Локалните еко-активисти, од кои еден е и независен советник во Општина Ново Село, тврдат дека се гради топилница која може да загрози извори за вода и река. Дополнително, тврдат дека изведувач на градбата е таткото на градоначалникот. Еко-активистите до сега се бореа и против отворање на рудници во Струмичката котлина
Компанијата инвеститор и градоначалникот, тврдат дека не се гради топилница туку хала за производство на алуминиумски одливци. Ниту ќе се користела вода во процесот, ниту пак ќе имало отпадни води. За фирмата на татко му, градоначалникот Божинов потврдува дека градела една фаза од објектот, но дека тоа нема никаква врска со него
Ниту во уметноста, ниту во реалноста, тутунот не е лесен за работа. Напротив. Но, во општината Ново Село веќе има страв дека ќе останат без него дури и кај оние на кои цел живот им прави мака.
„Ние видовме кога почнаа да ја градат. После кога почнаа да работат, викаат таа ќе биде за фабрика за картони. А сега, пред месец-два дека нема да било за картони туку за топење алуминиум. А тоа ќе одело во реката“,
велат граѓани на селото Самуилово.
„Ама тоа, не е баш хигиена нели? Ни за водата не е хигиена, ни за животни, ниту за ништо…“
потенцираат тие.
„И блиску е реката. Таму ќе оди. Сигурно отпадот ќе оди таму…па сме стари, не разбираме, ама па нешто знаеме…“,
ги раскажуваат стравовите жители на селото Самуилово.
Капaцитетот кој се гради е непосредно покрај регионалниот пат кој води до селото Смолари или познатите Смоларски водопади.
На 50 метри од реката Струмица и на 500 метри од селото Самуилово, леарница или топилница за алуминиум, овој објект се гради под полна пареа.
Однадвор се чини готов делот кој наликува на хала, а привршува карабината на делот кој наликува дека ќе биде наменет за канцеларии. Ја нема задолжителната информативна табла што, кој и по кое одобрение гради.
До веродостојни информации вели дека се обидува да дојде и Костадин Ристоманов, советник во општината Ново Село од независната листа на еко-активистите „Стига е“. Во потиснувањето на темата, алудира Ристоманов, учествува и градоначалникот Ѓорѓе Божинов.
„На последната седница градоначалникот во неговите предлог измени за точките на дневен ред инсистираше прва точка да бидат советнички прашања. Зошто? Затоа што виде дека ме нема, знаеше дека сум во Германија… Плашејќи се да не дојдам јас при крајот, прва точка реши да бидат советнички прашања“,
изјави советникот во О.Ново Село, Костадин Ристоманов.
Информациите до кои успеал да дојде Ристоманов вели дека се загрижувачки.
„Откривме дека тој начин на производство, на рециклирање на стар алуминиум, подразбира употреба на хемикалии коишто се многу токсични, кои многу загадуваат. Откривме дека тие алуминиумски отпадоци ќе имаат бои, гуми, пластика коишто ги горат заедно со алуминиумот. Откривме дека ладењето на легурите ќе биде од реката до нас и после испуштањето на тој отпад пак ќе биде таму“,
додава Ристоманов.
Затоа, прашува тој, како од сите можни парцели, објектот се гради на неколку метри од бушотината за водата за жителите на Ново Село.
„Најстрашно е киселините коишто се користат. Високо токсични киселини кои се користат при тој процес. Како и да е, тие киселини ќе влезат во почвата, ќе влезат во водите и ќе се измешаат со оваа вода од која ние го снабдуваме Ново Село со вода. Кој е тој паметен или будала кој дозволил таков објект во таа близина и плус на реката и плус на бушотината? Зарем толку немаме ние непристапни места кај што можел таков објект да се смести?“,
прашува еко-активистот и советник во О.Ново Село.
Против фабриката се и други активисти од организациите „Еко долина“, „Стига е“ и други, кои се бореа и против рудниците во Иловица и Штука. Сепак, Ристоманов е најистакнат, бидејќи доби советничко место на последните избори.
Но, проминентноста веќе му се заканува со непосакуван „дар“. Првиот човек на Општина Ново Село, градоначалникот Ѓорѓе Божинов, му најавува судска постапка.
