Не само што ги немаше меѓу кандидатите, лицата со попреченост беа целосно исклучени и од рекламите на политичките партии на последните парламентарни избори, заклучи анализата спроведена од меѓународната фондација за изборни системи ИФЕС и фондацијата „Метаморфозис“
Зошто? И, дали ќе ги вклучат лицата со попреченост на следните избори? Прашавме и не добивме никаков одговор од ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата „Вреди“, СДСМ и ДУИ
Пред четири години, по локалните избори во 2021, Арбреша Вљаши стана претседателка на Советот на Општина Струга. Физичката попреченост не ја спречи да дојде на оваа функција.
„Секогаш јас мислам дека треба да се направат напори и да бидеш дел од политиката за донесување одлуки, без разлика колку како личност ќе имаш потешкотии понекогаш, какво што е македонското општество, каде лицата со попреченост не се многу вклучени. Така што, во овој процес јас мислам дека дадов максимум да ги застапам и да покажам пример дека ако им се даде можност на лицата со попреченост ќе бидат еднакви со сите другите граѓани кои сакаат да придонесат кон развојот на македонското општество,“
вели Арбреша Вљаши – претседателка на Советот на општина Струга.

Сепак, смета дека нејзиниот пример е вистинска реткост и дека луѓето со попреченост и натаму се политички маргиналци.
„Во програмите политичките партии навистина треба да измислат модел на инклузивност и реално онаа програма на победничката партија да може да се спроведе во текот на четирите години. Но, не знам колку сте имале можност да видите, во последните парламентарни избори во програмите ниту една страница немаше за тој дел, начинот како ќе се направи оваа инклузија со лицата со попреченост“,
рече Вљаши.
Нејзиното искуство покажало дека во државава толку малку се води сметка за пристапноста на објектите и начинот на организирање на настаните, што е речиси невозможно кандидат со попреченост да се носи со динамиката на една изборна кампања.
„Некогаш помислуваш дека ти им пречиш во динамиката, дека ти не можеш да бидеш толку брз колку што се тие. Па така, најверојатно на индиректен начин се поставуваш во неповолна позиција дека ти можеби не си на тоа ниво на кое треба да бидеш за да бидеш дел од политиката“,
додаде таа.
Но, вели, општеството се развива од незадоволните луѓе.
„Мора да бидат поактивни и мора да се организираат и да бидат појасни и поконкретни што сакаат. Никогаш да не се задоволуваат со личниот профит или позиција бидејќи како единка во овој момент не можат да го пробијат овој стереотип или препреки што се во нашето општество“,
смета Вљаши.
Дека луѓето со попреченост биле подложени на дополнителна стереотипизација, па и дискриминација, е заклучок и на длабинската анализа за кампањата и рекламирањето на интернет-порталите на последните парламентарни избори. Документот го изработија меѓународната фондација за изборни системи ИФЕС и фондацијата „Метаморфозис“, со поддршка од владата на Обединетото Кралство.

Експертите посочуваат дека лицата со попреченост ги немало во онлајн политичкото рекламирање, кое патем на партиите им го плаќа државата. Не биле доволно застапени и во политичкиот наратив и медиумскиот третман на изборните теми, а кога тоа се случувало, биле третирани како пасивни општествени чинители.
„Всушност, согледавме дека вообичаено за овие лица зборуваат некои трети лица. Можеби се тоа претставници на граѓанскиот сектор или ќе се споменат од политичките актери. Меѓутоа, ретко кога им се овозможува нивниот глас да дојде до израз, а со самото тоа да дојдат до израз и нивните потреби и очекувања, како од политичките така и од општествените процеси“,
вели Марина Тунева – експертка за медиуми и социјална инклузија.

Ранливоста на луѓето со попреченост била користена за давање ветувања за подобрување на институционалната рамка, социјалната положба и потребната инфраструктура.
„Мошне често за нив се зборува низ призмата на нивната позиција како лица на кои им е потребна помош, кои на некој начин треба да бидат заштитени и низ рамката на некакви ветувања во смисла на ветувања за подобрување на инфраструктурата за полесен пристап до некакви објекти, за подобрување на медицинската заштита итн. Споменувањето на нивните потреби е во ред, меѓутоа кога продолжува тоа да се прави на начин што е повторно исклучувачки и несеопфатен, нетемелен и несистематичен, тогаш навистиона е проблематично“,
смета Тунева.
Со оглед дека парите за политичкото рекламирање се обезбедуваат од државниот буџет, експертите сметаат дека политичките партии при рекламирањето и медиумското претставување треба да го имаат предвид јавниот интерес. Тоа значи дека наративот треба да биде вклучувачки, а не маргинализирачки.
„Во делот на регулативата потребни се промени што ќе значат поголема интеграција и инклузија. Тоа би можело да се направи преку интервенција во Законот за финансирање на политичките партии, при што на политичките партии би им било наметнато да бидат потранспарентни во доделувањето на средствата во медиумите и во поттикнувањето на таквиот тип наратив, а и потранспарентни во начинот на кој се трошат тие средства за инклузивност во општеството. Па така, како што ќе поднесуваат извештаи, како што се очекува од овие субјекти, така да бидат отчетни и во овој дел“,
вели таа.
Па, составивме листа од три прашања за политичките партии. Гласеа вака:
1. Зошто немавте ниту една онлајн-реклама за изборите со која им се обраќате на лицата со попреченост?
2. Како, за време на последните избори, покажавте дека лицата со попречености ви се важни како гласачи?
3. Во пресрет на локалните избори, дали како партија може да ветите дека ќе ги вклучите лицата со попреченост и во рекламите и во трката за функции?
Прашањата ги испративме по електронска пошта до ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и коалицијата „Вреди“. Дополнително, се јавивме кај лицата задолжени за односи со јавноста – дека сме им испратиле прашања и дека имаат неколку дена да ни одговорат. Ништо не помогна. Не добивме повратно ниту една реченица од ниедна од партиите.
Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ предлага партиите да се мотивираат за вклучување на луѓе со попреченост во изборните процеси преку измени во Законот за финансирање на политичките партии.
„Секоја партија би била задолжена за локалните и за парламенатрните избори да има на листа по три лица со попреченост. Ако партијата има толку лица на листите, да добива дополнителни средства од државата кои би ги користеле наменски. Тие средства би се користеле за подготовка на нивни пристапни интернет-страници, местата каде што ќе одржуваат настани да бидат пристапни, нивните канцеларии да бидат пристапни, нивните материјали за кампања да бидат според стандардите за пристапност“,
вели Благица Димитровска – здружение „Инклузива“.

Предлогот предвидува и санкции.
„Ако некоја политичка партија нема застапено вакви лица, да добива пет проценти помалку од досегашните средства што ги добива од државата за кампања“,
вели Димитровска.
Но, за измени на Законот за финансирање на политичките партии одлучуваат партиите во Собранието – истите од кои не добивме ниту еден одговор на прашањата за платеното политички рекламирање и лицата со попреченост. Па, освен апелите на засегнатите, најголема форма на притисок се обврските кои партиите преку Собранието веќе самите ги презеле – како Конвенцијата на Обединетите нации за правата на лицата со попреченост. Тука е и Европската стратегија за попреченост за периодот од 2021-2030 година која важи за сите земји членки на Унијата, клуб кон кој се стреми земјава.
Со овие меѓународни документи се бара државите да им ги гарантираат политичките права на лицата со попреченост и да им овозможат нивно остварување на еднаква основа со останатите граѓани.
Локалните избори во Македонија треба да се одржат во октомври годинава – часовникот отчукува за партиите и државата да покажат демократски капацитет.