Германскиот министер за Европа, Михаел Рот, се солидаризираше со позицијата на канцеларката Ангела Меркел – дека треба да му остави доволно време на Бундестагот за да одобри почеток на пристапни преговори со С. Македонија. Рот, кој е од Социјалдемократската партија (СПД), претходно неколкупати изјавуваше дека преговорите со С. Македонија и со Албанија треба да започнат веднаш. Германскиот министер се надева дека одлуките ќе може да се донесат најдоцна во октомври оваа година.
Еве ја интегрално изјавата што Михаел Рот ја даде пред почетокот на состанокот на Советот за општи работи на ЕУ во Луксембург:
„Европската унија има посебна одговорност за безбедноста, стабилноста и мирот во целата Европска унија. Затоа за нас Стратегијата за проширување на Европската унија и натаму е од особено значење. Денеска ќе разговараме за Извештаите на Европската комисија. Притоа посебна улога има позитивниот развој во Северна Македонија и во Албанија. Пред една година, исто така, овде во Луксембург на двете земји им дадовме домашни задачи. Од моја гледна точка домашните се завршени. Северна Македонија згора на тоа напиша и историја со Преспанскиот договор. Тоа е пример за храброст и подготвеност за помирување. Конфликт што траеше речиси 30 години беше решен и тоа треба да го земеме предвид. Европската унија не смее да го изгуби својот кредибилитет. Нашата позиција е што е можно побрзо да водиме разговори со нив со цел да се отворат претпристапните преговори. Тоа е почеток на долги и тешки преговори, но се работи за веродостојноста и за тоа да ги стабилизираме демократијата, правната држава и слободата на говорот во тие земји и без Европската унија тоа нема да функционира.
Зошто Германија уште „кочи“ токму за Македонија и покрај јавните демонстрaции на пријателство?
Воопшто не се работи за јавно демонстрирано пријателство туку извештаите за напредокот беа претставени многу доцна. Нам ни е потребна согласност од германскиот Бундестаг. Бундестагот од своја гледна точка досега имал премалку време за соодветно да се посвети на извештаите. Можам да разберам дека има и критички прашања од другите партнерски земји, но ние ќе мора да му го дадеме потребното време на Бундестагот. Таква обврска имам како претставник на владата. Но, се надевам дека брзо потоа, најдоцна во октомври, ќе дојдеме до позитивна одлука.“