За случајот за напад на Ром во Битола, за кој денеска се протестира, полицаец е неправосилно осуден на една година казна затвор за сторено кривично дело малтретирање при вршење служба
Повеќе ромски здруженија во моментов се пред Кривичниот суд во Скопје каде го започнуваат протестот најавен како „Марш за правда“.

Протестот е организиран од невладината организација „Аваја“, а е поврзан со случајот во Битола од минатиот септември, кој беше снимен и објавен на социјалните мрежи, а каде се гледа како полицаец физички напаѓа Ром пред Поштата во градот, откако возачот под дејство на алкохол предизвикал сообраќајна несреќа и агресивно се однесувал кон полицијата.
За случајот полицаецот е неправосилно осуден на една година казна затвор за сторено кривично дело малтретирање при вршење служба.

„Правда за Битола“ скандираат присутните пред Кривичниот суд, каде се уште се собираат демонстранти од повеќе градови низ земјава.
„Пресудата за прв пат одредува затворска казна од една година за полициска бруталност. Очекуваме Апелациониот суд да ја потврди пресудата и таа да стане правосилна. Ние ќе го следиме овој случај. Ќе следат дополнителни маршови и протести доколку пресудата се преиначи. Ќе бидеме поддршка за секој Ром или Ромка што се соочува со полициска бруталност“,
порачаа организаторите, додека присутните скандираа „Сакаме правда“.
Минатата недела пак, независниот полициски синдикат и Независниот синдикат на затворската полиција и администрација одржаа мирен протест на Широк Сокак и битолските улици и побараа ослободителна пресуда за полицаецот Гоце Петковски, укажувајќи на низа пропусти во постапката.
Според синдикатите, на Петковски му е изречена казна која го доведува во опасност моментот на идни интервенции на полицијата и најавија иницијатива за измени на Законот за кривична постапка за полициските лица вработени во Министерството за внатрешни работи.