Претседателот на Казахстан, Касим-Жомарт Токаев, прогласи двонеделна вонредна состојба во делови од земјата откако протестите поради поскапувањето на горивата прераснаа во насилство.
Тој ја прифати оставката на владата и за привремен премиер го назначи поранешниот вицепремиер Аликан Смаилов, јави Би-би-си.
Полицијата во Алмати, најголемиот град во земјата, вчера употреби солзавец за да ги растера демонстрантите кои во насилните протести палеа и возила.
Во видеообраќањето во вторникот, претседателот рече дека нападите на демонстрантите врз владините канцеларии биле „апсолутно незаконски“.
Тој прогласи вонредна состојба во Алмати и во западната провинција Мангистау, каде што се воведува ноќен полициски час и забрана за масовни собири.
Демонстрациите започнаа откако властите во земјата богата со нафта го укинаа ограничувањето на цените на течниот гас, што, пак, предизвика скок на цените на производите за широка потрошувачка.
Околу 1 000 демонстранти протестираа во Алмати во вторникот вечерта кога избија судири со полицијата.
Новинската агенција АФП јави дека неколку припадници на полициските сили за разбивање на демонстрациите се повредени.
Сепак, претседателот Токаев доцна синоќа на Твитер објави дека властите ќе ги намалат цените на горивата за да се обезбеди стабилност во земјата.