„Во однос на тоа со која брзина се движат овие процеси, јас најбрзо очекувам да заврши судењето за тројцата полицајци коишто се обвинети за злоупотреба на службената положба и овластување“, оценува новинарот на БИРН, Васко Маглешов, во разговор за „360 степени“ на едногодишнината од пожарот во „Пулс“ во Кочани
Тој смета дека „обвинителството излезе со една многу растеглива теорија на случај којашто многу тешко ќе ја докаже во суд, особено во делот – не со првообвинетите, туку со оние коишто се малку погоре на листата на обвинети“
360°: Колега Маглешов, го следите случајот „Пулс“ низ правосудните органи од неговиот почеток, со очи коишто во себе имаат искуство од 15-тина години во професијата. Од вашето искуство и од она што го гледате во судницата тука во Идризово, каква e динамиката на овој случај и кога очекувате, односно дали очекувате да се задоволи ветувањете за брза и ефикасна правда?
Маглешов: Во овој случај, со оглед на тоа што имаме четири активни обвиненија и една отворена истрага, ми се чини дека ќе добиеме правда на рати, односно ќе добиеме предмети коишто се судат, односно да речам се правораздаваат со различна брзина. За да ви одговорам целосно на прашањето, би сакал да се вратам еден чекор назад и да ги аспектирам брзините со коишто се водеа истрагите за да се дојде до фаза на судење. Овој голем предмет којшто се суди овде во судницата во Идризово со 35 обвинети и уште три фирми, се водеше, односно истрагата таму заврши за неполни три месеци и го водеа 13 обвинители. Предметите коишто се однесуваат за полицајците, таму имаме три обвиненија, ги работеше само една обвинителка и истрагите траеја вкупно десет и пол месеци. Да ве потсетам дека имаме една активна истрага којашто се води во кочанското обвинителство за даночните инспектори, којашто беше отворена дури во ноември минатата година и до денес немаме информација што се случува со неа. Во однос на тоа со која брзина се движат овие процеси, јас најбрзо очекувам да заврши судењето за тројцата полицајци коишто се обвинети за злоупотреба на службената положба и овластување, бидејќи во записниците коишто биле правени за прекршоци во дискотеката, не ги внесувале правилно податоците и на тој начин овозможиле дискотеката и натаму да работи.

360°: Да се вратиме на овој процес. Која е вашата проценка, со оглед на динамиката на насрочување на рочишта, на изведување на сведоци и докази, кога би можеле да очекуваме првостепена пресуда?
Маглешов: Неблагодарно е да се лицитира со рокови, особено затоа што обвинителството веќе еднаш ја скрати листата на докази, сега најавува второ кратење на листата на докази, не знам на што се должи тоа, веројатно на проценката со која динамика оди процесот. Меѓутоа, со оглед на тоа што засега имаме околу 25 сведоци поминати, уште толку коишто треба допрва да сведочат, овде ги ставам и сведоците на одбраната коишто воопшто не стигнале да почнат да сведочат и секако вештачењата, моите очекувања се дека до крајот на годината ние ќе имаме најмалку доказна постапка во овој голем предмет во којшто практично ќе се вкрстуваат оружјата на обвинителството и на одбраната, поврзани со сведочењата, меѓутоа и материјалните докази. Да ве потсетам само дека три рочишта досега беа одложени, останатите се одржуваа со некоја умерена динамика, меѓутоа судот одлучи да суди до 15 часот, до крајот на работното време, со еден до два исклучоци, иако може да суди и по работното време. Односно се закажуваат во просек по четири до пет рочишта во текот на месецот, што е би рекол некоја умерена динамика. А во однос на тоа кога би можело да се очекува првата пресуда, да речам оптимистично е тоа да биде следната година, меѓутоа тоа е моја прогноза врз основа на досегашната динамика на судење.
360°: Земјава има неколку искуства со вакви мега-предмети. Се разбира, ниту еден не може ни приближно да се спореди по последиците. Во некои од тие случаи правосудниот систем потфрли, во некои се покажа подобро. Дали би можеле да направите споредба како се одвива овој мега-предмет споредбено со други од минатото, меѓу коишто можеме да ги спомнеме „Диво насеље“, „Змиско око“, секој со различни исходи и динамики.
