За можноста за одложување на пописот поради растот на бројот на новозаразени, од ДЗС укажуваат дека тие не можат да побараат или да дадат препорака за тоа и дека работат по утврден план и протоколи донесени од Владата
Попишувањето на вработените во дипломатско-конзуларните претставништва, припадниците на АРМ во странство, затворениците и бездомниците, или првата фаза од пописот, заврши, а целата операција ќе се спроведе успешно, за што гаранција се строгите протоколи, уверуваат од Владата.
Додека првата фаза заврши, процесот на самопопишување на дијаспората преку веб-апликацијата продолжува и надлежните уверуваат дека се одвива без проблеми и оти се отстранети сите технички проблеми. Заклучно со денеска, попишани се над 82 илјади наши сограѓани од странство. Најмногу од Швајцарија – 26 000, Германија – 19 000 и Италија со над 10 000. Од Владата апелираа уште еднаш дијаспората да се попише за што можност има до 21 април.
Од 1 па до 21 април, пак, треба теренски да се спроведе пописот на населението, домаќинствата и становите во земјава.
„Сите активности се одвиваат во насока на тоа дека пописот 2021 ќе се спроведе. Гаранција дека нема да има потреба од одлагање е строгиот протокол, којшто се запазува, како и соодветната обука на попишувачите и пописните тимови. Граѓаните и попишувачите ќе бидат заштитени. Целиот фокус на Владата е во таа насока“,
вели владиниот портпарол Душко Арсовски.
Сите одлуки, посочи Арсовски, Владата ги донесува врз основа на став на Комисијата за заразни болести, кој се разгледува на главниот Координативен кризен штаб, од каде што заклучоците одат на седница на Влада.
Во меѓувреме, во тек е третиот дополнителен повик за пријавување на попишувачи, кој е отворен до утре. Досега се завршени обуките на државните инструктори, кои заедно со комисиите на пописните региони ќе го организираат тестирањето на кандидатите кои се пријавуваат на дополнителниот конкурс за попишувачи.
На новинарско прашање што ќе се преземе доколку не се пополни бројката и на овој конкурс за попишувачи, Јасмина Ѓоргиева од Државниот завод за статистика (ДЗС) рече оти се сигурни дека ќе го имаат потребниот број попишувачи и оти ќе можат со полн капацитет да ги почнат пописните активности на 1 април.
„Третиот дополнителен повик за попишувачи е во тек, задоволни сме од одзивот во текот на вчерашниот ден и сигурни сме дека до сабота вечер, додека е отворен повикот, дека ќе го имаме потребниот број на попишувачи. Треба да напоменам дека уште на првиот повик за попишувачи ние го имавме потребниот број на попишувачи и реонски инструктори, но овие дополнителни повици за попишувачи се заради рамноправна распределба на попишувачите по реони и со почитување на правичната застапеност на сите етнички заедници и поради тоа што одреден број пријавени на првиот и вториот конкурс не се пријавија на тестирањето па ја користам можноста да ги повикам сите оние кои не се појавија на тестирање ќе имаат можност и сега да учествуваат на тестирањето“,
рече Ѓеоргиева.
Попишувачите ќе имаат можност да заработат хонорар и до 35 илјади денари и ќе бидат на терен од 1 до 21 април годинава. Најголем број од досега пријавените се студенти и невработени.
За можноста за одложување на пописот поради растот на бројот на новозаразени, Ѓоргиева од ДЗС укажа дека Државниот завод за статистика не е тој што може да побара или да даде препорака за тоа и дека работи по утврден план и протоколи донесени од Владата.
„Сè додека не се донесе некоја поинаква одлука, ние ќе ги почитуваме постоечките рокови што ни се зададени. ДЗС не е тој што треба да побара одложување, сепак, има надлежни инстанци кои ја оценуваат генерално состојбата во државата“,
изјави Ѓоргиева.
