Во пожарот кој избил вечерва зафатена е висококвалитетна борова шума
Пожар изби над туристичка населба Абланица во Беровско кај месноста Гарваново Андак. Според Центарот за управување со кризи (ЦУК), во пожарот кој избил вечерва зафатена е висококвалитетна борова шума.
Поради новонастанатата состојба, градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски, вечерва преку објава на Фејсбук упати апел до граѓаните да се вклучат во гаснењето на пожарот.
„Доколку во најскоро време не се стави под контрола, може да биде фатално, поради густата борова шума која ја има во овој дел. Потребна е помош за гаснење на пожарот, па се молат сите кои се во можност активно да се вклучат во гаснењето на пожарот, заедно со нашите пожарникари“,
пишува градоначалникот на Берово во фејсбук-објавата.
Пекевски додава дека целиот тим на противпожарната бригада на Берово е на терен, а во гаснењето помагаат тимови на подружницата на „Национални шуми“ од Малешево и Пехчево.