Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ обвини дека Кастриот Реџепи е киднапиран, а на пратеници од СДСМ, како што рече, денеска им биле одземени телефоните и биле чувани во одредени простории за да не можат да излезат и да комуницираат
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ и потпретседател на партијата, Александар Николоски, пред малку во изјава за медиумите објави дека пратениците од оваа партија заминуваат од Собранието и нема да чекаат да се продолжи седницата за иницијативата за гласање недоверба на Владата.
Николоски повторно ја обвини власта за киднапирање на пратеникот од Беса Кастриот Реџепи, кој денеска не се појави во Собранието со што не се обезбеди кворум за седницата.
„Ние имавме уште еден витешки ден, но од другата страна имавме уште еден ден кој ќе остане запишан на црните страници на македонската историја, затоа што денес во Македонија се погази демократијата. Денес во Македонија беше киднапиран пратеник, денес во Македонија видовме како режимот на власт се трансформира во најкриминоген режим на просторот на Европа. За тоа ќе има одговорност многу побрзо од тоа што мислат“,
рече Николоски вечерва.
Тој обвини дека освен што пратеникот Реџепи е киднапиран, на пратеници од СДСМ, како што рече, им биле одземени телефоните и биле чувани во одредени простории за да не можат да излезат и да комуницираат.
Тој повтори дека единствено најдобро и наједноставно решение за оваа политика, безбедносна, здравствена и енергетска криза се брзи предвремени избори во најкус рок.
Коментирајќи ја видеоизјавата на Реџепи на Фејсбук, Николоски рече дека тој на таа снимка направена со телефон изгледа блед и со подочници, што според него е доказ дека тој е некаде против своја волја.
„Пријави неговата пратеничка група и чекаме полицијата да се произнесе. Не сме сигурни во она што го кажува. Ако мислеше дека Владата треба да остане, требаше да дојде да гласа. Но, да се крие цел ден, да не може да го добие никој од неговото семејство? Видеото е со телефон на бел ѕид, блед, со подочници, неспиен“,
рече Николоски кој го повика и претседателот на државата да реагира на ова, кого го обвини дека, како што рече седи во нечиј скут.
Николоски очекува Реџепи да биде ослободен после полноќ кога ќе заврши рокот за гласање, но речче дека можат и сега да го ослободат, бидејќи најави дека пратениците од неговата партија си заминуваат вечерва од Собранието.
На новинарско прашање дали ќе ја повлечат иницијативата, Николоски рече дека нема и дека оставаат на власта да одлучи што ќе прави вечерва.
За изјавата на лидерот на Левица Апасиев, кој повика на радикализација на методите на дејствување на опозицијата со протести и блокади, Николоски само повтори дека тие се за брзи предвремени избори, а не ја отфрли можноста ни за лидерска средба.
Најави дека утре и задутре ќе заседаваат партиските органи и ќе разговараат со партиите од коалицијата и парнерите. За денешните настани ги информирале странските претставници во земјава, а рече дека се во редовни комуникации со стратешките партнери ЕУ и САД.
–