Командирот на територијалната противпожарна единица Крива Паланка, Иле Коцевски, вели дека сите екипи се на терен и оти е повикана помош и од општина Ранковце, каде што има активен пожар во село Милутинци, а на терен се и екипи од Јавно претпријатие „Македонски шуми“ и голем број месно население

Голем пожар избувна во близина на населеното место Лозаново, Општина Крива Паланка, а градот се соочува со една од најголемите огнени стихии во последните неколку години, информира градоначалникот Сашко Митовски во видеообраќање преку својот фејсбук-профил.
Митовски во видеото апелира на смиреност кај населението и вели дека е потребно вклучување на државна помош.
„Пожарот е на локација на населено место Лозаново и од она што можам да го заклучам градот се наоѓа под најголема огнена стихија во последните неколку години. Апелирам и алармирам за смиреност во оваа состојба, но истовремено апелирам за помош од сите соседни општини и државна помош вклучувајќи ја целата државна механизација што е на располагање“,
вели Митовски.
Тој додава дека постои опасност за населеното место Лозаново и за домовите на жителите.
Според информациите што ги пренесува МИА, во населбата Лозаново и село Градец во Крива Паланка, избувнати се три шумски пожари кои поради силниот ветер се шират и се приближуваат кон домовите на граѓаните.
Командирот на територијалната противпожарна единица Крива Паланка, Иле Коцевски, вели дека сите екипи се на терен и оти е повикана помош и од Општина Ранковце, каде што има активен пожар во село Милутинци, а на терен се и екипи од Јавно претпријатие „Македонски шуми“ и голем број месно население.
„Една од најновите дојави е дека неколку куќи во селото Градец се изгорени“,
вели Коцевски, пренесува МИА.
Митовски упати апел да се вклучат сите оние што може да дојдат и да помогнат во спречување на ширењето на пожарот.
„Општината е зафатена од сериозни пожари што се шират со голема брзина и претставуваат закана за домовите и безбедноста на нашите сограѓани. Огнената стихија се приближува до населеното место Лозаново. Ги повикуваме сите граѓани што имаат можност и подготвеност – да се приклучат и помогнат во локализација и гасење на пожарите. Секоја помош е од непроценливо значење – и секој човек значи разлика“,
велат од локалната самоуправа во објава на Фејсбук.
Во последниот извештај на Центарот за управување со кризи (ЦУК), кој се однесува за период до 13 часот, нема информација за активен пожар во Крива Паланка.