Битола, Кичево, Штип, Ѓорче Петров и Кисела Вода и Тетово се општините во кои тогашната Агенција за млади и спорт почна да гради базени, за вкупна цена од околу четири милиони евра. Требаше да бидат готови за 18 месеци. Само базенот во Тетово е изграден и пуштен во употреба
Другите базени не само што не се готови, туку биле потпишувани и анекс договори со кои нивната вредност пораснала за стотици илјади евра и пак не се завршени. Претходниот надзор констатирал и дека на терен работат фирми кои не се овластени, открија од невладината организација Центар за граѓански комуникации
Пред точно пет години во Кичево се удрија темелите за изградба на затворен базен.
„Рокот на изведба на пливачките базени е 18 месеци, но во разговори со изведувачите можеме да очекуваме и уште поскоро да бидат поставени овие пливачки базени“, изјави поранешниот директор на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски пред пет години.
Поминаа три пати по 18 месеци, но во објектот покрај основното училиште „Санде Штерјоски“ не може да се плива. Нема работници, нема табла со информација што се гради, а нема ниту чувари иако има налепници што го сугерираат спротивното.

Се обидовме и непречено влеговме и се прошетавме на градилиштето.
Овде се наоѓа недовршениот затворен базен чија изградба започна пред пет години, но веќе подолго време нема никаква градежна активност. Објектот постои, но е во лоша состојба. Градежен материјал е расфрлан наоколу, а работната механизација е исчезната. Првичниот рок за завршување беше октомври 2021 година, но овој рок беше пробиван неколкупати.
Заклучени беа барем вратите, па има надеж дека не е оштетено и она што е изградено внатре. Но, од целокупната слика, и на лаик му е јасно – има тука уште многу работа за да биде готово.

Колку време објектот е без обезбедување? Колку време нема работници? Се обидовме да дознаеме повеќе од локалното население. Никој од тие што ги прашавме не знаеше дека се гради базен.
Откако од нас разбраа за проектот, ги прашавме – дали очекуваат во догледно време да биде пуштен во употреба.
Според податоците од Бирото за јавни набавки, базенот во Кичево почна да се гради врз основа на тендер во кој беше предвидена изградба на уште пет други.
За базенот во Кичево, во конкуренција со повеќе понудувачи, победила фирмата „Енергоинвест трејд“ од Скопје, со понуда од 687 940 евра. Истата фирма ја добила изградбата на уште четири други базени, во Штип, Битола, Кисела Вода и Ѓорче Петров. Само за Тетово победила друга компанија – „Еуровиа“ од Желино. Вкупно, за шесте базени било планирано да се потрошат 3 968 2З8 евра.

За сите базени важат исти рокови – да се изградат за 18 месеци. Важноста на договорите, пак, престанува кога во целост ќе бидат исполнети правата и обврските, но не подоцна од четири години од потпишувањето. Тие четири години се поминати, а на интернет-страницата на Бирото за јавни набавки нема информација за анекс-договори.
Но, невладината организација Центар за граѓански комуникации дошла до дополнителни информации за базенот во Кичево, истражувајќи го целиот тендер.
Цената на градежните работи пораснала од околу 690 на 804 илјади евра со анекс договор склучен во 2023 година, кој не е објавен на интернет-страницата на Бирото за јавни набавки. Организацијата го открила, бидејќи при анализите се потпира на оригинална документација добиена по Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Од извештаите од надзорот, пак, откриле дека на изведувачот веќе му се исплатени 73% од договорените средства, иако биле завршени само 45% од градежните работи.
Или, заклучуваат од ЦГК во своето истражување, Агенцијата за млади и спорт решила да потроши повеќе државни пари прифаќајќи ги аргументите на „Енергоинвест трејд“ дека поскапеле материјалите. Но, во ниту еден момент, и покрај повеќекратно пробиените рокови, не се активирани заштитните клаузули.
„Во согласност со договорот, изведувачот бил должен да достави банкарска гаранција за квалитетно и навремено извршување на договорот во висина од 10 % од вредноста на договорот. Но, според достапните податоци, Агенцијата за млади и спорт, и покрај огромното доцнење, не ја активирала банкарската гаранција, ниту пак иницирала судски спор за неизградбата на базенот“, се вели во истражувањето на Центарот за граѓански комуникации
По Кичево, отидовме да го побараме базенот во Битола. Таму објектот се наоѓа во дворот на основното училиште „Даме Груев“.

За разлика од Кичево каде е видливо дека подолг период на терен нема градежни активности, во Битола во моментов се работи на внатрешниот дел – односно се поставуваат цевки и плочки. Иако не ни беше дозволен пристап во внатрешниот дел, лицата кои работат на објектот во неформален разговор не известија дека според очекувањата, базенот ќе биде функционален за два до три месеци.
Новите прозорци и врати се затворени за јавноста. Но, камерата успеа да сними што се случува внатре. Генерално, просторот изгледа посреден од оној во Кичево. Дел од битолчани знаат, дел не – дека во градот се гради базен. И во Битола, како и во Кичево, рокот е пробиван и продолжуван неколкупати, а за тоа нема јавно објавени анекс-договори. И тоа не е единствената сличност со Кичево.
Според податоците до кои дошол Центарот за граѓански комуникации, и базенот во Битола поскапел. Од почетните околу 705 илјади евра, на 815 илјади. И тој анекс-договор го нема на интернет-страницата на Бирото за јавни набавки. Во Битола се исплатени 74% од парите, што значително отстапува од процентот на завршени работи – 45%.

Ги проверивме и другите базени. Само во Тетово е изграден и е во употреба од 2022 година. Тој во Кисела Вода е во напредна фаза, а се гради и во Ѓорче Петров но таму има повеќе преостаната работа. Активно се работи и во Штип.
Една од причините за застојот на изградбата во последната година е тоа што во август 2024 истекол договорот за надзор над изградбата на објектите. Тој бил со важност од пет години, а е склучен во 2019 година. Па, се обративме кај „ЗИМ Македонија“, компанијата избрана да биде надзор над објектите што доцнат. Прашавме – зошто, според нив, не се изградиле објектите и дали имаат регистрирано сериозни нерегуларности. Одговор, не добивме.

Истовремено, се обративме и кај изведувачот „Енергоинвест трејд“. Нив ги прашавме – зошто не стигнале навреме да завршат ниту еден базен, кога примерот со Тетово покажува дека можело. И тие ги игнорираа нашите прашања.
Ни одговори Дарко Каевки, кој како директорот на Агенцијата за млади и спорт стави потпис на првичните договори и во чие време почна изградбата.
„Најповолниот економски оператор е избран на почетокот на 2020 година и камен-темелниците се поставени првите месеци од 2020 година. Со оглед дека овие базени имаа 18 месеци рок на изградба, а мојот мандат во Агенцијата заврши во средината на јули 2020, не би можел да Ви ги дадам конкретните одговори со оглед дека јас сум бил 3 или 4 месеци директор откако се започнати“, изјави Каевски.
Наследник на Дарко Каевски, од 2020 до 2024, беше Наумче Мојсоски. Стапивме во контакт и со него. Му испративме прашања како што ни побара, но до затворањето на оваа сторија не добивме одговор.
Правен наследник на Агенцијата е Министерството за спорт, со кое раководи поранешниот колега на Мојсоски од ракометната репрезентација, Борко Ристовски. Тој веќе објави дека целиот проект за изградба на базените е под ревизија.