Американскиот потпретседател Мајк Пенс денеска ја прими вакцината против коронавирусот, и тоа јавно, во директен телевизиски пренос од Белата куќа.
„Не почувствував ништо. Добро направено“,
рече Пенс кратко по приемот на вакцината.
Вакцината ја прими и неговата сопруга Карен Пенс.
На чинот на вакцинирањето на потпретседателот присуствуваа првите луѓе на американскиот здравствен систем: Ентони Фаучи, националниот експерт за инфективни болести, Роберт Редфилд, директор на Центрите за контрола и превенција на болести и Сима Верма, администратор на Центарот за медицинска нега и услуги.
Настанот се одржа во извршната деловна зграда Ајзенхауер, каде што лекарите од Националниот воено-медицински центар „Валтер“ Рид ја даваа вакцината.
Видео: Си-ен-би-си
Медиумите забележуваат и дека претседателот Доналд Трамп не го промовираше овој настан.
Пенс ја прими вакцината на „Фајзер“ и „Бионтек“, која засега е единствената која има дозвола во САД, но деновиве се очекува дозвола да добие и таа што ја развиваше компанијата „Модерна“.
Следната недела јавно ќе се вакцинира и новоизбраниот претседател на САД, Џо Бајден. Истото ќе го направи и новоизбраната потпретседателка, Камала Харис, но точниот датум ниту за неа ниту за Бајден засега не е познат.