„Апелирам до граѓаните да бидат внимателни за да не предизвикаат пожар и воедно да го пријават секое сомнително однесување“, изјави директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов
Во Македонија има најмалку пет активни пожари на отворено, информираше директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов во неговата најнова изјава снимена попладнево.

Тој додаде дека од нив, два се потешки пожари. Едниот е на териротија на Општина Македонски Брод во повеќенаменското подрачје „Јасен“, за кој рече дека со денови е активен и за чие гаснење се користат сите расположливи ресурси.
„Таму, денска рано наутро, со дејство почнаа 30-тина припадници на специјалните единици на Армијата, Волци и Ренџери. Исто така, присутни се екипи на Национални шуми, екипи на ЈП „Јасен“, како и екипи на противпожарната бригада на Град Скопје. Иако вчера воспоставивме делумна контрола врз овој тежок за гаснење пожар, рано утрово добив фотографии на кои се гледа дека кракот што е долу во долот, под асфалтиварниот пат, повторно е разбуден и гори. Стратегијата е, на следното место каде што има ниска вегетација, односно карпест гребен, пожарот да биде пресретнат и да биде запрен“,
рече Ангелов.
Ангелов изрази надеж дека во текот на денот овој пожар може да биде запрен и ставен под делумна контрола.
Вториот тежок пожар е во Општина Јегуновце, во атарот на селото Јажинце. За овој пожар Ангелов рече дека неколкупати е ставан под контрола, но повторно се разгорува.
„Вчера овој пожар беше изгаснат целосно. За жал, некаде по настапувањето на ноќта тој се разбуди и покрај тоа што со пешадиско гаснење, некаде по полноќ, до два-три часот наутро, успеавме да изгасиме една линија долга околу еден километар. Сепак утрово повторно се разбуди кракот што гледа кон Шар Планина“,
вели Ангелов.
Тој смета дека овој пожар и натаму е закана за населените места во тој регион. Додаде дека на патот кон Јажинце поставени се надлежни екипи подготвени да дејствуваат ако огнот повторно се приближи до патот.
Според Ангелов, вториот активен крак од овој пожар се движи кон Скопје, поточно кон селото Дворце, но и таму има надлежни екипи што работат на гаснење на кракот.
За останатите три пожари рече дека се тековни, какви што ги има секојневно. Сепак, тој очекува до крајот на денот бројот на пожари на отворено да се искачи на дваесеттина бидејќи такво е искуството од вчерашното попладне.
„Апелирам до граѓаните да бидат внимателни за да не предизвикаат пожар и воедно да го пријават секое сомнително однесување“,
рече тој.