На снимката се гледа интервенцијата на пожарникарите кои се обидуваат да ги извлечат луѓето од балконите и прозорците
Најмалку десет луѓе ги загубија животите во текот на ноќта во голем пожар во хотел со казино на границата меѓу Камбоџа и Тајланд, за време на празничната сезона на крајот на годината. Во пожарот што избувна околу 23:30 часот (17:30 по средноевропско време) во казино хотелот „Гранд Дајмонд Сити“ во западниот камбоџански град Појпет, „десеттина луѓе загинаа, а 30 се повредени“, се вели во извештајот на камбоџанската полиција.
На снимката се гледа интервенцијата на пожарникарите кои се обидуваат да ги извлечат луѓето од балконите и прозорците. Пожарот целосно ја зафатил хотелската зграда со неколку ката и преминот меѓу двете згради. Повредените се испратени во болница во соседната тајландска провинција Са Кае.
Мобилизирани се и тајландски пожарникари. Еден член на тајландскиот спасувачки тим изјави дека пожарот брзо се проширил поради теписите на подот.
Околу 400 луѓе се вработени во хотелот „Гранд Дајмонд Сити“, соопшти полицијата во Камбоџа. Во моментот на пожарот во зградата имало странски државјани, пишуваат локалните весници. На граѓаните на Камбоџа, една од најсиромашните земји во Азија, им е забрането да се коцкаат во казина.
Во август, во пожар во дискотека во близина на Патаја, Тајланд, загинаа 26 лица, главно млади луѓе кои дојдоа да се забавуваат. Еден месец подоцна, 32 лица ги загубија животите во пожар во караоке бар во предградието на градот Хо Ши Мин, Виетнам.