Маглешов: Мојот впечаток е дека овој процес ќе се одвива малку побрзо од останатите мега-процеси коишто ѝ се познати на јавноста, поради огромното медиумско внимание, огромниот број жртви и напорите коишто ги вложуваат особено еве и странките за тоа да се одвива побрзо. Станува збор за предмет во којшто имаме повеќе аспекти, меѓутоа за да ви одговорам на прашањето, би сакал да посочам дека така е конструирана теоријата на случајот во овој предмет, што практично е доста комплексен на ниво на правна теорија, не толку во делот на можеби изведувањето на доказите. Оттука гледано очекувам, сепак, да ја добие потребната динамика повеќе во наредниот период, бидејќи во март и април веќе се закажани уште по шест рочишта. Но, ми се чини дека нема да ја доживее судбината на „Змиско око“ особено бидејќи тоа беше предмет што се судеше 15-20 години и на крај заврши неславно како што заврши. Очекувам овој предмет да биде поинаков.
360°: Самите ја спомнавте стратегијата на обвинителството. Таа, меѓу другото, значи да се обвинат поголем број луѓе за исто кривично дело кои придонеле за случувањето на една иста последица, независно од работите коишто ги презеле или не ги презеле во еден подолг временски период од 13 години. Како вие лично цените дека му оди на обвинителството во докажувањето на теоријата на случај?
Маглешов: Моето долгогодишно правосудно набљудување, барем од она што јас го знам и го познавам и се разбира контактите што ги имам и со професори по право, ми укажува на фактот дека обвинителството излезе со една многу растеглива теорија на случај којашто многу тешко ќе ја докаже во суд, особено во делот – не со првообвинетите, туку со оние коишто се малку погоре на листата на обвинети, тоа се првенствено функционери од Министерството за економија, Пазарниот инспекторат итн. Досегашните сведочења претежно се фокусираат на кобната вечер и многу малку, само во еден дел, се однесуваат на обезбедувањето на објектот. Засега нема, да речам, сведоци коишто изнесуваат некакви факти и околности коишто директно се поврзани со одговорноста на пониско обвинетите иако тие се сите еднакво обвинети за ова кривично дело. Ми се чини дека обвинителството требаше, сепак, да оди со друга теорија на случај, ако имаше застареност на кривичното гонење за дел од обвинетите тоа да го констатира и да се гонат оние коишто реално имаат директна инволвираност односно одговорност за кобната вечер. На тој начин процесот ќе завршеше побрзо, ќе имаше побрза судска постапка којашто во крајна линија ја очекуваат и семејствата на жртвите, меѓутоа и сите граѓани на државата.
360°: Веќе споменавме дека покрај овој предмет, имаме уште четири други предмети, сите во различни фази. Интересно е што меѓу предметите за полицајците имаме предмети каде полицајците се товарат за различни кривични дела во еден предмет, различни кривични дела во друг предмет. Како искусен набљудувач, зошто мислите дека е тоа така и нели е во мала контрадикторност со обидот на редовното обвинителство да го води овој предмет што веќе е во тек за едно кривично дело против сите?
Маглешов: Тоа е прашање за новиот државен обвинител. Веќе има формално истакнати барања од адвокатите да направат ревизија на водењето на постапките бидејќи вие имате еден орган, тоа е Јавното обвинителство и две различни теории на случај. Она што јас сметам и сум убеден е дека обвинителството за организиран криминал одигра многу помудро и направи три различни обвиненија бидејќи оцени, на пример, дека согласноста за паркинг, односно дали требало да има 20 места, биле пополнети или не, не е директно поврзана со настанувањето на пожарот. И токму затоа обвинителството одлучи тие обвинети полицајци да ги гони за злоупотреба на службената положба и овластување, а не како директни причинители за таа тешка последица којашто се случи на 16 март. Оттука сметам дека теоријата на обвинителството за гонење организиран криминал и корупција во којашто имаме три постапки, три обвиненија, е различна и во таа смисла оправдана и јас очекувам дека можеби правда побрзо ќе добиеме за полицајците коишто се обвинети во овие предмети отколку за овој предмет каде што се обвинети 35 луѓе.
