат и други димаќинства во истата улицата. И губат надеж.
„Секоја партија што доаѓа, доаѓаат, ветуваат, штом добијат – ништо нема. Ништо, не се ни јавува. Тоа е проблем број еден. Малку да заврне, канализацијата се враќа“,
вели Фаик Абдулау – жител на Чаир.

Од вкупното население во Чаир, речиси 70 отсто се етнички Албанци. Тоа значи дека при секои избори најмногу очекуваат партиите на Албанците во земјава.
Така е и за претстојните локални што треба да се одржат на 19 октомври. Фаворити се:
- Изет Меџити, кандидат на коалицијата ВЛЕН и актуелен прв вицепремиер во Владата и министер за животна средина. Во минатото беше потпретседател на ДУИ и сопартиец на сегашниот противкандидат Бујар Османи. Како кадар на ДУИ, три мандати беше градоначалник на Чаир, а беше и пратеник во Собранието. По образование е економист.
- Бујар Османи, како кандидат на новоформираната Национална алијанса за интеграција што ја предводи Демократската унија за интеграција (ДУИ). Османи е поранешен министер за надворешни работи, беше претседавач со ОБСЕ, вицепремиер и министер за здравство. По професија е хирург.
Јавната хигиена, сообраќајот, инфраструктурата се во фокусот на ветувањата на кандидатот Бујар Османи. Тој промовираше проект „Визија Чаир 2040“ за кој вели дека е мастер-план за целосно урбано редефинирање на општината.
„Јас го ангажирав светски познатиот експерт Мишел Ројкинд кој е прогласен од ‘Форбс’ за еден од десетте највлијателни луѓе во светот кој ќе ја утврди визијата за Чаир за наредните пет-десет години. Граѓаните знаат дека ние нема за една година да ја реализираме таа визија, меѓутоа знаат дека секој чекор што ќе го направам, ќе го направам во функција на таа визија“,
вели Бујар Османи – кандидат за градоначалник на Општина Чаир.

За Османи, локалните избори во Чаир се повеќе од гласање само за комунални прашања. На нив гледа и како на референдум за европскиот пат на државата, за еднаквост на сите граѓани, а против владеење со корупција и узурпирање.
„Сметам дека пораката што граѓаните ќе ја дадат на овие локални избори ќе бидат и парламентарни избори бидејќи ќе ја отфрлаат идејата да се блокира европскиот пат и ќе ја отфрлаат идејата да се поништи Рамковниот договор. Така што, секако после овие избори веднаш треба да има парламентарни избори за да се откочат процесите на прогрес на оваа држава“,
рече Османи.
За неговиот ривал, Османи смета дека треба да си поднесе оставка од функциите министер и вицепремиер. Првенствено, бидејќи се кандидирал за градоначалник и не треба актуелната позиција да си ја чува како резервна. Но, и поради пожарот во Трубарево.
„Невршејќија својата работа, како што не ја вршел работата 20 години во Чаир, всушност го загрозува здравјето на луѓето, а прима плата од граѓаните токму за тоа“,
додаде тој.
И Изет Меџити, како и неговиот поранешен сопартиец, најавува развоен мастер-план за да го направи Чаир модел на одржлив развој во Скопје. Тврди дека, всушност, Османи ја презел идејата од него. Во трката за четврти мандат на чело на општината, Меџити вели дека со него ќе работи експертски тим од Турција, предводен од архитектот Бајрам Вардар.
„Никогаш не е доволно. Секогаш може повеќе. Но, овојпат ќе решиме стратешки проблеми за Чаир. И во однос на сообраќајници, кога сме тука, заедно со кандидатот за Град Скопје ветивме дека еден од првите проекти ќе биде улицата ‘Цветан Димов’ да се прошири и да се поврзе со обиколницата на Скопје“,
вели Изет Меџити – кандидат за градоначалник на Општина Чаир.

Но, за разлика од Османи, Меџити не гледа на локалните избори како на битка за легитимитет во централната власт. Како што вели, коалицијата ВЛЕН го добила легитимитетот кај Албанците на парламентарните избори.
„Ние победивме и ќе победиме и на локалните избори. А што ќе прави ДУИ? Мислам дека нив ги чека длабока реформа“„Ние сме во апсолутно водство и теренот истотот го покажува. Ние имавме отворање штаб во Чаир каде што имаше над 3-4 илјади жители. Историски немало такво отворање штаб. Не беше митинг, туку отворање штаб. Јасно е чија е победата само дилемата е колку длабока ќе биде победата овојпат.“
„360 степени“: За предвремени парламентарни избори не ни размислувате?
„Нема. Граѓаните имаат потреба од инфраструктура и од вработувања, базени, подобри училишта. Немаат каков ликсуз или такви проблеми како ДУИ, по секоја цена да се врати на власт и да се спаси од правдата“,
вели Меџити.
Дека локалните избори во Чаир ќе бидат многу повеќе од избори за градоначалник и совет е став и на политичкиот аналитичар Марко Трошановски.
„Целата врева околу Чаир, целиот триумфализам што тука се најавува ја симболизира самата битка на ДУИ за да се врати на власт на централно ниво бидејќи главниот соперник, коалицијата ВЛЕН, отелотворена во Изет Маџити како еден од нејзините идеолози и творци, всушност го има Чаир во моментот. Удар или победа во таа општина би требало, во некаква политичка симболика и комуникација, да претставува доказ дека се делегитимира ВЛЕН како алтернатива на ДУИ и дека треба да се воспостават работите како што претходно биле. ДУИ повторно да стане претставник на Албанците во политичката власт“,
смета Марко Трошановски – Институт за демократија „Социетас цивилис“.
На специфичната тежина што Чаир ја има на овие локални избори Трошановски ја додава и домашната политичка култура – редовно да се бараат предвремени парламентарни избори веднаш по локалните.
„Верувам дека тоа ќе го прават и ДУИ без оглед на исходот, на крајот на краевите. Прашањето е што е доволна разлика за ДУИ да има легитимитет да бара предвремени избори. Но, мислам дека целата таа перспектива е сосема погрешна затоа што локалните избори, иако делумно имаат некакви индиции можеби за расположението, секако имаат многу малку врска со централната власт бидејќи се различни димензии на политиката“,
вели Трошановски.
Додека исходот од судирот меѓу ДУИ и ВЛЕН во Чаир се гледа од различни аспекти, призмата на чаирчани е далеку потесна – сакаат само подобри услови за живот. Многумина, не се оптимисти дека некој мисли и нив.
„ВЛЕН да го добие, за да не изгубат. ДУИ мисли ако добие, некако во влада да оди. Тоа е проблемот, ништо друго. Само за нив гледаат.“
„И за Бујар Османи и за Изет Меџити ова е важно многу. Бидејќи за албанските партии ова е најважно.“
„Чаир најмалку личи на општина, а најмногу на фавела.“
„Битката ќе се одвива и ќе се заврши, мислам дека ќе биде и одлучувачка за понатаму, за парламентарните избори итн.“
„Ние божем се надеваме најдобриот да биде, ама Господ знае подобро“,
велат жителите на Чаир со кои поразговаравме.
Ова со сигурност е повеќе од битка за градоначалник. Но, од граѓанска гледна точка, треба да биде битка за отплеткување на општината заплеткана во проблеми.