Вели, сите постапки за градбата се во законските надлежности и норми.
„Најпрво сакам да расчистиме за зборот „топилница“ кој е многу тежок термин којшто го користат таа очајна група опозиционери коишто ме напаѓаат. Не се работи за топилница и јас се уште стојам на ставот дека никаква топилница нема да дозволам да има потенцијално доколку некогаш би имало ризик од загадување. Се работи за тежок термин којшто тие во јавните настапи го користеа и еве сега веќе се отпочнати судски постапки на кои тие ќе треба да дадат свои одговори, да го одбранат тој став“,
изјави градоначалникот Божинов.
Тој потенцира, вистинскиот назив на објектот е Хала за производство на алуминиумски одливци. Целата галама, додава, е поттикната не од граѓаните туку токму од, како што ја нарекува – маргинализирана група опозиционери.
Но, едно од прашањата што таа група му ги поставува е за потенцијалниот судир на интереси. Објектот за кој градоначалникот дал дозвола за гради, го изведувала фирмата на неговиот татко.
„Се работи за фирма која егзистира скоро три децении на македонскиот пазар и е еден вид странска инвестиција, затоа што мојот родител се има вратено од успешна работа во странство за да инвестира и да работи овде. Има изградено во регионот и на Балканот неколку стотици објекти и за предметната градба има изградено само еден дел од градежните работи, но неговиот ангажман е завршен. Тоа што бараат инвеститорите фирмата го има завршено и си има продолжено на други објекти кои се 15-20 тековно. И во наредните фази веќе се наоѓаат други изведувачи. Не гледам што е спорно тука“,
вели градоначалникот на О.Ново Село.
На прашањето, дали семејната компанија која работела на проектот е истата компанија која своевремено ја менаџирал, Божинов одговори негативно.
Градоначалникот тврди дека тој издал одобрение за изградба на објект врз основа на Решение по барање за одобрување на Елаборат за заштита на животната средина за проектот Хала за алуминиумски одливци издадено од Министерството за животна средина за време на претходната влада. Елаборатот на инвеститорот „Екоинженеринг – НС“ му е одобрен на 29 септември минатата година, при што управата за животна средина утврдила дека нема да има значителни влијанија врз животната средина.
Го контактиравме и Инспекторатот за животна средина, кој го посетил објектот во април годинава. Ни одговорија дека засега се е во согласност со одобренијата и најавија нова контрола.
„Ве известуваме дека со започнување на работа производство на алуминиумски одливци – легури Државниот инспектор за животна средина ќе утврди дали работат согласно технолошкиот процес даден во елаборатот и дали се спроведуваат мерките дадени во елаборатот“,
се вели меѓу другото во одговорот.
„360 степени“ стапи во контакт и со инвеститорот, Никола Ѓорѓиевски. Тој ја одби поканата за интервју, но ни одговори писмено на поставените прашања.
„Во погоните кои се наменети за производство на полупроизводи и производи од алуминиум за прехранбена и автомобилска индустрија ќе се употребува чист премиум алуминиум со хемиска анализа од над 99% без никакви примеси на други материјали. Во производствениот процес, како што е опишано и во самиот елаборат, НЕ се користи вода. Самиот процес НЕ бара вода ниту пак создава отпадна вода. Процесот ќе биде исклучиво во рамките на производствената хала. Емисии на топлина – нема термално испуштање кое ќе влијае на животната средина. Енергијата која ќе се користи како во производствениот погон така и во административниот дел на објектот ќе бидат исклучиво на електрична струја и природен гас“,
се вели во одговорите кои ни ги испрати Ѓорѓиевски.
Зошто нема информативна табла? Ѓорѓиевски одговара – ја нарачал. Со или без неа, објектот наскоро ќе почне со работа. Така ни изгледаше и нам кога снимавме на терен.
Но, како што имаа слушнато и селаните, таму ќе никнат уште два објекти. Градежни зафати засега не се започнати. Единствено е познато дека инвеститорот има Решение по Елаборат од Министерството за животна средина и за индустриски објект за отпади од метал со преси и дробилници.